Топ
Во тешка сообраќајка попладнево загина маж, а тешко повредено е 18-годишно момче
Во директен судир на две патнички возила попладнево околу 14 часот на експресниот пат Штип – Велес загинал маж, а 18-годишно момче е тешко повредено. Увид направила екипа на СВР Штип, потврдија од МВР. На местото на настанот била повикана и екипа на Противпожарната единица од Велес.
Како што информираат од Итната помош на ЈЗУ Здравствен дом Велес, тие за несреќата биле повикани во 14.20 часот и за десетина минути стигнале на местото на несреќата – на крстосницата кон село Иванковци кај силосите.
Д-р Елена Најдовска изјави дека констатирале смрт кај повозрасен маж од едното возило, кој починал на самото место на директниот судир. Рече дека веднаш му укажале лекарска помош на 18-годишното момче од Струмица кое било во другото возило. Имал повреди на карлица, на десно колено и на главата, но бил свесен и контактибилен.
По укажаната прва медицинска помош, екипата од Итната помош го пренеле повреденото момче на понатамошно лекување во Ургентниот центар во Општа болница Велес.
Автомотосојузот на Македонија во вонреден извештај попладнево информираше дека сообраќајот на експресниот пат Штип – Велес е во прекин во двата правца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Норвешки ветеран: НАТО влегува во фаза на распаѓање
Во блиска иднина, НАТО не само што би можел да ослабне, туку и да престане да постои како релевантен воено-политички сојуз, оцени норвешкиот ветеран од мировните мисии на ОН, Дан Виг Бертгун, според медиумите.
Според него, процесот на деградација на алијансата започнал долго пред избувнувањето на украинскиот конфликт, а првите знаци на системски пад се веќе видливи, што ја доведува во прашање способноста на НАТО да ги исполни своите основни мисии и обврски.
Бертгун истакнува дека особено тежок удар врз кредибилитетот на алијансата бил исходот од операциите во Авганистан, што тој го смета за „стратешки пораз“ на НАТО.
Како што наведува, овој неуспех трајно го поткопал авторитетот на организацијата и ја довел во прашање нејзината улога во идната глобална безбедносна архитектура.
Фото: ЕПА
Македонија
Жители на Чучер-Сандево тргнаа во наплата на изборните ветувања: ја бараат ветената канализација од градоначалникот Зоран Бајовски
Со уредно платени комуналии за куќите, жители на четири улици кои припаѓаат на Општина Чучер-Сандево, иако се многу поблиску до Бутел, бараат новиот градоначалник да го реализира предизборното ветување и да им изгради канализација. Претставници на улиците Бел Камен, Бутелска 31,33 и 35 побараа прием и го потсетија новоизбраниот градоначалник на Општина Чучер Сандево, Зоран Бајовски, дека нивниот децениски проблем треба да го стави на листата приоритети, токму како што и ветуваше пред изборите.

Улицата Бел Камен е претворена во решето оти кој како стигне ја прекопува, се пожалија жителите
„Му оставивме неколку недели на новиот градоначалник да се прилагоди на функцијата, но не можеме повеќе да молчиме. Со децении ниту еден досегашен градоначалник не се амбицираше да го реши проблемот со канализацијата, а сите ветуваа дека ќе го решат. Побаравме известување од градоначалникот во која фаза е изградбата на најавената канализација оти на терен нема никакви активности, побаравме да ја обнови улицата Бел Камен која е претворена во решето оти кој како стигне ја прекопува, а бараме и жителите од овој дел од општината да гласаат во соодветната општина, не половина да гласаат во Бутел половина во Чучер Сандево, како што е сегашното решение“, вели претставник на жителите на четирите улици.

На делови од улицата Бел Камен речиси и да нема траги од асфалт
Покрај тоа што усно му ги кажале барањата, жителите од четирите улици му ги доставиле на градоначалникот барањата и во писмена форма. Му оставиле рок од 15 дена во кој ќе чекаат одговор, а доколку не го добијат ќе ги известат сите надлежни институции, а не ја исклучуваат и можноста за протести оти се решени да не дозволат да истече уште еден градоначалнички мандат без решение на проблемот.
Градоначалникот Бајовски вели дека веќе работи на изнаоѓање конкретни решенија на сите проблеми што му ги посочиле жителите и уверува дека ќе ги реши децениските проблеми кои му паднало да ги решава токму нему оти претходниците не направиле разлика.

