Топ
Кривичниот суд: Техничкиот факултет во Битола не прифаќа да го изврши супервештачењето за несреќата кај Ласкарци

Од Техничкиот факултет во Битола, каде што по наредба на судот за супервештачење беше испратен предметот поврзан со автобуската несреќа во с. Ласкарци, на 17.12.2021 година добиено е известување дека Факултетот не прифаќа да го изврши супервештачењето неопходно за затворање на доказната постапка по предметот и донесување првостепена пресуда, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
„Имено, по претходно изведени спротивставени вештачења на одбраната и Обвинителството, а пред сѐ за да се запази еднаквоста на оружјето што во евентауално жалбена постапка може да биде клучно при одлучувањето на второстепениот суд, издадена е наредба за супервештачење. Но, од надлежниот Технички факултет во Битола предметот е вратен со образоложение дека лиценцираните вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не може да вештачат моторни возила, а другите вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење. По добивање на известувањето, судот стапи во контакт со Универзитетот во Штип и со Машинскиот факултет во Скопје, од каде што исто така е известено дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила што претходно не учествуале во изведените вештачења“, велат од Кривичниот суд.
Овие наводи, како што додаваат од таму, на денешната главна расправа биле соопштени пред странките во постапката, кои воедно биле известени дека предметот е веќе испратен во Бирото за судски вештачења, кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица и да го изготви супервештачењето.
„Потребно е да се напомене дека предметот во почетната фаза се водеше со забрзан интензитет со оглед дека стануваше збор за притворски предмет. Но, со оглед на пандемијата на Ковид-19, протоколот за работа на судовите во услови на пандемија, како и фактот дека Апелациониот суд во Скопје ја укина мерката притвор и ја замени со поблаги мерки за обезбедување присуство, некоиод насрочените расправи во текот на минатата година беа одлагани, единствено поради изолација на судечкиот совет и странките во постапката иако судот инсистира на забрзано темпо“, стои во писменото соопштение.
Надлежните додаваат дека во тектот на оваа година предметот се води според предвидениот интензитет, со што беа сослушани сите предложени и прифатени сведоци, оштетени и вешти лица.
„Преостанува само да се изведе и супервештачењето, со што доказната постапка ќе биде затворена и предметот ќе премине во фаза на завршни зборови и пресуда. Поради тоа, насрочени се термини за 25 јануари, како и за 3, 10, 15, 24 и 28 февруари 2022 година“, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извештаи за примени донации доставиле 35 отсто од учесниците во изборната кампања

Согласно Изборниот законик, учесниците во изборната кампања за Локалните избори 2025 година, имаат обврска да поднесат извештаи за примени донации во текот на изборниот процес како извор на нивно финансирање. Обврската се однесува и на финансиски извештај со податоци за вкупните приходи и расходи на изборната кампања, во законски утврдени рокови, со што се овозможува следење на законитоста на финансирањето и трошењето на средствата од страна на надлежните институции, како и увид на јавноста во изворите на приходи и начинот на трошење на средствата во изборната кампања, со цел зајакнување на довербата во изборниот процес.
Согласно рокот за доставување на Извештај за примени донации на трансакциска сметка за изборна кампања, за период од отварање на сметката до 11-от ден од изборната кампања односно заклучно со 09.10.2025 година до 24,00 часот, до ДКСК доставени се вкупно 61 извештаи, што изнесува нешто над 35% од вкупниот број на учесници во изборниот процес. Сите 19 коалиции доставија извештаи за донации, примени се 18 извештаи од политичките партии и 24 извештаи од независни кандидати, поддржани од група избирачи.
По истекот на рокот, доставени се уште 2 извештаи од политички партии.
Извештаите за донации се објавени на веб страната на ДКСК, на следниот ЛИНК.
Македонија
„Од 7.000 на 10.000 го зголемуваме надоместокот за новороденче“, најави Герасимовски

Кандидатот за градоначалник на општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, синоќа беше на терен, на средби со граѓаните „од врата до врата“. Во разговорите со центарци, тој најави дека во новата програма надоместокот за новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари.
„За 50% го зголемуваме надоместокот за новороденче, од 7.000 на 10.000 денари. Со оваа мерка ги поддржуваме центарските семејства.. Родителите добиваат поголема финансиска поддршка во најважниот период, кога се раѓа нов живот и започнуваат нови семејни предизвици. Ги зголемуваме субвенциите за сите категории на граѓани“, рече Герасимовски.
Тој, потенцираше дека развојот мора да продолжи, а концептот „За Центар што го сакаме“ е единствениот што нуди поквалитетен живот на центарци.
„Развојот мора да продолжи, а тоа ќе го постигнеме ако сите заедно се обединиме „За Центар што го сакаме“. Затоа, ве повикувам во недела, 19 октомври, масовно да излеземе на гласање и да го дадеме својот глас за бројот 5, за напредени модерен Центар“, порача Герасимовски.
На средбите со граѓани, тој ги презентираше и клучните проекти за вториот мандат, меѓу кои: модерен дом за стари лица на Водно, нова градинка во близина на Клиничкиот центар, набавка на две цистерни и пет метларки, ограничување на движењето на возилата во Дебар Маало за намалување на метежот, изградба на две монтажни катни гаражи, нов административно-граѓански објект, два покриени базени, како и воведување на „Центарска картичка“ со бројни поволности и попусти за жителите.
„Во изминативе години покажавме што значи одговорно и посветено водење на општина. Реализиравме проекти што го подобрија секојдневието, уредивме улици, зголемивме зеленило и создадовме подобри услови за младите и повозрасните,“ рече Герасимовски.
Македонија
„ЈО и Коцевски да одговорат дали дискотеката Пулс платила 40.000 евра, дали Спасовски ја спасил Пулс од казна“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„ЈО и Коцевски да не молчат и да кажат на јавноста дали дискотеката Пулс платила казна од 40.000 евра или сепак како што се тврди во телефонската комуникација што излезе во јавноста Спасовски интервенирал за да се избегне плаќање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку казната не е платена Спасовски итно треба да е повикан на одгoворност и целата постапка да се истражи до крај. Доста е со калкулации, со заштита на моќниците блиски до СДС, потребно е конечно да се стави крај на политичките влијанија во судството.
Дали Спасовски ја спасил Пулс од казна и која е неговата улога во аферата?
До кога ќе молчи ЈО и Коцевски?
Дали Љупчо Коцевски има задача да ги штити функционерите од СДС?
Одговорност мора да има за секој кој е инволвиран во случајот со дискотеката Пулс. Овој случај не смее дополнително да ја поткопа довербата во институциите и судството.
Секој сомнеж мора да биде расчистен. Секој кој е вмешан во случајот треба да се санкционира. Да се стави крај на заштита на привилегираните функционери на СДС и ДУИ. Време е за владеење на правото и правдата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.