Култура
Наградуваниот германски филм „Рока го менува светот“ на „Џифони филмски денови“
Фестивалот „Џифони Македонија“ ги поканува учениците од основно и средно образование што сакаат да учествуваат на нова сесија од „Џифони филмски денови“, што ќе се организира в сабота од 10 часот во Кинотеката. На четвртата сесија од овие филмски денови учениците ќе го гледаат филмот „Рока го менува светот“ во режија на Катја Бенрат, кој е снимен според книжевните мотиви на шведската писателка за деца Астрид Линдгрен, најпозната по романот за Пипи Долгиот Чорап.
Во него главен лик е Рока, девојче од друга планета. Таа е супериорна во техничката и социјалната комуникација во однос на своите врсници, има сила да го менува светот и со таа мисија почнува во нејзиното непосредно опкружување. Рока се бори за правда и без страв им се спротивставува на насилните врсници што ги малтретираат послабите. Рока, всушност, израснала во изолирана средина, и тоа не каква било, туку во вселенска станица. Затоа секојдневниот живот во Хамбург за неа изгледа многу чудно. И покрај тоа, Рока ги задржува својот отворен дух и духовитоста, пријателски настроена кон другите. Секогаш полна со оптимизам, Рока се бори да ја зачува својата независност и да докаже дека и децата имаат моќ да го менуваат светот…
„Рока го менува светот“ беше во конкуренција за наградата на младата публика на Европската филмска академија во 2020 година. Децата актери од филмот ги освоија националните германски филмски награди, беше најдобар филм на фестивалот за деца „Џифони“ и на фестивалот во Луксембург.
Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“, информира организаторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков во Загреб на средба со колегата Главина: Драгоцено ни е споделувањето на хрватското искуство во туризмот
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Загреб оствари билатерална средба со министерот за туризам и спорт на Хрватска, Тончи Главина, со што ја започна дводневната работна посета на Хрватска.
На средбата, која помина во пријателска и конструктивна атмосфера, беа разменети мислења за развојот на туризмот и унапредување на соработката меѓу двете држави.
Министерот Љутков ја истакна одличната соработка меѓу двете пријателски држави, чии влади си даваат меѓусебна поддршка во сите области, вклучително и во областа на културата и туризмот.
Македонскиот министер, пред својот хрватски колега ја презентираше трансформацијата на Министерството за култура, кое од оваа година го интегрираше и сегментот на туризмот, нагласувајќи ги приоритетите во работењето кои се во насока на развој на културен туризам – манастирски, спортски туризам и слично.
Министерот Љутков истакна дека имаме ресурси и желба да го развиваме туризмот кај нас, а искуствата на Хрватска, како една од водечките земји во областа на туризмот во светски рамки, ни се драгоцени и се од голема полза и значење за развој и поттикнување на македонскиот туристички потенцијал.
Љутков го информираше својот хрватски колега за македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, за кој е предвидено својата надлежност да ја прошири и во областа на туризмот и образованието.
Министерот Главина на средбата го презентираше начинот на функционирање на системот и управувачката рамка во областа на туризмот во Хрватска, каде што има шест закони кои ја засегаат оваа значајна област.
Хрватскиот министер истакна дека нашата држава има автохтона понуда и ценовна конкурентна предност што треба да ја искористиме. Тој информираше дека во овој момент, Хрватска спроведува реформа на управувањето со туризмот, при што нивен фокус е развојот на одржливиот туризам, како и засилувањето на квалитетот на понудата и позиционирањето на Хрватска како дестинација за цела година. Министерот Главина додаде дека размената на искуствата и знаењата во оваа област, за нив е исклучително важна и, како што нагласи, „затоа сме среќни што отворивме низа теми кои можат да придонесат за јакнењето на туризмот во нашите земји“.
Соговорниците се согласија дека е потребно активирање на Мешовитата комисија од областа на туризмот, која ќе биде одлична можност за споделување искуства и размена на практики во туристичката сфера.
Во рамките на посетата на Хрватска, министерот за култура и туризам Љутков денеска оствари билатерална средба и со хрватската министерка за култура и медиуми, Нина Обуљен Коржинек, со која разговараа за можностите за унапредување на македонско-хрватските културни врски. Во текот на утрешниот ден, заедно со директорката Мими Ѓоргоска-Илиевска, ќе ги посети македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и местото каде што е закопан Панко Брашнаров, а вечерта во Концертната сала „Лисински“ ќе присуствува на концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.
Култура
Носечката манифестација на Културно-информативниот центар, „Звукот на Скопје“, на 27 септември
Носечката манифестација на Културно информативниот центар – Скопје „Звукот на Скопје“ оваа година ќе се случи повторно во формат на еднодневен скопски летен фестивал на отворено, на кој ќе настапат актуелни и свежи локални музички имиња. Програмата ќе биде збогатена со изложби и проекции на филмови, како дел од програмските активности на центарот.
„Звукот на Скопје“ значи нов, летен, open air фестивал, кој прераснa во ново скопско музичко жариште. „Звукот на Скопје“ значи и свеж здив во жешкото и долго скопско лето и обид за заситување на културните потреби на скопската сцена, со современи музички збиднувања и разновидна културна понуда. „Звукот на Скопје“ е и простор каде на голема сцена ќе може да се видат и етаблирани, но и нови групи, а значи и промовирање на нови концертни локации во градот, оживувајќи ги во културен контекст.
„Звукот на Скопје“ ќе се случи на 27 септември 2024, и тоа во Кулпарк (пред КИЦ), Салон 19:19 и галериите на КИЦ (Империјал I, Империјал II и Продажен салон).
Култура
Современата балетска бајка за сите возрасти, „Пепелашка“, на сцената на Националната опера и Балет
Современата балетска бајка за сите возрасти, „Пепелашка“, од Сергеј Прокофјев, ќе се изведе на сцената на Националната опера и Балет на 27 септември, со почеток во 20 часот.
Приказната за „Пепелашка“ преточена во прекрасната музика на големиот руски композитор Сергеј Прокофјев е во кореографија на гостинот од Србија, Александар Илиќ. Костимографијата е на Катерина Радошевиќж-Галиќ (Хрватска), сценограф е Филип Коруновски. Дизајн на звук: Георг Драушник (Хрватска), дизајн на светло: Милчо Александров, асистент кореограф: Саша Евтимова и Мојца Мајцен (Словенија), репетитори: Саша Евтимова, Дафина Данилоска-Кочевска, асистент-костимограф е Ангела Богеска.
Приказната за „Пепелашка“ на нашата сцена ќе ја пренесат: Наташа Трендафилова-Гицев (Христина Наќевска), Игор Веланоски, Саша Евтимова, Ангела Богатинова, Ендру Кук (Англија), Кристијан Јангос, Драган Кочоски, Гала Кочевска, солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет.
Александар Илиќ, кореографот на балетот „Пепелашка“, вели дека оваа поставка на „Пепелашка“ не е класична верзија, туку е создадена во еден посовремен контекст. „Нашата ‘Пепелашка’ ја сместивме во една потполно поинаква временска рамка во 70-тите години на минатиот век. Поточно, во време на популарноста на филмот ‘Брилијантин’, со најпознатата улога на Џон Траволта, и со самото тоа се поигравме со нашата ‘Пепелашка’ во тоа време“.