Европа
Утрe преговори меѓу Украина и Русија, САД испратија порака до Кина
Четврти ден од руската инвазија на Украина.
Во текот на ноќта почнаа нови жестоки напади во околината на Киев. Најжестоките борби се водат во градот Василков, на околу 30 километри јужно од Киев. Во градот е погодено големо складиште за нафта, додека во Харков е погоден гасовод, јавуваат украинските медиуми.
Западните земји воведоа нови санкции кон Русија. Некои банки се исклучени од „SWIFT“, глобалниот платен систем. Тие најавија дека ќе го парализираат и имотот на руската централна банка, а на руските олигарси ќе им биде забрането да користат финансиски средства на европските пазари.
Голем број европски земји го затворија својот воздушен простор за руските авиони.
Во попладневните часови беше објавено дека двете страни се согласиле на преговори. Путин нареди нуклеарното оружје да биде ставено во состојба на висока готовност.
Преговорите ќе се одржат во понеделник, на границата меѓу Украина и Белорусија.
НАЈНОВИ НАСТАНИ
22:10 (Видео) Огромен руски конвој од тенкови се движи кон Киев, ЕУ праќа борбени авиони во Украина
Снимка од американски сателит покажува колона од стотици воени возила која се протега на над пет километри, наведува „Ројтерс“.
Во меѓувреме, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, изјави дека ЕУ ќе испрати борбени авиони во Украина како дел од воената помош.
#BREAKING EU countries will provide ‘fighter jets’ to Ukraine under Brussels funding: Borrell pic.twitter.com/tkmHfrhhlf
— AFP News Agency (@AFP) February 27, 2022
21:50 Властите во Киев негираат дека градот е опколен
„Руските веб-страници шират информации за мене и дека Киев е наводно опколен и дека евакуацијата на луѓето е невозможна. Не верувајте во лаги. Верувајте само во информации од официјални извори“, порача градоначалникот, Виталиј Кличко.
21:24 САД испратија порака до Кина поради Путин
Белата куќа ја повика Кина да ја осуди руската инвазија на Украина додека рускиот напад продолжува, а рускиот претседател Владимир Путин ги стави нуклеарните сили во состојба на готовност.
Кина примени некои од санкциите наметнати од САД и нивните сојузници поради инвазијата на Русија, а минатата недела позитивно зборуваше за суверенитетот на Украина, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, во интервју за MSNBC. Таа додаде дека Пекинг треба да направи повеќе од тоа.
„Ова не е време да се стои отстрана. Ова е време јасно да се осудат постапките на претседателот Путин и руската инвазија на суверена држава“, рече Псаки.
Таа додаде дека американскиот претседател Џо Бајден во последно време не разговарал со кинескиот лидер Си Џинпинг, но дека не е исклучена можноста за телефонски разговор во иднина.
20:48 Турција го ограничува влезот на руски воени бродови во Црното Море
Турција ја смени својата реторика, нарекувајќи го рускиот напад врз Украина „војна“ и вети дека ќе спроведе делови од меѓународниот поморски договор за ограничување на минувањето на руските воени бродови од Средоземното во Црното Море.
19:49 Украински министер: Русија трпи пораз по пораз, затоа се откажаа од ултиматумот
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, рече дека Русија се откажала од своите предуслови за почеток на преговори бидејќи украинската војска ја забавила нејзината офанзива. Тој додаде дека Украина ќе слуша што Русија има да каже.
19:00 Властите ќе го гонат за предавство секој руски државјанин што би ѝ помагал на Украина
Руското државно обвинителство соопшти дека секој што ќе обезбеди финансиска или каква било друга помош на странска држава или меѓународна организација за да ја загрози безбедноста на Русија, ќе биде обвинет за предавство, со максимална казна од 20 години затвор.
18:49 Проектил погоди аеродром
Ракетата што го погоди аеродромот во Житомир доаѓа од територијата на Белорусија, соопштија украинските власти.
Лукашенко рече дека нема да има воена акција од територијата на неговата земја додека траат преговорите. Но, прашање е дали тој ќе се држи до тоа.
