Топ
Приведен Германец на „Табановце“, му пронашле ножеви, солзавец и други опасни материјали во возилото

49-годишен германски државјанин, Т.В.,вчера бил приведен на Граничниот премин Табановце при влез во Република Македонија. Полициските службеници извршиле редовна контрола на возилото „Опел” со германски регистарски таблички, кое го управувал осомничениот, при што откриле повеќе предмети за кои се основано сомнение дека се незаконски.
Меѓу предметите пронајдени во возилото биле бела прашкаста материја, дробилка, шише исполнето со течност, пет ножеви, метална палка, десет боци солзавец, електрошок, две радио врски и други предмети кои полицијата смета дека може да бидат поврзани со кривично дело.
„При контрола на возилото, откривме повеќе предмети кои се незаконски и за кои постои основано сомнение дека се користени за извршување на кривични дела. Лицето веднаш беше лишено од слобода и предадено на понатамошна постапка во СВР Куманово. По целосното документирање на случајот, ќе следи соодветна пријава“, информираа од МВР.
Т.В. ќе биде притворен за понатамошно испитување, а по целосното расчистување на случајот ќе бидат преземени соодветни правни мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Кандидатурата на Мециновиќ за Скопје е договор на Левица да им помогне на СДС и ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Јасно е дека кандидатурата на Амар Мециновиќ е дил на Левица за помош на ДУИ и СДС, со математика Орце Ѓеорѓиевски да не победи уште во првиот круг“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа Левица не можеше да најде ниту еден друг кандидат и никој друг не се нафати за кандидат за градоначалник за Скопје, па затоа го кандидираа пратеникот Амар Мециновиќ.
Го прашуваме Мециновиќ со оглед на тоа што Димче Апасиев бараше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои се кандидати за градоначалници да си поднесат оставка дали Мециновиќ ќе си поднесе оставка од пратеник бидејќи е кандидат за градоначалник“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Топ
Убиство во Кавадарци, тројца уапсени

Денеска во 04:56 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на заден влез од казино на улицата „Никола Минчев“ во Кавадарци, неколку лица физички нападнале едно лице, кое паднало на земја и на кое му била потребна помош.
Полициски службеници од ОВР Кавадарци излегле на местото и констатирале дека се работи за лицето П.Т.(43) од Кавадарци, кај кое и покрај укажаната помош, екипа од Итна медицинска помош во 05:15 часот констатирала смрт.
Набргу потоа, а поради сомнение за инволвираност во настанот, од слобода биле лишени Д.Б.(26), М.Ѓ.(35) и Д.С.(27), сите од Кавадарци. Тие биле приведени и задржани во полициска станица.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци и полициски службеници вршат увид на местото, на надзорните камери од казиното и по целосно расчистување и документирање на случајот, против сторителите ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Муцунски за „Политико“: Државата не е подготвена за уставните измени што ги бара Бугарија без цврсти гаранции од ЕУ дека тоа ќе биде последното такво барање

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, даде интервју за политичкиот магазин „Политико“.
Говорејќи за процесот на европска интеграција, министерот истакна дека државата во моментов не е подготвена да ги направи уставните измени што ги бара Бугарија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното вакво барање. „Нашиот страв е: ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако за шест месеци Бугарија повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?“, рече Муцунски.
Тој нагласи дека Северна Македонија е подготвена и веќе работи на сите други неопходни реформи, бидејќи тие не се само барање на Унијата, туку и потреба на општеството. „Ако утре земјите членки ни кажат дека треба да направиме повеќе во областа на владеењето на правото или доброто управување – тоа го разбираме. И не само што го разбираме, туку го чувствуваме како наша обврска“, додаде министерот.
Во интервјуто тој се осврна и на геополитичкиот контекст, нагласувајќи дека иако ја разбира итноста за интеграција на Украина, тоа не смее да биде на сметка на Западен Балкан. „Најбрзата, а веројатно и најевтината инвестиција во европската стабилност е ЕУ што побргу да ги отвори вратите за целиот регион. Не мислам дека селективното проширување е најдобрата опција“, изјави Муцунски.
Тој потсети дека Северна Македонија го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска денес е членка на Шенген и користи евро, нашата држава сè уште нема отпочнато преговори за членство.
Министерот изрази увереност дека проширувањето сè уште е возможно. „Слушаме за скептицизам кон проширувањето. Но, Северна Македонија – културно, социјално и политички – е европско општество. Доколку ги направиме реформите како што треба, не верувам дека ќе има силен отпор за проширувањето на нашиот регион.“
Покрај темите поврзани со ЕУ-членството, Муцунски зборуваше и за поддршката што Северна Македонија ја дава за Украина, придонесот во НАТО Алијансата, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој посочи и дека Северна Македонија беше првата земја од регионот што потпиша безбедносно-одбранбено партнерство со Европската Унија – дури пред Велика Британија и Канада.