Топ
Еден загинат и четворица повредени во тешка сообраќајка во Кавадарци

Педесет и четиригодишен маж од Кавадарци загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи вчера попладне на регионалниот пат Кавадарци, кај Градските гробишта. Во несреќата повредени се и четири лица.
Несреќата се случила помеѓу трактор со приколка, управуван од В.П.(24) од Кавадарци, автомобил „фолксваген голф“, управувано од Л.Л.(51) од с.Дабниште, кавадаречко и автомобил „опел вектра“, управувано од М.К.(46) од Кавадарци. На местото на незгодата починал З.Л.(54) од Кавадарци, сопатник во „фолксваген голф“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобиле возачот Л.Л. и сопатникот од истото возило Р.Л.(79) од с.Дабниште, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Со телесни повреди се здобиле возачот М.К. и сопатничката од истото возило М.К.(37) од Кавадарци, констатирани во Општата болница Кавадарци.
Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа на ОВР Кавадарци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес во Охрид

Земјотрес со јачина од 2,4 степени според Рихеровата скала бил почувствуван синоќа во Охрид и околината.
Според информациите на сеизмолошкиот институт, потресот е регистриран половина час по полноќ.
Епицентарот е во пограничното епицентралното подрачје со Република Албанија, јужниот дел на Охридско Езеро.
Топ
Детали за несреќата во Охрид: возачот немал дозвола, поминал преку кружниот тек и на тротoар ја прегазил жртвата

Основното јавно обвинителство Охрид отвори истрага против две лица за тешки дела против безбедноста на луѓето имотот во сообраќајот, во врска со синоќешната сообраќајна несреќа на булеварот „Туристичка” во која 44-годишна жена беше прегазена, а уште едно лице беше тешко повредено.
Првиот осомничен управувал автомобил „Фолксваген голф“ без да поседува возачка дозвола и со брзина неприспособена на својствата и состојбите на патот.
Поради тоа 21-годишникот изгубил контрола над возилото, навлегол на кружниот тек преминувајќи преку средишниот остров, возел надвор од коловозот и удрил во метален столб – канделабра на тротоарот. Потоа продолжил да се движи по тротоарот каде налетал на двајца пешаци и конечно удрил во бетонска ограда.
Во несреќата била повредена пешакот Александра Божиноска која починала на лице место, додека кај другиот пешак биле предизвикани тешки телесни повреди.
Истрага е поведена и за сопатникот во автомобилот, 18-годишен сопственик на автомобилот. Тој делото го сторил загрозувајќи ја безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство.
Иако бил свесен дека поради неговото постапување може да настапи штетна последица, односно дека неговиот другар не поседува возачка дозвола и може тешко да ја загрози безбедноста на сообраќајот и да го доведе во опасност животот на луѓето, вториот осомничен му го дал возилото цо негова сопственост да го управува.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител предложи мерка притвор за двајцата осомничени.
Македонија
СДСМ објави 19 кандидати за градоначалници, меѓу нив и познати имиња

Претседателот на Социјалдемократскот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата која се однесува на давање согласност за кандидатура на градоначалници за претстојните локални избори.
Одлуката се однесува на првите 19 кандидати за градоначалници, а некои од нив се веќе споменати во јавноста.
За Општина Центар, актуелниот градоначалник Горан Герасимовски.
За Општина Аеродром, Александар Трајановски.
За Општина Ѓорче Петров – претседателот на општинската организација, Костадин Ацески.
За Општина Чучер Сандево, актуелниот градоначалник Сашо Комненовиќ.
За Општина Берово, актуелниот претседател на општинската организација Илија Рунтевски.
За Општина Крива Паланка, актуелниот градоначалник Сашо Митовски.
За Општина Лозово, Ацо Велковски.
За Општина Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев.
Општина Богданци, Блаже Шопов.
Општина Дојран, Ристо Џинев.
Општина Могила – Зоран Ристевски.
Општина Неготино, Петар Мантев.
Општина Новаци, Љубе Кузманоски.
Општина Росоман, Стојанче Николов, актуелниот градоначалник.
Општина Вевчани, претседателот на општинската организација Стефан Радиноски.
Во Крушево, актуелниот градоначалник Томе Христовски.
Во Ресен, претседателот на општинската организација Александар Бузлевски.
Во Штип, исто така, претседателот на општинската организација Павел Иванов.
И претседателот на општинската организација во Општина Гази Баба, Влатко Митовски.
„Овие кандидати се избрани врз основа на принципите коишто ги наведовме дека ќе важат за кандидирањето на овие луѓе. Избрани се со прилично широк консензус во општинските организации, луѓе кои што имаат и кредибилитет и легитимитет да ја побараат довербата, некои за првпат, некои повторно од граѓаните“, рече Филипче.
Според него, актуелните градоначалници направиле вистинска промена во општините Центар, Крушево, Крива Паланка.