Во Киев вечерва е прогласена вонредна состојба, а до луѓето се апелира да одат во засолништата.
18:10 Целата ЕУ го затвора воздушниот простор за руските авиони
Европската унија ќе го затвори својот воздушен простор за руски авиони, соопшти денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, најавувајќи и санкции за руските медиуми.
Таа посочи и дека ЕУ за прв пат ќе финансира купување и испорака на оружје и друга опрема за Украина.
17:45 САД: Путин искористи две третини од борбената моќ
Рускиот претседател Владимир Путин искористи две третини од вкупната борбена моќ на Русија за воената инвазија, изјавил за новинарите висок претставник на американската одбрана.
16:44 Утре наутро преговори меѓу Украина и Русија
Заменик министерот за внатрешни работи на Украина, Евгениј Јенин, изјави дека разговорите меѓу руската и украинската делегација ќе се одржат во понеделник наутро по локално време.
Претходно, Зеленски на „Фејсбук“ соопшти дека договорено е украинска делегација да се сретне со руска делегација на украинско-белоруската граница, во близина на реката Припјат.
16:40 Се огласи шефот на НАТО
Шефот на НАТО вели дека наредбата на Владимир Путин до руската армија да ги стави своите нуклеарни сили на повисоко ниво на подготвеност е опасна и неодговорна.
„Се разбира, кога ќе ја комбинирате оваа реторика со она што тие го прават на теренот во Украина, тоа ја зголемува сериозноста на ситуацијата“, изјави Jенс Столтенберг за Си-eн-eн.
16:20 (Видео) Украинците објавија снимка, тврдат дека со дрон уништиле руски конвој
Според украинските власти, станува збор за турско беспилотно летало што го користи украинската армија, а кое уништува конвој руски воени возила во близина на градот Керсон, на југот од Украина.
Според украинските власти, повторно е воспоставена целосна контрола и врз градот Харков, на североистокот од земјата.
15:50 Борел предупредува: Поради Украина ќе видиме провокации во Босна и Херцеговина
„Поради опасноста последиците од украинската криза да се прелеат и на другите земји од соседството на Русија, Европската Унија мора да им помогне на Молдавија и Грузија и внимателно да го разгледаат Западен Балкан, бидејќи таму ќе видиме провокации, особено во Босна и Херцеговина“, рече високиот претставник на ЕУ Џозеф Борел.
15:25 Соединетите Американски Држави најавуваат хуманитарна помош за Украина од 54 милиони долари
Соединетите Држави соопштија дека испраќаат скоро 54 милиони долари нова хуманитарна помош за Украина во борбата против руската инвазија.
15:00 Киев се согласил на преговори, претседателот Зеленски рече дека ќе преговара на граница
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи на Фејсбук по средбата со белорускиот претседател Александар Лукашенко.
14:50 Путин наредил да се подготват руските сили за нуклеарно одвраќање
Според светските медиуми, претседателот на Русија, Владимир Путин денеска им наредил на началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валериј Герасимов и министерот за одбрана Сергеј Шојгу да ги стават руските сили за нуклеарно одвраќање во состојба на специјална борбена готовност.
14:20 Кличко: Русите не влегоа во градот, продолжуваме да се браниме од напади
Градоначалникот на главниот град на Украина, Киев, Виталиј Кличко изјави дека во градот нема руски војници и дека Киев продолжува да се брани од напади.
12: 35 Русија и даде рок на Украина да одлучи дали ќе дојде на преговори во Белорусија
Русија им даде рок на украинските власти до 15 часот по локално време да одлучат дали ќе се сретнат со руската делегација на разговорите во белорускиот град Хомел.
12:15 Украина ја тужеше Русија во Хаг
Украина поднесе тужба против Русија до Меѓународниот суд на правдата на ОН во Хаг, изјави претседателот Володимир Зеленски, пишуваат светските медиуми.
11:50 Британскa министеркa: Се плашам дека ова нема да заврши наскоро и дека ќе има многу крв
Рускиот воен напад врз Украина може да биде почеток на крајот за претседателот Владимир Путин, изјави британската министерка за надворешни работи Лиз Трас.
