Европа
Тежок пораз на CDU на Меркел во Берлин, успех на десната AfD
Партиите на водечката коалиција во градот-сојузна покраина Берлин, Социјалдемократската партија на Германија (SPD) и Христијанско-демократската унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел доживеаја големи загуби на изборите за локалниот парламент во неделата, додека евроскептичната и антидоселеничка десна Алтернатива за Германија (AfD) оствари уште еден голем успех првпат влегувајќи во Сенатот на германската престолнина.
Според излезните анкети на јавниот сервис ARD, SPD освоила 23,2 отсто од гласовите, што е 5,1 отсто помалку отколку на минатите избори, додека ЦДУ освоила 17,9 проценти или 5,4 отсто гласови помалку отколку на изборите пред пет години и е најслабиот повоен резултат на локалните избори во Берлин.
Така, SPD и CDU повеќе немаат доволно гласови за мнозинство во Сенатот на Берлин. Според претходните најави, најверојатна е коалицијата меѓу SPD и партиите Зелени и Левица, со досегашниот социјалдемократски градоначалник Микаел Милер на чело на локалната влада.
Партиите Зелени и Левица освоиле двете по 16 отсто од гласовите, а повторно влегување во берлинскиот Сенат ѝ успеа и на Либерално-демократската партија (FDP) со 6,5 отсто од гласовите.
Партијата AfD, која на овие избори се профилираше исклучиво како противник на имигрантските политики на канцеларката Ангела Меркел, на своите први избори во Берлин по основањето во 2013 година, освоила 11,5 отсто од гласовите и обезбедила околу 20 мандати во Сенатот. Така AfD, влегува во десеттиот покраински парламент и веќе за кусо време се етаблира како трета политичка опција во Германија.
Еден од челниците на AfD, Јерг Меутен, изјави дека неговата партија „знае што граѓаните во моментов ги мачи“. „Во моментов политиките кон бегалците и безбедносната политика се жешки теми меѓу граѓаните и нашата должност кон граѓаните е да им пружиме решенија за темите коишто најмногу ги мачат“, рече Меутен.
Високиот одѕив на овие избори, од 66 отсто, најмногу одел во полза на AfD, ако типично протестантска партија. Меѓутоа, голем дел од избирачите, како што произлегува од анализата на ARD, токму од CDU преминал на страната на AfD.
Германските политички коментатори проценуваат дека новиот неуспех на CDU и успехот на AfD ќе ги заостри судирите на сојузно ниво меѓу партиите од демохристијанската владејачка унија меѓу CDU и сестринската баварска партија Христијанско-социјална унија (CSU). Баварците промената на политиките кон мигрантите на CDU ѝ го поставија како услов за продолжување на долгата соработка.
Генералниот секретар на CDU, Петер Таубер, по објавувањето на излезните анкети за неуспехот на својата партија ја обвини CSU.
„Кога партиите од Унијата CDU/CSU меѓусебно се караат, тоа сигурно не помага на локално ниво. Особено не доколку го земеме предвид начинот на кој во моментов се води таа кавга од насока на Минхен“, изјави Таубер алудирајќи на критиките од CSU.
За CSU, пак, исходот од изборите во Берлин претставува уште еден доказ дека Ангела Меркел и CDU итно мора да ги променат своите бегалски политики.
„Ова е втор жесток повик на тревога во последните две седмици. На Унијата ѝ се заканува трајно одлевање на гласачите, а овој тренд ѝ се заканува на трајната политичка стабилност во земјата. CDU и SPD мора да се свртат кон желбите на граѓаните и конечно драстично да го ограничат доселувањето и да ја контролираат безбедноста во земјата“, изјави членот на претседателството на CSU, Маркус Зоедер.
Имено CDU на изборите за локалниот парламент во сојузната покраина Мекленбург – Западно Поморје, која е и изборна единици на челничката Ангела Меркел, пред две седмици доживеа пораз отстапувајќи ѝ го второто место во покраината на AfD. Откако претходно со освоените 24 отсто од гласовите на изборите во Горна Саксонија во март годинава, тоа за аналитичарите претставува јасен сигнал за моќта на AfD којашто може да смета на сигурно влегување во Бундестагот на изборите коишто ќе се одржат следната година.
Но Ангела Меркел и покрај неуспесите на CDУ и успесите на AfD, што во Германија се доживува како јасна критика од гласачите на бегалските политики на владата која таа ја води, во повеќе наврати ги отфрли барањата за промена на насоките во врска со политиката на отворени граници кон имиграцијата, иако е забележливо дека во последната седмица не го употреби мотото „Ние тоа го можеме“, која се однесуваше токму на мигрантската криза./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.
Европа
Британски скијач загина во лавина на француските Алпи
Британски скијач загина вчера во лавина во Француските Алпи. Несреќата се случила додека мажот, за кој се верува дека е во педесеттите години, скијал надвор од пистата во популарното одморалиште Ла Плањ, објави Скај њуз.
Обемна операција за спасување
Спасувачките екипи беа повикани на лавината попладнето во 13:57 часот и веднаш се упатија кон местото на настанот во југоисточна Франција. Голем тим од 52 лица, вклучувајќи медицински персонал и инструктори за скијање, беше вклучен во потрагата, а со хеликоптер беше донесено и куче трагач.
И покрај брзата реакција, Англичанецот беше пронајден дури по 50 минути пребарување, закопан под 2,5 метри снег.
Скијал без потребната опрема
Според соопштението од одморалиштето, човекот што починал бил во друштво на група, но не бил опремен со примопредавател за лавина ниту бил придружуван од професионален инструктор. Скијачкиот центар Ла Плањ изрази сочувство до семејството на починатиот.

