Топ
(Видео) На Скопска Црна Гора запленети 400 кубици бесправно исечено огревно дрво, приведени 10 дрвокрадци

На 19 и 20 септември, на местото наречено Рамно на планината Скопска Црна Гора, во заедничка акција на Одделот за криминалистичка полиција, Единицата за брзо распоредување при Одделот за специјални полициски операции, СВР Скопје, Шумската полиција и Јавното претпријатие „Национални шуми“, од слобода биле лишени 28-годишниот С. А., 22-годишниот Р. А., 24-годишниот Џ. А., 37-годишниот Е. А., 39-годишниот Б. С., 51-годишниот Д. А., 53-годишниот Ќ. А., 47-годишниот С. А., 34-годишниот Џ. С., сите од село Брест, и 27-годишниот Б. М. од село Арачиново, Скопско, извести МВР.
„Лицата биле затекнати на местото при бесправна сеча на дрва и притоа биле пронајдени околу 400 кубни метри исечено огревно дрво. На местото биле пронајдени четири товарни возила натоварени со огревно дрво, едно патничко возило, три моторни пили и други предмети што биле користени за сеча на дрвата. Возилата, дрвата и другите предмети биле одземени за понатамошна постапка, а лицата биле задржани во полициска станица и со нив бил извршен службен разговор“, соопшти МВР.
По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по член 226 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче до Мицкоски: Или сфати дека си избран да ја водиш државата или да си одиш

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите на премиерот Мицкоски, порача дека премиерот треба да престане со спинови и да почне да се соочува со реалните проблеми во државата.
„Премиерот треба да престане да спинува. Има сериозни економски проблеми и прашања на кои треба да одговори. Кога човек нема што да каже, кога нема со што да се пофали – ниту проект, ниту добра прогноза за земјата – тогаш забегува кон вакви некакви лаги,“ изјави Филипче.
Тој додаде дека владата се соочува со сериозна економска стагнација и дека тоа го потврдуваат и меѓународните институции.
„Нема раст, има пад на просечната плата, скок на цените на основните производи, затворање компании и луѓе кои секојдневно остануваат без работа. Наместо да се занимава со овие проблеми, премиерот измислува афери и скандали,“ рече Филипче.
Лидерот на СДСМ оцени дека државата оди кон економски колапс и дека е време владата да преземе одговорност.
„Време е оваа влада да сфати дека или треба да ја води државата како што треба – или да си оди. Граѓаните не заслужуваат незаинтересирана власт без резултати и без работа,“ порача Филипче.
Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.