Daily news
Зошто мажите пуштаат брада?
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/brada20maz.jpg)
Мажите можеби пуштаат брада за да бидат поатрактивни за жените и за да доминираат над другите мажи, покажува научно истражување чии резултати се објавени во научното списание Evolution and Human Behaviour, а е спроведено врз мајмуни.
Според истражувањето, научниците веруваат дека ја решиле една од најголемите загатки – зошто многу мажи и денес пуштаат брада. Одговорот, според научниците од универзитетот Западна Австралија, се состои во тоа што мажите имаат чувство дека се под притисокот на другите мажи, па оттаму се обидуваат да изгледаат поагресивно со тоа што ќе бидат повпечатливи.
Научниците ги проучувале тезите дека во големите заедници машките примати развиваат живописни обележја коишто можат да ја зајакнат нивната сексуална привлечност за женките, и со тоа да се стават во подобра позиција во однос на другите мажјаци. Тоа ги вклучува поистакнатите образи, продолжените носови, поизразените горни усни кај мајмуните и брадата кај човекот.
Научниот тим проучувал 154 видови примати и открил уште поистакнати обележја кај машките припадници на видот, кај коишто општествените и физичките судири се вообичаени, а можноста за разликување на поединците е ограничена. Колку заедницата станувала понаселена со мажјаци, се зголемувала и конкуренцијата и обележјата станувале повпечатливи, утврдиле научниците.
Современиот маж, не само што мора да се натпреварува со стотици други мажи во стварниот свет, туку мора да се истакне и меѓу илјадниците потенцијални соперници во виртуелниот свет, па мазно избричените мажи може да ги одбиваат жените коишто ги привлекуваат наизглед моќни мажи, велат натаму научниците.
„Кога живеете во помали групи во коишто сите се познаваат, немате потреба да ги нагласувате квалитетите и компетитвноста преку украси. Во големите групи, во коишто поединците се опкружени со непознати единки, потребно е брзо и проверено средство за да се процени нечија моќ и квалитет, и на тоа место прискокнуваат живописните украси. Кога станува збор за луѓето, тоа може да ги вклучи и фенотипските додатоци, како што се украси на телото, накит и симболите на престижот“, вели шефот на истражувачкиот научен тим, Сирил Грутер.
Научниците истакнуваат и дека, на пример, мустаќите и брадата биле популарни меѓу британските мажи во периодот од 1842 до 1971 година, бидејќи имало помалку жени на возраст за мажење и брадите се сметале за атрактивни. Исто така, во текот на XIX век се променил ставот кон мустаќите и брадата кај британските војници, под влијанието на културите од Далечниот исток во коишто зулуфите, мустаќите и брадите биле симбол на моќ и мудрост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/thumbnail_The_Business_of_Pleasure_2.jpg)
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/03/1-1-3.jpg)
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/08/gruevski-sud.jpg)
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.