Скопје
Плоштад Македонија, МНТ и Ахеолошки музеј се дел од локациите кои ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја

Седма година по ред Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 178 земји и 7.000 града ширум светот.
Македонија оваа година ќе го надмине минатогодишниот рекорд на исклучени локации, па така годинава вкупно 66 локации ќе ги исклучат светилките за Часот на планетата Земја во нашата држава.
Централниот настан е закажан на плоштад Македонија, кога во 20:30 часот веднаш по исклучувањето на целосното осветлување, скопјани ќе бидат сведоци на неверојатен флеш моб перформанс организиран од денс клубот Аква проследен со флуоресцентни светечки ефекти, а настапот ќе биде поддржан од волонтерите на Црвениот крст кои ќе го осветлат плоштадот со над 300 свеќи, испишувајќи го логото на акцијата – „60+“.
Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе потонат и Улица Македонија, Палата Пелистер, Ристиќева палата, Порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, Паркот „Жена борец“ со спомениците, објектот на АЕК, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, Плоштадот Филип Втори, Мостот „Око“ и Мостот на уметноста.
И скопските општини Аеродром, Карпош и Гази Баба најавија своја поддршка кон акцијата и во 20:30 часот ќе го исклучат осветлувањето на повеќе локации на својата територија.Во Охрид, пак, во мрак ќе потонат Црквата Света Софија, Градскиот плоштад и гимназија Свети Климент Охридски.
Своја поддршка кон акцијата најавија и градовите Струмица, Битола, Велес, Крушево, Ресен, Радовиш, Струга, Куманово, Кавадарци и Берово, а осветлувањето ќе биде исклучено и во резерватот Јасен, цементарницата Усје, трговските центри Капитол Мол и Скопје Сити Мол, како и салоните на мобилниот оператор оне.ВИП.
„„Можам само да потврдам дека оваа година го имаме најголемиот час за планетата Земја во Македонија. Ги повикувам сите граѓани да ја покажат својата моќ и да ги исклучат светилките оваа сабота во 20:30 часот. Ако е мрак, нека е еколошки мрак!“, изјави во петокот Ѓорги Селков, претседател на Здружението Часот на планетата Земја.
Во Часот на планетата Земја четврта година по ред се вклучува и Црвениот крст на Република Македонија кој преку своите 34 општински организации и Црвениот крст на град Скопје помагаат во проширување на акцијата низ целата Република.
„„Активностите на Црвениот крст се насочуваат кон дејствување при природните катастрофи, но исто така и превенирање од истите. Со овој мал гест на исклучување на светилките во тој еден час сметаме дека ќе дејствуваме превентивно кон климатските промени чие влијание го чувствуваме секојдневно, па затоа Црвениот крст ќе продолжи и во наредните години активно да ја поддржува оваа глобална акција“, рече Софија Стојановска, претставник на Црвениот крст на Република Македонија.Освен овие локации, во многу кафулиња низ главниот град, но и низ Републиката ќе бидат организирани разни настани за одбележување на Часот на планетата Земја. Еден од тие настани е во организација на ЕВН Македонија.
„Се работи за уникатен перформанс – театар на сенки и акустична музика што ќе се одржи во Даут пашиниот амам во Старата скопска чаршија. Гостите ќе можат да ја проследат специјалната претстава посветена на Часот на планетата Земја, а сите заинтересирани, во интерактивниот дел од претставата, ќе можат да научат како и самите во своите домови да изведат театар на сенки“, појасни Искра Тикваровска, од ЕВН Македонија.
ЕВН Македонија и оваа година ќе го поддржи здружението Часот на планетата Земја во Македонија. Заеднички е најавен и конкурсот на тема „Како ќе го одбележите Часот на планетата Земја?“ во чии рамки, ќе се одберат најдобри 10 фотографии и видеа од одбележувањето на акцијата во Македонија, а наградените ќе добијат сет од 10 ефикасни лед светилки. Во конкурсот ќе учествуваат сите оние кои на социјалните мрежи ќе објават фотографија или видео со ознаката #EarthHourMK или пак ќе ги испратат фотографиите и видеата преку емаил на [email protected].
Оваа година акцијата е поддржана и од Канцеларијата на УНДП во Македонија, од каде говореа за сериозноста на проблемот поврзан со климатските промени.
Направени се многу анализи за тоа како климатските промени влијаат на различни сектори и аспекти од нашиот живот, од енергетика и транспорт до земјоделство и здравство, но дадени се и конкретни пораки и акции што треба да се направат со цел да се намалат емисиите на гасови или подобро да се адаптираме на промените кои ќе настанат. Утрешната акција – Часот на планетата Земја е еден начин секој од нас на индивидуално ниво да даде свој придонес во акцијата за спречување на климатските промени, да биде модел за останатите и да заблеска“, рече Павлина Здравева, од УНДП Македонија.
Поддржувачи на акцијата оваа година се Градот Скопје, Црвен крст на Република Македонија, Канцеларијата на УНДП во Македонија и ЕВН Македонија./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Првенците од Кисела Вода ќе летуваат бесплатно

