Uncategorized
Подготвени сме да ги блокираме сите улици за сите наши вработени да го изразат својот бунт: АСОМ до граѓаните
Асоцијацијата на спортските обложувачници (АСОМ), заедно со Асоцијацијата на приредувачите на игри на среќа во автомат-клубови и казина (АПИС), во многу поголем број од вообичаено одржаа јавен собир пред Собранието и ја блокираа улицата 11 Октомври со цел да го искажат својот револт против носењето на новиот предлог-закон за игри на среќа.
Поводот беше денешната закажана седница на Комисијата за европски прашања, на која на дневен ред е второто читање на предлогот за изменување на Законот за игрите на среќа, со што тоје на чекор пред конечно донесување на пленарна седница во парламентот.
Во својата изјава за медиумите, претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, порача дека овој јавен собир и блокирањето на улицата пред Собранието е само прв во низата сè додека не се слушне нивниот глас и се стави крај на ова бескрајно самоволие на власта.
„Подготвени сме да ги блокираме сите улици за сите наши вработени го изразат својот бунт и протест против ова што им се случува“, рече Илијевски.
Тој повтори и дека носењето на штетниот закон не е ништо друго, освен штитење на бизнис-интересите на поединци во власта. „Целта на овој закон е да се затворат легални домашни компании за да може Владата преку новите онлајн-страници со странски компании од Бугарија да си го преземе бизнисот. Граѓаните не смее да бидат измамени, зад плаштот за наводна грижа за нив се носи закон, кој има целосно друга цел“, порача тој.
Претставникот на АПИС, пак, Горан Стоименов, потсети и на небулозните предлог-измени во контекст на оддалеченоста на објектите од училиштата.
„Потценување на интелигенцијата е да се тврди дека дистанцијата од 500 метри од образовни институции е за заштита на младината кога во исто време државата овозможува преку интернет игрите на среќа да станат достапни буквално на секој мобилен и статичен уред“, рече Стоименов.
Во своето обраќање Илијевски ги повика и пратениците да не одат против здравиот разум и против повеќе од 10.000 вработени во секторот, кои од оваа работа го вадат својот леб и ги ранат своите деца.
„Не ли ви е срам што со вашето гласање ќе оставите на улица илјадници семејства? Нели ви е, во најмала рака, жал што со вашата одлука илјадници дечиња ќе ги лишите од најосновното? Немате ли гризење на совеста што вашиот глас, наместо во интерес на граѓаните што ве изгласале, ќе оди за интерес на малкутемина во Владата, кои без пардон се подготвени да затворат целосно легална индустриска гранка, само за да си ги полнат своите џебови?“, праша Илијевски.
Тој потенцира и дека станува безобразно што повеќе од 10 пати двете асоцијации се собираат пред Собранието или пред Владата, а во меѓувреме ниту еден владин претставник ниту, пак, пратеник се има соочено со нив за да го аргументира овој закон.
„АСОМ и АПИС претставуваат 95 % од лиценцираните компании за игри на среќа во државата, а никој никогаш н повикал ниеден од нас да ги изнесе аргументите, професионално и базирано на низа истражувања за индустријата. Наместо тоа, по примерите на развиените европски земји кон кои се стремиме, ние имаме жална Македонија во која се носи закон со безброј небулози спротивни на пазарната логика“, рече Илијевски.
Заеднички во своите ставови дека оваа битка нема да сопре, и Стоименов од АПИС порача дека правдата ќе се бара во институциите.
„Ќе водиме правни битки, ќе следува иницијатива пред Уставен суд, ќе следуваат тужби за астрономски отштети, кои ќе се прекршат преку грбот на народот. Без егзистенција ќе останат 10 илјади вработени, од 54 до 100 илјади други работни места, кои се поддржуваат преку легалните игри на среќа, ќе доживеат сериозен економски удар, сопствениците на објектите ќе останат без закупнина, банките ќе активираат хипотеки и други гаранции“, истакна Горан Стоименов.
На крајот од своето обраќање Илијевски пак порача дека ова е борба на сите граѓани на оваа земја против самоволието на Владата и повика на масовна поддршка од медиумите и граѓаните сè до конечна победа на правдата.
„Денеска се овие вработени, утре ќе бидат други. Ова е самоволие, ова е владин интервенционизам во легална дејност и класично преземање огромна штета и ризик за граѓаните. Ако ова им помине сега, ќе може тоа да го прават со кој било друг бизнис!“, заклучи Илијевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Возило паднало во водите на реката Радика, има загинати, во прекин сообраќајот Маврово-Дебар
Патничко моторно возило попладнево паднало во реката Радика, на локација кај Манастирот „Св. Јован Бигорски“.
„Од 18:30 часот, сообраќајот на регионалниот пат Маврово -Дебар е во прекин поради извлекување на патничко моторно возило од сообраќајната незгода со загинати лица од водите на реката Радика во близина на Манастирот св.Јован Бигорски, соопшти АМСМ.
Uncategorized
(Видео) Владата ги намали парите за загаден воздух за 50 отсто во споредба со лани, рече Лукаревска и праша кои конкретни мерки се преземени
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница посветена на пратенички прашања го праша министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, за кратењето на буџетските средства за заштита на животната средина и за тоа како Владата планира да се справи со аерозагадувањето кога од година на година ги намалува средствата за оваа намена.
„Во ребалансот на буџетот за 2025 година – заштитата на животната средина како функција на државата има евидентно намалување на буџетските средства за 13,4 % во износ од 868 милиони денари помалку сведувајќи се од 6,4 милијарди на речиси 5,6 милијарди денари за фискалната година. Најголемата промена е во ставката – намалување на загадувањето, каде што првично планираните 3,2 милијарди денари се сведуваат на 2,6 милијарди денари, што претставува приближно 19 % намален буџет, а во однос на претходната година планирано е тој да се намали за 48,2 %, тоа е речиси 50 %“, рече Лукаревска.
Таа нагласи дека е несвојствено да се кратат средства за области кои се рак рана на општеството и изрази загриженост за тоа како ќе се справиме со загадувањето, кој ќе биде третманот за отпадни води, како ќе ја заштитиме природата, каков квалитет на воздухот ќе имаме, како ќе се зајакне надзорната функција на Државниот инспекторат за труд и како ќе се унапредува животната средина.
„Моето прашање е кои конкретни мерки ги преземате како Влада, односно како ресорно министерство во борбата против аерозагадувањето имајќи го предвид фактот дека од година на година со секој буџет и ребаланс на буџетот ги намалувате средствата за справување со овој огромен проблем ?“, праша Лукаревска.
Лукаревска постави прашање и до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за неисполнувањето на обврските од реформската агенда, односно обврските за три реформи, кои се однесуваат на подобрување на деловната клима за малите и средните претпријатија.
Uncategorized
Израелски напад врз училиште во Појасот Газа
Петмина Палестинци загинаа при израелскиот напад врз училиште во квартот Ал Туфа, источно од градот Газа, каде се сместени раселени лица.
Помеѓу загинатите има и деца. При нападот повредени се и повеќе лица кои се хоспитализирани.
Израелската армија соопшти дека неколку осомничени лица се идентификувани надвор од обележаната линија за прекин на огнот и оти отвориле оган врз нив.
Хамас нападот го оцени како „брутално злосторство“ и уште едно кршење на Договорот за прекин на огнот.
Според палестинското Министерство за здравство во Газа, од стапувањето во сила на Договорот за прекин на огнот, убиени се 400 Палестинци.

