Црна хроника
Германец и Албанка фатени со дрога на Деве Баир
Германски државјанин на возраст од 49 години и 20-годишна државјанка на Република Албанија се фатени со дрога на граничниот премин Деве Баир.
Тие се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка, бидејќи на 18 јуни на граничниот премин „Деве Баир“ на излез од државава, двајцата осомничени неовластено заради продажба пpенесувале наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 56 килограми и 791 грама. Дрогата ја набавиле од неидентификувано лице од Република Албанија, ја препакувале во 67 полиетиленски пакувања и ги сокриле во специјално изработени „бункери“ во автомобил „Сеат алтеа“ со германски регистарски ознаки.
При царинска контрола на возилото на граничниот премин, марихуаната била пронајдена во просторите под возачкото седиште, над ауспухот, под задното седиште, од левата страна до резервоарот и во пределот на багажникот.
До судијата на претходна постапка од Основен суд Куманово јавниот обвинител поднесе Предлог за определување мерка притвор против двајцата осомничени, бидејќи постои опасност да се дадат во бегство или да го повторат делото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Запленети над 6.000 парчиња пиротехника на Бит Пазар
Вчера по преземени оперативно тактички мерки од страна на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје на ул.„192“ на подрачје на Бит Пазар во Скопје пронајдени и одземени се околу 6.000 различни парчиња на пиротехнички средства.
Известен е Јавен обвинител, пиротехниката е одземена за понатамошна постапка, а против лицата кои ја продавале пиротехниката ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Црна хроника
Пронајдени пиротехнички средства во Куманово, уапсени три лица
Вчера во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишија од слобода А.А.(39), М.В.(21), двајцата од Куманово и Е.Џ.(28) од село Лојане, општина Липково.
При преглед на тезга кај Зелениот пазар на булеварот„Трета македонска ударна бригада“, сопственост на А.А., пронајдени се и одземени над 420 парчиња разновидни пиротехнички средства. При контрола на возило „сеат леон“ на ул.„11 Октомври“, управувано од М.В., пронајдени се и одземени 32 парчиња разновидни пиротехнички средства. Додека, при преглед на возило „мазда“ на влезот на Куманово, управувано од Е.Џ., пронајдени се и одземени 150 парчиња разновидни пиротехнички средства.
Лицата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 396 од Кривичниот законик.
Црна хроника
85-годишен маж измамен за сума од 5.000 евра: измамниците се претставиле дека работат во Кувајт
Вчера во 16:00 часот во СВР Скопје, 85-годишен маж од Скопје пријавил дека бил измамен од две лица за сума на пари од 5.000 евра.
Според пријавеното, тие околу 11:00 часот на подрачјето на Центар го пресретнале него, при што едниот се претставил дека бил од Хрватска кој работел во Кувајт и го прашале дали може да им покаже евра за да ги споредат со еврата што ги имаат.
Како што е пријавено, тој ги зел парите од неговиот дом и им ги дал, а двете лица како гаранција му оставиле три алки наводно дијамантски да им ги чува, додека не му ги вратат парите.
Исто така, според пријавеното, откако не се вратиле сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