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски им додели награди на најдобрите ученици, првенци на генерацијата од сите осум основни училишта на територијата на општината.
Вкупно 24 ученици, односно тројцата најуспешни ученици од секое училиште, добија бесплатно летување во летниот едукативно-рекреативен камп SCOUT во Охрид, додека девет од нив, кои според рангирањето имаа најголем број на поени, беа дополнително наградени со висококвалитетни очила за сонце, извести општина Кисела Вода.
„Оваа активност е дел од јасната и доследна заложба на општината да препознае, поддржи и да ги награди трудот и знаењето кај младите, но и да создаде амбиент во кој успехот се вреднува, а учениците се мотивираат да продолжат по патот на учење и личен раст.
Општина Кисела Вода, преку ваквите проекти, ја исполнува својата мисија да гради стимулативна средина во која секое дете ќе има шанса за напредок и афирмација, препознавајќи го образованието како клучна алатка за индивидуален и општествен развој“, соопштува Општината.
„Ние како општина градиме систем кој ги поддржува младите и им дава поттик да се стремат кон повеќе. На овој начин не само што им ги честитаме извонредните достигнувања на овие млади луѓе, туку и испраќаме порака до сите ученици дека трудот, знаењето и истрајноста секогаш ќе бидат препознаени и наградени. Остануваме посветени на креирање услови во кои секое дете ќе има можност да расте, да се развива и да го реализира својот потенцијал. Горди сме што во Кисела Вода растат генерации што ветуваат“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Герасимовски: Даночната канцеларија во Центар нуди побрза и поедноставна услуга за нашите жители

Општина Центар ги информира сите граѓани кои сѐ уште не добиле Решение за наплата на данок на имот за 2025 година дека можат да ги регулираат своите обврски со директно обраќање во општинската даночна канцеларија.
„Истурената даночна канцеларија значи побрза и поефикасна услуга. Целта ни е граѓаните навремено и лесно да ги завршат своите обврски“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Граѓаните преку општинската канцеларија можат да добијат решенија за данок на имот за физички и правни лица, информации за состојбата со платените решенија, можност за промена на податоци во постојни решенија (како адреса, сопственик или имотен лист), пријава на нови обврзници, допријава на имот од легализација, како и корекција на квадратурата според имотниот лист.
Канцеларијата е отворена секој работен ден, од 08:00 до 16:00 часот, во Општина Центар, барака број 5, соба 15.
За повеќе информации можете да се обратите на телефонскиот број 070 316 796, кај одговорното лице Маја Дичева или на е-пошта на следната адреса: [email protected].
Македонија
(Фото) 400 ученици од Гази Баба заминаа на летен камп

Утрово 400 ученици од општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба заминаа на училишен летен камп, кој се реализира во организација на Сојузот на училишен спорт на Гази Баба со субвенционирање од општината.
„Во рамките на кампот, учениците ќе бидат дел од спортски, едукативни и забавни активности, а дополнително ќе имаат обука за основна пливачка техника.
Општина Гази Баба со реализација на оваа мерка успеа да донесе радост кај децата, а една од клучните цели која се постигнува е поголема социјализација на учениците“, велат од Општината.
На испраќањето на учениците, покрај родителите присуствуваше и градоначалникот Бобан Стефковски кој им посака среќен пат и добра забава на учениците.
Овој камп се релизира трета година по ред.