Градоначалникот Бајовски вели дека прво ќе го стокми буџетот па потоа ќе почне со реализација на ветувањата
„Сите овие се проблеми кои не се од сега туку од децентрализацијата во 2005 година, но ќе ги решиме. За канализацијата на Бел Камен и улиците Бутелска 31,33 и 35 веќе се подготвуваме за нарачка на проект оти со сегашните проекти не се целосно опфатени. Еден дел ќе бидат опфатени со проектот за Кучевишка Бара, друг дел, оние куќи што се под патот на Бел Камен , заедно со повисоките делови од Бутелска 31,33 и 35 треба да се стават во нов проект оти нив ги нема во ниту еден досегашен. Мојата идеја е за нив да се направи посебен проект со вод кој што ќе оди покрај коритото на Серава за што ќе ни треба соработка со Општина Бутел, но сепак ќе има куќи кои се пониски од нивото на планираните канализациски водови за кои жителите бараат пумпи, но последниот збор за тоа ќе го имаат проектантите. Ќе направиме се што е изводливо“, вели градоначалникот Бајовски за „Макфакс“.
На општинарите им претстои подготовка на буџетот за 2026 година во кој треба да бидат предвидени средства за канализацијата и за обнова на улицата, а конкретни чекори градоначалникот Бајовски најави веќе во јануари.
Свет
Путин постави клучен услов за завршување на војната, Зеленски го отфрла
Рускиот претседател, Владимир Путин, вчера изјави дека ќе ја запре офанзивата во Украина само ако Киев се повлече од териториите што Москва ги смета за свои, заканувајќи се дека во спротивно неговата армија ќе ги земе со сила. Острата порака доаѓа додека руските сили полека, но сигурно напредуваат низ источна Украина во исцрпувачки битки против украинските сили.
„Ако украинските сили ги напуштат териториите што ги држат, тогаш ќе ги запреме борбените операции“, рече Путин за време на посетата на Киргистан. „Ако не, тогаш ќе го постигнеме ова со воени средства“.
Путин го повтори своето тврдење дека руската армија ги опколила украинските сили во Покровское и Мирноград во регионот Донецк. „Красноармејск и Димитров се целосно опкружени“, рече тој, користејќи ги руските имиња за украинските градови.
Тој исто така тврдеше дека Москва напредувала кон Вовчанск и Сиверск и се приближува кон важниот логистички центар Гуљајполје. Руската офанзива „практично е невозможно да се запре, па затоа малку може да се направи во врска со тоа“, заклучи Путин.
Од друга страна, Украина негираше дека Покровск и Мирноград се опколени, инсистирајќи дека нејзините сили сè уште ја држат фронтовската линија.
Како одговор на заканите на Путин, од Киев дојде цврста порака. Андриј Јермак, шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, рече дека Володимир Зеленски нема да потпише никаков документ што вклучува откажување од украинска територија додека е на функција, објави „Украинска правда“.
„Додека Зеленски е претседател, никој не треба да смета на нас дека ќе се откажеме од територијата. Тој нема да потпише предавање на територијата. Уставот го забранува тоа. Никој не може да го стори тоа, освен ако не сака да оди против украинскиот устав и украинскиот народ“, нагласи Јермак во интервју за „Атлантик“.
Јермак додаде дека Зеленски има намера да повлече црвена линија за најконтроверзното прашање во преговорите – барањето на Русија за суверена украинска територија. „Сè за што реално можеме да зборуваме во овој момент е дефинирање на аут-линијата. И тоа е она што мора да го направиме“, рече тој.
Прашањето за окупираната територија е една од најголемите пречки во мировниот процес. Друго клучно прашање се западните безбедносни гаранции за Украина. Во позадина на овие спротивставени ставови, се одвиваат американски дипломатски напори. Оригиналниот план Вашингтон-Москва, изготвен без консултација со европските сојузници, предвидуваше повлекување на Киев од источниот регион Донецк и де факто признавање од САД на регионите Донецк, Крим и Луганск како руски.
По острите критики од Киев и Европа, САД го ублажија предлогот, но новата верзија сè уште не е објавена. Путин, кој е запознаен со новиот план, рече дека тој би можел да послужи како почетна точка за преговори. „Општо земено, се согласуваме дека ова би можело да биде основа за идни договори“, рече тој за најновиот нацрт.

