Македонија
Грковска: Неопходна е поголема одговорност на финансиските друштва и поголема контрола врз издавањето на брзите кредити

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа координативен состанок со надлежните институции и претставници на Групација на небанкарски финансиски друштва, со цел да се преземат брзи и зајакнати мерки за справување со злоупотребата на личните податоци на граѓаните и нивно незаконско задолжување со таканаречените „брзи кредити“.
На состанокот присуствуваа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик министерот за финансии, Филип Николовски, вицегувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Ана Митреска, заменичката на Народниот правобранител, Соња Трифуновска, директорот на Агенцијата за заштита на лични податоци, Имер Алиу, како и претставници на Групација на небанкарски финансиски друштва.
Грковска нагласи дека е неопходен координиран и ефикасен пристап на сите надлежни институции, но и зголемена одговорност за финансиските друштва со цел да се спречат сите можности за натамошни злоупотреби со брзите кредити кои директно се вршат на грбот на граѓаните.
Како што информираше министерот за внатрешни работи Спасовски, во 2022 година евидентирани се 43 случаи на злоупотреба на лични податоци/измами со брзи кредити, за што до Основното јавно обвинителство поднесени се 16 кривични пријави за 24 сторители. Од почетокот на оваа година заклучно со месец јули пријавени се 65 случаи на вакви злоупотреби, за кои, по преземени мерки и активности поднесени се девет кривични пријави, а во рамки на реализираните случаи кривично се пријавени 15 сторители.
Директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци Алиу, информираше дека во Агенцијата во 2023 година, граѓаните имаат поднесено пет барања за утврдување на повреда на правото на заштита на нивните лични податоци при процес на спроведување на брз кредит. Во однос на сите барања спроведени се вонредни супервизии од страна на Секторот за супервизија и во сите случаи утврдени се повреди по правото на заштита на личните податоци. Во претходната 2022 година, имало вкупно 1 пријава, додека пак во 2021 година имало седум пријави.
И покрај преземените чекори и изрекување на казни од страна на АЗЛП и покренати кривични постапки од страна на МВР, неподелено е мислењето дека неопходно е итно зајакнување на механизмите за контрола на идентитетот на барателите на брзи кредити и зголемување на транспарентноста на финансиските друштва од една страна, и брза имплементација на новите законски решенија со кои се зајакнати критериумите за работење на финансиските друштва.
Од тие причини, беше заклучено финансиските друштва во рок од еден месец да спроведат соодветна едукација на вработените за примена на системот на идентификација при воспоставување деловен однос, согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Истовремено, финансиските друштва се должни да утврдат процедура за постапување со која ќе се гарантира дека податоците од личните документи соодветствуваат со лицето кое што е барател на кредитот.
Во однос на онлајн аплицирањето, потребна е идентификација на клиентот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори, вклучително и со употреба на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност согласно со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.
Во насока на зајакнување на транспарентноста, во рок од три дена финансиските друштва на своите веб страни треба да ги објават тарифниците за трошоци за брзи кредити усогласени со новото законско решение кое ја лимитира вкупната сума за тарифирање, а по истекот на тој рок Министерството за финансии да изврши контрола. За оние финансиски друштва што нема да ги објават тарифниците, предвидени се казни согласно Закон.
На состанокот меѓудругото беше заклучено дека Министерството за финансии во рок од 30 дена треба да подготви подзаконски акти за подобра операционализација на новото законско решение, кои ќе овозможат надминување на детектираните слабости.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.
Македонија
Починато лице на списокот за гласање, ДИК отфрли седум и прифати три приговори за лично избирачко правo

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница отфрли седум приговори поднесени од граѓани за лично избирачко правo, а прифати три. Отфрлени како неосновани беа приговорите на Радица Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди од Желино, Иџел Камбери од Желино, Гордана Радеска од Битола, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово. Прифатени, пак, беа приговорите на Божидар Алтипармаков од Битола, Адис Таири од Гостивар и Едина Таири од Гостивар. Тројцата утре ќе може непречено да го остварат своето право на глас, но се должни со себе на гласачкото место да го донесат и покажат решението што ќе го добијат од ДИК како правен основ да бидат запишани во дополнителнот образец на Избирачкиот список.
На седницата беше усвоена и Одлуката за поништување на потврдена листа за членови на Совет на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Образложението е дека ДИК на 17 октомври, по допрен глас, дошла до информација дека на оваа листа има починато лице. ДИК предложи за овој случај понатаму да постапува Јавното обвинителство.
-ДИК согласно Деловникот и Изборниот законик констатира дека се поништува потврдената листа од Изборната комисија на Град Скопје за членови на Совет поднесена од ДНЕТ. ДИК одлучи дадените гласови за поништената листа членовите на избирачките одбори да ги евидентираат како неважечки гласачки ливчиња во записникот за гласање. Исто така, членовите на општинските изборни комисии кои спроведуваат гласање за Град Скопје, како и Изборната комисија на Град Скопје нема да ги сметаат како добиени гласови во соодветните записници за сумирање и утврдување на резултаите од гласањето, објасни претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Членот на ДИК, Александар Даштевски рече дека ваков случај, на предложено починато лице, имало и лани. Листата била отфрлена.
-Беше покрената и кривична постапка што е предвидено за вакви случаи, истакна Даштевски.
На седницата ДИК информира дека досега за следење на утрешните локални избори се пријавени 1 463 набљудувачи од кои 807 домашни и 644 мешународни, како и 12 странски новинари. ДИК воедно денеска им одобри акредитации за следење на изборниот процес и на уште двајца новинари од Радио-телевизија Косово.
Беше прифатена и Одлуката за доделување дополнителни средства на општинските изборни комисии за локалните избори.
Попладневната 147. седница на ДИК, како што напомена Кондарко, останува отворена за евентуално пристигнување на други приговори.
-Јавноста ќе биде известена за продолжение на седницата. Сега само ја прекинуваме, а ќе ја продожиме денеска ако има потреба, ако не, утре ќе констатираме дека ја затвораме, објасни Кондарко.
Македонија
Скандал во студентскиот дом „Гоце Делчев“, студент снимал девојки додека се туширале

Студент бил фатен како тајно снима студентка во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
„На 16 октомври 2025 во 20 часот и 10 минути во СВР Скопје, 22-годишна девојка од Прилеп, со престој во студентски дом на подрачјето на Карпош, пријавила дека истиот ден околу 17 часот, додека се туширала забележала телефон над параваните.
Според пријавата, А.М. (22) од Богданци ѝ кажал дека тој ги направил фотографиите. Лицето е приведено во полициска станица, а одземени му се лаптоп и компјутер.
„СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.