Топ
(Видео) Запленети четири вреќи со марихуана вредни околу 100.000 евра, дилерите при бегство оштетиле полициско возило
Полицијата спречила транспорт на речиси 35 килограми дрога, а во врска со настанот уапсени се две лица од скопско Арачиново.
Според надлежните, денеска, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога, во содејство со Одделот за специјални полициски операции – САЕ „Тигар“, Оперативен тим Потраги при СВР Скопје и СВР Тетово, лишени од слобода се две лица од с. Арачиново, Скопско, при што е спречен транспорт на речиси 35 кг дрога.

Имено, во утринските часови на наплатната станица кај Тетово, на автопатот Гостивар – Тетово, полициски службеници дале знак за запирање патничко возило „ренџ ровер“, со скопски регистарски ознаки, управувано К. А. (32), во кое сопатник бил О. А. (23), двајцата од с. Арачиново, Скопско. Лицата не ја почитувале дадената полициска наредба да го сопрат возилото, туку се дале во бегство, притоа оштетувајќи службено полициско возило, но набргу се запрени и лишени од слобода.
При извршен преглед во багажниот простор на возилото пронајдени се 4 вреќи со марихуана, со вкупна тежина од речиси 35 кг, со вредност од приближно 100.000 евра. На самото место на наплатната станица кај Тетово излезе и јавен обвинител од ОЈО Тетово, кој го раководеше увидот. Малку подоцна, по добиена судска наредба, извршени се претреси и во домовите на двете лица во с. Арачиново, при што пронајдени се предмети поврзани со кривичното дело.

МВР против А. К. подолг временски период преземаше мерки и активности за негово пронаоѓање и лишување од слобода бидејќи за него е распишана централна потерница поради бегство од штипскиот затвор, каде што има за доиздржување затворска казна од речиси 6,5 години, а се барал и по расписи за извршени повеќе кривични дела, како шверцување мигранти и шверц со дрога, соопшти Сузана Прањиќ-Талевска од МВР.
Двете лица се приведени во СВР Тетово и против нив во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 од Кривичниот законик.
Денешната акција е уште една од низата акции на МВР во последниот период преземени во борбата против недозволената трговија со дрога и наркотични средства, но и многуте мерки и активности за пресметка со сите видови криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(Видео) Нела Манческа ѝ донесе седмо место на Македонија на „Јуниор Евросонг“
Нела Манческа со песната „Miracle“, со која ја претставуваше Македонија на „Јуниор Евросонг“, го заврши натпреварот на високото седмо место, освојувајќи вкупно 141 поен.
Конечниот пласман беше одреден од комбинираните гласови на стручните жири-комисии и публиката, при што Македонија оствари одличен резултат кај жирито, пласирајќи се меѓу првите пет земји според нивното гласање.

Во жири-гласањето, Македонија доби 12 поени од Црна Гора и Италија, што дополнително го потврди силниот впечаток што настапот на Нела Манческа го остави кај професионалните оценувачи.
Победник на годинашното издание на Јуниор Евросонг е Франција со освоени 248 поени, второто место ѝ припадна на Украина, а третото на Грузија.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија
Професорката по уставно право и поранешна министерка за правда, Рената Дескоска, е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.
Како што соопшти Дескоска, за нова претседателка на Венецијанската комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда на Италија. Заедно со Дескоска, за потпретседатели се избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство.
Дескоска наведува дека е првата потпретседателка на Венецијанската комисија која доаѓа од Македонија, како и прва која потекнува од земја што не е членка на Европската Унија, ниту од земјите произлезени од поранешна Југославија.
Според неа, изборот претставува признание за нејзиниот досегашен ангажман и придонес во работата на Венецијанската комисија. Таа информира дека досега учествувала во изработката на 14 мислења за различни земји, кои биле презентирани на пленарни седници и едногласно усвоени, како и во повеќе мисии и конференции како претставник на Комисијата.
Дескоска посочува дека изборот за втор човек на Венецијанската комисија го доживува и како дополнителна обврска за продолжување на ангажманот во промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото.

