Црна хроника
Краделе низ викендички во Катланово што ќе им дојде до рака

Двајца жители на Катланово крај Скопје, се осомничени дека за половина година извршиле осум тешки кражби од викенд куќи и една кражба на возило, за што им е поднесена кривична пријава пред Основното јавно обвинителство Скопје
На двајцата коишто се идентификувани од страна на полицијата како 35-годишниот Б.А и 33-годишниот П.А. од селото Катланово делата за кои се товарат ги извршиле во периодот од ланскиот октомври до март годинава, во атарот на селото, и тоа осум на месностите Стари Лозја и Фазанерија. Притоа, тешките кражби од викендички ги извршувале на различни начини влегувајќи насилно преку влезни врати, подруми, прозорци. Додека, пак, кражбата од автомобилот ја извршиле така што го демонтирале тркалото од возилото, потоа ја отвориле предната хауба и го одзеле резервното тркало.
Според документираните сознанија на истрагата што ја водела полицијата од Гази Баба, од викенд куќите одземале разни предмети, како електрична рачна пила, плинска скара, телевизор, монтиран јавувач за кражба, гусан камин, мотокултиватор, бакарна пумпа за прскање лозје, електричен кабел, разен алат, бакарен капак од казан за варење ракија, потопна пумпа за вода, машина за перење алишта, машина за миење садови и друг, во вкупна вредност од околу 216 илјади денари. Дел од украдените предмети ги продавале на непознати лица, а дел ги задржале кај себе за лични потреби.
ККР Гази Бабa ги предаде поради основано сомнение дека извршиле девет кривични дела од областа на имотните деликти за што од страна на судија во претходна постапка им е одредена мерка притвор во траење од осум дена. Инаку, пријавениот Б.А. е регистриран како сторител на кривично дело од областа на имотните деликти „кражба на велосипед” и истиот минува во казнената евиденција./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Нелегално поседувал воздушна пушка: пријава против маж во Охридско

Вчера при претрес во домот на С.Т.(32) од охридското село Лескоец, извршен со судска наредба, полициските службеници од СВР Охрид пронашле и одзеле воздушна пушка „Славија“ калибар 4,5 милиметри, која нелегално ја поседувал.
Според полицијата, по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Пијан возач удрил во паркирано возило во Кичево

Утрово во 00:35 часот на улица „Јанко Михајлоски“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода М.Ц.(42) од Кичево.
Претходно, тој, управувајќи патничко возило „рено“ без регистарски таблички, удрил во паркирано возило „мицубиши“ со скопски регистарски ознаки.
При преземање мерки во врска со настанот, извршено е алкотестирање, при што полициските службеници констатирале дека го управувал возилото по дејство на алкохол, односно измерени му се 1,72 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти полицијата.
Црна хроника
Турчин уапсен на Табановце: кај него пронајдена марихуана и дробилка

Вчера во 18:15 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода 27-годишнниот А.Х. од Република Турција.
При гранични проверки, односно преглед кај него и контрола на возилото во кое бил сопатник, кај него се пронајдени марихуана и дробилка.
Лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.