Европа
Досега 379 пријави за новогодишните напади врз жените во Келн
Масовните напади врз жените во западниот германски град Келн во текот на новогодишната ноќ резултираа досега со 379 кривични пријави, а истрагите главно се концентрирани на баратели на азил или илегални имигранти од северна Африка, соопшти полицијата во неделата.
Околу 40 отсто од пријавите вклучуваат и сексуални престапи, меѓу кои и два случаи на силување, наведува полицијата на Келн, додека стотина нејзини офицери продолжуваат да ги спроведуваат истрагите.
Нападите во кои цел биле жените и кои вклучувале дела од кражби до сексуално злоставување, предизвикаа жестока расправа во Германија за нејзината политика на отворени врати за имигрантите и бегалците. Повеќе од милион баратели на азил дојдоа во оваа земја во текот на 2015 година.
„Имаше апсења и ќе продолжиме да ги спроведуваме. Потоа треба да се утврди дали тие луѓе биле вмешани во настаните на Нова година“, изјави во неделата портпаролката на полицијата во Келн. Додаде дека полицијата го зголемила бројот на полицајците во патролите, пренесе телевизијата N24.
Во претходно соопштение на градската полиција беше наведено дека осомничените „главно доаѓаат од северноафриканските земји“, како и дека истрагата најмногу е фокусирана „на барателите на азил и лица кои илегално престојуваат во Германија“. Се додава дека прибирањето докази оти тешко, поради хаотичните сцени од таа ноќ кога во инцидентите биле вклучени околу илјада мажи на возраст меѓу 18 и 35 години.
Освен нападите во Келн, слични напади на новогодишната ноќ се пријавени и во други германски градови, како Франкфурт, околу 70 пријави, пак, има Хамбург, а слични инциденти се регистрирани и во Берлин и во Штутгарт, но не е познато дали тие меѓусебно се поврзани.
Откако и во Хелсинки во текот на новогодишната ноќ е регистриран невообичаено висок број сексуални напади врз жени за кои се обвинети имигранти, повеќето Ирачани, и признанијата на финската полиција дека станува збор за „потполно нов феномен“ во нивниот главен град, и Шведска во петокот соопшти дека се истражуваат неколку кривични пријави за сексуално злоставување во текот на прославата на Новата година. Полицијата во југоисточниот шведски град Калмар потврдила дека истражува најмалку осум пријави за сексуални напади над 15 девојки на возраст меѓу 16 и 20 година, за што се приведени двајца имигранти родени 1983 и 1996 година.
Пријави за сексуални напади врз жени се пријавени во четвртокот и во австриски Салцбург и во швајцарски Цирих, а портпаролката на полицијата во австрискиот град Валери Хилдебранд изјави дека случаите за коишто се известува во Германија ги охрабриле и жртвите во Австрија да ги пријават таквите случаи./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