10:55 Лукашенко: Киев да преговара за да не ја изгуби државноста
„Во Украина нема белоруски војници“, изјави претседателот на Белорусија Александар Лукашенко по гласањето на референдумот за промена на уставот што денеска се одржува во таа земја.
10:40 Путин: Посебна почит им оддавам на оние кои деновиве херојски ја извршија својата воена должност
Путин утрово накратко се појави на руската телевизија и првпат од петокот ја коментираше инвазијата на Украина, пишуваат медиумите во светот.
10:30 Украинскиот министер: Заедно го победивме Хитлер, ќе го победиме и Путин
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитриј Кулеба, исто така, по Зеленски, го повтори својот повик до странците да дојдат и да се борат на страната на Украина.
10:15 Зеленски го отфрли повикот на Путин за разговори во Белорусија: „Минск е руски соучесник“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ја одби поканата за преговори со Русија во Белорусија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика луѓето ширум светот да се приклучат во борбата против Русија.
Руските вооружени сили уништија 975 објекти на украинската армија, изјави денеска портпаролот на Министерството за одбрана на Русија, генерал-мајор Игор Конашенков.
Тој тврди дека биле соборени 26 авиони, пренесе ТАС С.
09:30 Трамп: Путин е паметен, ги надмудри сите, нашите лидери се глупави
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја осуди руската инвазија на Украина и рече дека се моли за Украинците, наведувајќи дека бил во право кога неодамна рекол дека Путин е паметен затоа што ги надмудрил светските лидери, пренесе Ројтерс.
08:00 Руските сили навлегоа во Харков, силни експлозии во Киев
Во текот на ноќта Киев беше нападнат од руската војска и ракети, а во градот се огласија и сирени. Беа погодени и други украински градови меѓу нив и Харков
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Трамп: Искрено, Украина веќе изгуби територија
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека договорот за завршување на војната во Украина е „поблиску од кога било“ откако Вашингтон му понуди на Киев безбедносни гаранции по моделот на НАТО. Трамп, исто така, изрази увереност дека Москва ќе прифати таков договор, објави „Ле Монд“.
Трамп откри дека имал „многу долги и многу добри“ разговори со својот украински колега Володимир Зеленски, како и со лидерите на НАТО и европските земји како што се Велика Британија, Франција и Германија.
„Се обидуваме да го разработиме тоа и мислам дека сега сме поблиску“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба. „Имавме бројни разговори со претседателот Путин на Русија и мислам дека сега сме поблиску од кога било досега, па ќе видиме што можеме да направиме“.
REPORTER: An Article 5-like deal seems to be emerging without NATO membership for Ukraine. If such a security guarantee is offered, what incentive is there for Ukraine to give up any sort of territory?
US PRESIDENT TRUMP: Well, they've already lost the territory, you know, to be… pic.twitter.com/99sx8a6f03
— Status-6 (Military & Conflict News) (@Archer83Able) December 15, 2025
На прашањето дали неодамна разговарал директно со Владимир Путин, Трамп одговори остро: „да, разговарав“, без да навлегува во детали.
Сепак, Трамп се чини дека сугерираше дека во замена за безбедносни гаранции, Украина ќе мора да се согласи да отстапи делови од источниот регион Донбас што сè уште се контролирани од Киев – можност што Зеленски претходно силно ја отфрли.
На прашањето каков поттик ќе има Украина за да се откаже од територија, Трамп одговори: „Па, искрено, тие веќе изгубија територија“.
Тој додаде дека Европа, која и покрај противењето на Русија повторно предложи испраќање мултинационални мировни сили, ќе биде „голем дел“ од секоја безбедносна гаранција.
Европа
Крај на краткорочните изнајмувања станови за туристи во Шпанија, Airbnb казнет
Шпанија го казни Airbnb со огромни 65 милиони евра за рекламирање недвижности за краткорочно изнајмување, без соодветни дозволи. Одлуката доаѓа во време кога расте притисокот врз владата да го ограничи туристичкото сместување во услови на продлабочување на кризата со домувањето, објавува „Евроњуз“.
