Црна хроника
Уапсените во „Шпион“ шпионирале за политичката состојба во Македонија за соседна држава
Уапсените во полициската акција „Шпион“ оддавале класифицирани податоци и државни тајни на службите на една соседна земја, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но не сакаше да открие за која земја станува збор.
Поднесена е кривична пријава против 20 лица за злосторничко здружување, шпионажа, злоупотреба на службената положба, измама и уцена. Од вкупно 17 лица кои беа уапсени во понеделникот, двајца се ослободени, 15 се изведени пред истражен судија, а по тројца се трага. Ослободен е авторот на сатиричната серија „Еднооки“, Борис Дамовски и еден вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање.
Организатор на злосторничкото здружение, според МВР, бил Марјан Ефремов, братот на велешкиот обвинител Ивица Ефремов кој беше уапсен во полициската акција Ликвидација. По акцијата беше приведен и Ефремов, откако во неговиот дом беше најдено големо количество на оружје.
Ефремов го оранизирал злосторничкото здружение на почетокот од 2009 година, кога добил отказ од Агенцијата за разузнавање. Заедно со двајца тогаш вработени во Агенцијата за разузнавање, еден вработен во УБК и поранешен вработен во воената безбедност и разузнавање при министерството за одбрана го создале здружението и давале информации на странски служби за што добивале пари, патувања и подароци.
„Петмината за потребите на странски разузнавачки служби прибирале класифицирани податоци и документи со кои се сретнувале во текот на своето работење. Документите се однесувале за организациската поставеност внатрешната структуираност на безбедносните и други институции, податоци за политичката состојба на државата податоци за безбедносната состојба на државата, изборите, општата безбедносна состојба во државата од аспект на можни ризици и ескалации во предметниот период, програми и планови за престои на високи претставници од странски разузнавачки служби, имиња на лица кои биле во посета, податоци за лица кои биле опфатени со оперативна обработка, податоци за состојбите во верските заедници што се однесувале и на радикалните структури во Македонија и Албанија, за структурите кои ги финансираат и други информации“ изјави Јанкулоска.
Документите му ги предавале на Ефремов кој информациите им ги доставувал на лица кои работеле во странски служби со кои контактирал. Во 2010 година на групата и се приклучиле и другите осомничени, меѓу кои и вработен во македонскиот мобилен оператор кој им обезбедувал податоци и телефонски броеви за одредени лица, како и вработен во државниот архив на Македонија кој им прибирал документи со класифицирана содржина кои биле складирани во архивот.
„Во текот на 2011 година, првоосомничениот заедно со сопственикот на електронски медиум, оствариле контакт со поранешен директор на Управата за спречување на перење пари и финансирање тероризам и од истиот обезбедиле податоци и документи кои истиот незаконски ги прибавил.По претходно издадени Наредби од надлежен Истражен Судија извршени се претреси кај 17 лица – членови на злосторничкото здружение во 30 објекти во Скопје, и тоа: домови и други простории, службени простории во институциите каде моментално работат дел од лицата ( МВР, Агенција за разузнавање, Министерство за одбрана, Државен Архив на РМ и Собрание на РМ) и приватни фирми“ изјави Јанкулоска.
Јанкулоска негираше дека вработениот во УБК бил пуштен на слобода само заради тоа што неговиот брат работел во американската амбасада во Македонија. За двајцата уапсени, па пуштени од полициска станица изјави дека МВР има право секој да го повика на информативен разговор во полиција и доколку не бидат најдени докази за инволвираност во криминал да биде пуштен.
Меѓу уапсените се шефот на кабинетот на собранискиот спикер, Маријан Маџовски, поранешниот директор на Агенцијата против перење пари, Ване Цветанов, поранешниот полициски генерал Горан Стојков, Александар Динески од УБК, а се трага по новинарот Зоран Божиновски сопственик на интернет весникот „Буревесник“.
Уапсените се изведени пред истражен судија, а обвинителеството побарало да им биде определн притвор. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Двајца малолетници нападнати од насилници со фантомки на стадионот „Борис Трајковски“
Двајца малолетници вчера биле нападнати од насилници со фантомки на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.
Според информациите на МВР, вчера во 13:15 часот Е.О.(37) од Скопје пријави дека на подрачјето на Маџари нејзиниот малолетен син, кој бил заедно со уште двајца негови другари кои заминале на фудбалскиот стадион „Борис Трајковски“ да гледаат фудбалски натпревар, бил физички нападнат од неколку лица со фантомки, најверојатно малолетници, кои употребиле и тврди предмети, а двајца од нив снимале и со мобилен телефон.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Топ
Внук осомничен за обид за убиство на сопствената баба
Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишник за кого постои основано сомнение дека се обидел да ја убие сопствената баба.
При вршење семејно насилство во домот во кој заеднички живееле на улицата „Лавчанска корија”, осомничениот се обидел да ја лиши од живот сопствената баба.
На 17 јануари, откако претходно ја блокирал и ја затворил влезната врата од куќата со фиока, со рацете ја удирал жената по главата и телото се додека не паднала во бессознание. Со ударите и нанел повеќе тешки телесни повреди, крварења и нагмечувања на мозокот, скршеници на ребрата и исчашувања на коски, со кои и е доведен во опасност животот на жртвата.
По настанот, осомничениот избегал, но за кратко време бил приведен. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоци или да изврши друго дело.
„Воедно искази на дел од сведоците укажуваат на неодамнешни промени во однесувањето и психичката состојба на осомничениот, од кои произлегува сомневање дека тој би можел да боледува од некаква душевна болест. Бидејќи со стручно мислење се предлага понатамошна опсервација на осомничениот, со цел да се изврши негова медицинска проценка и психијатриско вештачење, јавниот обвинител предложи судот со посебно решение, по определување на мерката притвор, да го испрати осомничениот на опсервација и вештачење во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар за период од најмалку 1 месец“, соопшти Обвинителството.
Црна хроника
Ограбени две финансиски друштва во Скопје во рок од еден час
Во раните утрински часови на 17 јануари 2026 година, во Скопје се случиле две кражби во објекти на финансиски друштва, при што биле одземени сефови со пари.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првата кражба била пријавена во 04:44 часот во скопската општина Гази Баба, каде што насилно било влезено во објект на финансиско друштво и одземени биле пари од сеф
Само околу 40 минути подоцна, во 05:20 часот, слична пријава била поднесена и од општина Центар. И во овој случај, насилно било влезено во објект на финансиско друштво, од каде бил однесен сеф со пари.
Од СВР Скопје соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на двата случаи.
Засега нема информации за крадците, ниту за сумата што била одземена или евентуалната поврзаност на двата случаи.

