Македонија
Србија, Црна Гора и Романија се ослободуваат од надоместок за услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор на Македонија

Владата на денешната седница донесе одлука за ослободување од плаќање надоместок за услуги за прелети и за терминални услуги во воздушниот простор на Република Северна Македонија на летовите на воените и полициските летала на Србија, Црна Гора и на Романија.
Како што се наведува, ослободувањето од плаќање на надоместокот на услугите за прелети и за терминални услуги на воени и полициски летала на наведените земји е за укажување помош во гаснењето на пожарите на отворен простор.
Одлуката за барање на Дирекцијата за заштита и спасување е со цел олеснување на процедурите за пристигање странска помош со летала и скратување на времето за распоредување и дејствување во кризните подрачја.
Членовите на Владата попладнево гo разгледаа и усвоија и извештајот за извршени преговори за потпишување на договорот за воена финансиска соработка меѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Северна Македонија за спроведување финансиската поддршка во износ од 100.000.000 турски лири пресметани во американски долари (11,5 милиони долари).
Финансиските средства се наменети за набавка на неопходни производи и услуги за воени цели (алоцираните ресурси ќе се искористат за набавка на опрема за Силите за специјални операции, набавка на возила и опрема за логистичките единици) од локални компании во Турција, пред сè, компаниите од турската одбранбена индустрија за воени цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Над 40 милиони денари за субвенционирање на сметките за електрична енергија за ранливите граѓани

Преку Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство е распишан јавен повик кои што можат да аплицираат оние семејства кои што ги исполнуваат условите за субвенционирање на сметките за електрична енергија.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека за таа цел се превидени повеќе од 40 милиони денари, одговарајќи на новинарско прашање дали владата ќе ги субвенционира ранливите граѓани во покривање на трошоците за електрична енергија.
Мицкоски нагласи дека Македонија има најниска цена на електричната енергија, што не е случај со државите од соседството кои што имаат зголемување на цената на струја од 15, 20 па и 30 проценти.
„Но, она кое што исто така можам да го кажам во многу период на регулирање на електричната енергија откако е оваа Влада 14 месеци, ние немаме покачување на електричната енергија за домаќинствата што не е случај во околината.
Ако ги гледате другите држави ќе видите дека таму електричната енергија е покачена, 15,20 па во некои држави од соседството и 30 проценти. Така што и според Евростат и според сите параметри ние сме држава во Европа која што има најниска цена на струја за или една од двете, трите најниски цени за електрична енергија за домаќинствата.“, посочи премиерот Мицкоски.
Македонија
Пуштена клучката Подмоље, власта уверува дека на автопатот Охрид – Кичево се работи забрзано

Денеска е пуштена во употреба клучката Подмоље, која го спојува Охрид со Струга, како и Македонија со Албанија, информира потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
„Денеска решаваме уште еден горлив проблем во изградбата на автопатот Охрид-Кичево, а тоа е пуштањето во употреба на клучката Подмоље. Ова беше наследен проблем од минатото, бидејќи претходната власт делумно го работеше проектот погрешно, ја сруши клучката без решени имотно-правни односи и експропријации. Со формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ги решивме сите административни пречки и од денеска клучката е функционална, што значи побрз и побезбеден сообраќај за Струга и соседна Албанија кон Скопје“, изјави Николоски.
Тој посочи дека работите на автопатот се во забрзана динамика и дека се координираат на дневна основа со директорот на Јавното претпријатие „Државни патишта“ и премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека се работи на стабилизирање на делниците со свлечишта, како што се околината на селото Ботун и просторот од тунелот кај Врбљани до Кичево, за целата траса да биде безбедна за возење.
„Се работи паралелно на сите критични точки, а очекуваме есенва да се завршат градежните и теренските работи на овие делници. Во исто време, со несмалена динамика се одвива изградбата на други автопатски делници – Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола. Во фаза на евалуација се и тендерите за Букојчани-Кичево и Г.П.Блаце-Скопје“, рече Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека оваа офанзива ќе резултира со завршување и заокружување на автопатската инфраструктура во Македонија, по повеќе од една деценија. Тој се заблагодари на компаниите, работниците, градоначалниците и пратениците од охридско-струшкиот регион, како и на граѓаните за трпението.
„Подобро е патот да се заврши и да биде функционален, отколку да остане незавршен и да биде споменик на едно време“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Откриена царинска измама со увози на месо во висина од 7 милиони денари

Царинските инспектори при Секторот за контрола и истраги при контрола на 21 увоз на месо од увозник открија царинска измама во висина од седум милиони денари.
Дополнителната контрола на приложените царински документи, како и лабораториските анализи, покажаа дека месото било пријавувано во погрешна тарифна ознака со пониска царинска стапка наместо во соодветната тарифна ознака со повисока стапка.
Против сторителите е поднесена кривична пријава за царинска измама, а донесени се решенија за дополнителна наплата на избегнатите давачки во висина од седум милиони денари.
Царинската управа ќе продолжи со мерки за заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување фер конкурентност на пазарот.