Шпанското Министерство за заштита на потрошувачите соопшти дека казната е конечна и дека на платформата со седиште во САД ѝ е наредено веднаш да ги отстрани сите нелегални огласи. Официјалните лица изјавија дека повеќе од 65.000 огласи на Airbnb ги прекршуваат шпанските закони за заштита на потрошувачите, вклучително и огласување недвижности, без дозволи или со неважечки броеви за лиценца.
Казната е шестпати поголема од профитот што Airbnb го оствари од спорните огласи помеѓу времето кога властите ја предупредија компанијата и времето кога огласите конечно беа отстранети.
Зошто беше казнет Airbnb?
Според шпанските власти, 65.122 огласи на Airbnb ги прекршиле прописите дизајнирани да ги заштитат закупците и потрошувачите. Многу од овие имоти се наоѓале во региони во кои краткорочните изнајмувања се ограничени или бараат експлицитно одобрение.
Министерството нагласи дека од платформите како Airbnb се очекува да проверат дали имотите рекламирани во Шпанија се во согласност со локалните и регионалните прописи за домување. Кога не го прават тоа, велат, тие изнајмувања остануваат на пазарот подолго отколку што треба намалувајќи го бројот на домови достапни за жителите што бараат долгорочен смештај.
Министерот за права на потрошувачите, Пабло Бустиндуј, рече дека има илјадници семејства што живеат на работ поради кризата со домувањето во земјата, а некои компании профитираат од бизнис-модели што ги принудуваат луѓето да ги напуштат своите домови.
Борбата против нелегалните изнајмувања не е ограничена само на Airbnb. Во јуни Шпанија исто така му наложи на Booking.com да отстрани повеќе од 4.000 нелегални огласи.
Барселона ја предводи борбата против масовниот туризам
Барселона стана епицентар на борбата на Шпанија против краткорочните изнајмувања. Градот оваа година објави планови за постепено укинување на сите туристички станови до 2028 година, со што ефикасно ќе им се забрани на платформи како Airbnb да продаваат приватно сместување во станбени згради.
Градските лидери велат дека краткорочните изнајмувања ги испразнија локалните населби, ги истиснаа жителите од пазарот за изнајмување и ги трансформираа цели населби исклучиво за туризам. Локалните заедници се согласуваат, а протестите – од мирни маршеви до напади со водни топови – се сè почести против масовниот туризам и растечките трошоци за живот.
Другите регионални и национални власти во Шпанија следат сличен пат. Повеќе од 53.000 нелегални туристички станови неодамна беа отстранети од официјалните регистри во целата земја, главно во Андалузија, Канарските Острови, Каталонија и Валенсија.
Шпанија пречека рекордни 94 милиони странски туристи во 2024 година и е на добар пат да го надмине овој рекорд оваа година. Иако туризмот останува клучен економски столб, официјалните лица велат дека построгата регулација на краткорочните изнајмувања е клучна за балансирање на растот на бројот на посетители со квалитетот на животот на локалното население.
Европа
Турски борбени авиони соборија дрон надвор од контрола во близина на брегот на Црното Море
Турција собори беспилотно летало „надвор од контрола“ кое се приближувало до нејзиниот воздушен простор над Црното Море, соопшти Министерството за одбрана. Инцидентот се случува по украинските напади врз руските танкери од „флотата во сенка“ покрај турскиот брег и предупредувањата од турските политичари за опасностите од ширење на војната во Украина, објави АП њуз.
Министерството во соопштението наведува дека борбените авиони Ф-16 биле испратени по откривањето на објектот. „За да се избегне каква било потенцијална штета, тој бил соборен во безбедна зона надвор од населените области“, се додава во соопштението. Во соопштението не се дадени дополнителни детали за локацијата или времето на инцидентот.
Украина соопшти дека нејзините поморски беспилотни летала погодиле два танкери на 28 ноември, додека трет брод бил погоден на 2 декември додека се движел кон турското пристаниште Синоп. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги осуди претходните напади како закана за „безбедноста на навигацијата, животите и животната средина, особено во нашата ексклузивна зона“.

