Црна хроника
Нов скандал на судењето за убиството кај Универзална во Скопје
Судскиот процес за убиство кај Универзална во Скопје што се случи во март годинава, а обвинети се Харун Хаџибулиќ и Јамин Лесковица денес беше по втор пат одложено поради неподготвеноста за одбрана на еден од адвокатите
Претходното рочиште помина со жестока кавга помеѓу судијата Ирина Петровска и обвинетиот Харун Хаџибулиќ. Овој пат двајцата си се извинуваа меѓусебно. Судот откако даде нов термин за судење провери дали се дојдени оштетените во случајот. Сведокот оштетен Кенан Кучевиц не се појави, за што судијката ги информира присутните дека кај неа пристигнало писмо во кое сведокот напишал “многу сум исплашен од двајцата обвинети и нивните роднини имам закани и затоа ми е страв да сведочам”. Адвокатите реагираа дека тоа не било точно на што судијката им се обрати на присутните роднини на обвинетите со чудна препорака да го најдат сведокот и да го смират дека ништо нема да му направат и да го охрабрат да дојде на судење. Ефто Сиповски е нов бранител на Харун Хаџибулиќ и бидејки немал време да се подготви за одбрана побара претресот да биде презакажен за десетина дена. Судијката дозволи да се даде нов термин за судење и појасни дека во меѓувреме врз обвинетиот биле направени медицински испитувања кои тој ги побара. Таа кажа дека сакала да го посети во затворот во Шутка но не успеала во намерата. Сакала да го праша зошто и кој биле инструирани против неа. Била загрижена за здравјето на обвинетиот и откако прочитала книги за медицина го посоветува Хаџибулиќ дека може да бара лекување и третман кои ќе бидат на товар на државата и дека не мора сам да си го плаќа лекувањето во приватна болница. Токму барањето за лекување беше повод за жестоката кавга меѓу судијата и обвинетиот на претходното рочиште кога двајцата се расправаа кажувајќи си погрдни зборови и правејќи хаос во судницата. Судиката им се обрати и на новинарите со зборовите дека била шокирана од новинарските извештаи и однесувањето на преставниците на медиумите во судницата. Таа побара новинарите да не реагираат на настаните во судницата оти и требало спокојство за да размислува. Додека во судницата предметот се одлагаше надвор чекаа роднините на убиениот Мирсад Криjешторац. Беа гневни оти судењето никако да почне. “Ова е срамота и брука ова се трикови, судот треба да пресуди. Разочарани сме дури и во судница не не пуштија, а доаѓаме од Германија”, се пожали братот на убиениот Саид Криесторац. Убиството од кое се шокира македонската јавноста оти се случи на сред бел ден во центарот на Скопје кај Универзална сала , според обвинетите го извршија Харун Хаџибулиќ и Јасмин Лесковица. Беше убиен Мирсан Кријесторац поради кавга за партнерство околу отворање на стриптиз бар во зграда веднаш до Универзална сала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Инцидент во филијала за брзи кредити на Бит Пазар: маж со оружје се обидел за земе пари
Инцидент се случил вчера во филијала за брзи кредити на подрачјето на Бит Пазар.
Маж со закана со огнено оружје се обидел да одземе пари од вработената, но во намерата бил спречен од странка во објектот, по што го напуштил местото на настанот, информираа од МВР.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Девојчиња истепани од нивни врснички во Карпош
Две девојчиња биле нападнати вчера од малолетнички на подрачјето на Карпош.
Случајот во МВР го пријавил еден од родителите на девојчињата.
„Околу 18.00 часот, на подрачјето на Карпош, малолетно девојче и неговата другарка биле физички нападнати од две други малолетнички“, објави полицијата.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Покрив и кат од семејна куќа изгореа во Струмица
Денеска околу 09:30 часот во пожар изгореа покрив и кат од семејна куќа на улицата „Спиро Захов“ во Струмица, соопштија од ТППЕ Струмица.
Пожарот го гаснеле три против пожарни возила и 10 пожарникари, кои успеале навреме да го локализираат и ликвидираат и спречиле да се прошири и да предизвика поголема штета.
Во пожарот нема повредени лица, а предизвикана е материјална штета.