Македонија
Министерството за одбрана: Набавката на опрема за Армијата, поддржана од Европскиот мировен фонд, тече според планираното
Набавката на воена опрема поддржана од Европскиот мировен фонд со 9 милиони евра тече во согласност со планираната динамика, беше потврдено на денешниот прв состанок на Управувачкиот комитет одржан во Домот на Армијата.
Комитетот, чија основна задача е да ја следи реализацијата на овој проект, се состои од претставници на Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата, Организацијата за имплементација на мерката од Европскиот мировен фонд, Организацијата за унапредување на човековата безбедност (ИТФ) и Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Директорот на Генералштабот, бригадниот генерал Симеон Трајковски, на отворањето на состанокот истакна дека оваа помош од Европската Унија наменета за потребите на македонската Армија ќе ги зајакне капацитетите на Армијата, ќе влијае на развојот на одбранбените способности и на интероперабилноста на Армијата.
Директорот на словенечката организација за унапредување на човековата безбедност – ИТФ, амбасадорот Томаж Ловренчич, агенција што ќе го имплементира проектот на Европскиот мировен фонд за поддршка на Армијата, додаде дека планираните активности се веќе почнати и се реализираат во согласност со стратешките цели, листа на приоритети и роковите на испорака на опрема за Армијата. Првата испорака истакна дека се очекува да биде во април оваа година.
Хозе Карлос Енгра Морено од Службата на Европската комисија за инструментите на надворешната политика ја истакна важноста на земјите од Западен Балкан за безбедноста на Европа и додаде дека покрај оваа помош за Северна Македонија, вакви проекти се веќе во тек и со други земји од регионот.
Средствата што се дел од овој проект се наменети за набавка на опрема за лесната пешадиска баталјонска група, и тоа логистичка, медицинска, инженерска и опрема за изведување обуки, комуникациско-информациски системи и за разузнавачки капацитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

