Црна хроника
Расветлен грабежот на возилото на Стопанска банка Битола

Министерството за внатрешни работи во понеделникот соопшти дека го расветли грабежот на возилото на Стопанска банка А.Д. Битола кога беа украдени 450 илјади евра
Истражниот судија им одреди 30–дневен притвор на Жарко Николоски (40) од Скопје и Марјан Трајкоски – Клун (49) од Прилеп. Полицијата пронашла 70 илјади евра кај скопјанецот, а по другиот дел од парите се уште се трага. Во моментов во полициската станица во Прилеп седум лица се наоѓаат на информативен разговор. „Доколку се утврди било каква нивна инволвираност ќе следат и кривични пријави, а очекуваме и истите да помогнат во целосно расветлување на случајот односно на начинот на кој што е извршено делото и начинот на кој што дошле до информациите за преносот на парите“ изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.Двајцата маскирани крадци во петок на пладне го пресретнале „голфт“ на Стопанска банка со „рено кампус“. Најпрвин испукале еден куршум како знак на предупредување. Го запреле возилото и го нападнале возачот на голфот со кундакот од пиштолот. Напаѓачите ги избркале вработените од возилото и со двете возила заминале во непознат правец. Возилото со кое го извршиле грабежот било пронајдено во гаражата на прилепчанецот. Трајковски бил приведен во Прилеп, а Николоски во Скопје. Според информациите од полицијата, двајцата ограбувачи и биле познати на полицијата, се познавале од истражниот затвор „Идризово“, каде што извршувале затворска казна и биле цимери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Тинејџер во Скопје за 20 дена украл четири велосипеди, електрични тротинети и мопед

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 19-годишник осомничен за кражби на велосипеди, електрични тротинети и мопед.
За помалку од 20-тина дена, односно од 22.09 до 09.10.2025 година, осомничениот извршил четири тешки кражби на велосипеди и електрични тротинети во центарот на Скопје, со што прибавил вкупна противправна имотна корист од околу 170 илјади денари. При кражбите користел сила за да ги скрши сигурносните сајли со кои биле обезбедени превозните средства и да ги одземе.
На 28 септември осомничениот украл и мопед вреден 60.000 денари.
Имајќи ги предвид сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи тоа е единствен начин да се обезбеди неговото присуство во понатамошната кривична постапка.
Црна хроника
Жител на Дебар бесправно изградил објект на државно земјиште крај Дебарското Езеро

Жител на Дебар бесправно изградил објект од 88 метри квадратни на државно земјиште крај Дебарското езеро.
Полицијата поднесе кривична пријава против К.Ц.(60) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ по член 244 и „Узурпација на недвижности“ по член 225 од Кривичниот законик.
Тој, во текот на јуни оваа година, на катастарска парцела во државна сопственост кај месноста „Бадеми“ покрај брегот на Дебарското езеро, без одобрение за градба и спротивно на Законот на градење, неовластено изградил објект во вкупна површина од 88. 40 метри квадратни.
Црна хроника
Претрес во Кочани, пронајдена дрога: двајца уапсени

Вчера во 10:00 часот во Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани ги лишија од слобода 22-годишниот Д.З. и 23-годишниот Н.Д., двајцата од Кочани, затоа што при преглед кај нив, кај Д.З. е пронајдена и одземена марихуана.
Подоцна, со судска наредба, извршен е претрес во домот на Д.З., при што се пронајдени и одземени марихуана, две дробилки со остатоци од марихуана и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело.
По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.