Македонија
Почнува Комисијата за оправданоста на отповикување на претседателот

Во Собранието, за четврток, во 11 часот е закажана првата седница на Комисијата за оценување на основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност или импичмент на претседателот Ѓорге Иванов.
Комисијата има 11 члена од кои шестмина пратеници се на ВМРО-ДПМНЕ. Според пратениците ова ќе биде уште една деловничка фарса на власта во која со надгласување ќе се блокира уште една комисиска расправа. На собраниска седница за формирање на Комисијата, пратениците на СДСМ не гласаа за нејзинот формирање, затоа што сметаат дека застапеноста на пратениците во комисијата не е соодветна. Тие ја обжалија и до Управниот суд.Не се знае дали денеска на комисиската седница и ќе присуствуваат двајцата членови од СДСМ. Според нив, основањето на комисијата било сторено со грубо кршење на деловникот. Речиси е извесно, и власта тоа не го крие, дека преку оваа комисја ќе се блокира дебатата за импичмент за претседателот Иванов, и јавноста ќе биде ускратена за јавна седница на која ќе се кажат и слушнат ставовите на целата парламентарна опозиција и власта во врска со одлуката на Иванов за аболиција на 56 политичари и нивни соработници, која подоцна ја укина за 22 политичари, со можност другите сами, поединечно да побараат укинување на нивната аболиција./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шаќири: Албанците во Македонија се одлучувачки и државотворен фактор

Албанците во Северна Македонија се одлучувачки и државотворен фактор, и затоа оваа улога мора да се гарантира и почитува во секоја институција и на секое ниво на одлучување, велат од Алијанса за Албанците.
„Нашата политичка платформа се раководи од три основни принципи: Традиција, Одговорност и Развој. Овие принципи се столбовите врз кои го градиме нашиот визион за функционална, ефикасна и правична држава, каде Албанците и Македонците заедно ја градат подобрата иднина.
Убедени сме дека дојде време за нов политички договор меѓу Македонците и Албанците, кој ќе се темели врз реална еднаквост, заемна почит и стратешко партнерство. Само така може да се изгради стабилно општество и модерна, европска држава еднаква за сите“.
Алијанса за Албанците, како што нагласи Њомза Шаќири, портпарол на партијата, е политичка сила, позиционирана десно од центарот, која го брани албанскиот идентитет, јазикот и националните традиции, промовирајќи како што велат, истовремено индивидуална слобода, приватна сопственост, пазарна економија и одржлив развој.
„Наш приоритет е локалниот економски развој и зајакнување на општините преку реална децентрализација. Поддршката за младите, семејствата и локалните бизниси е во центарот на нашето политичко ангажирање, бидејќи само така се гарантира еднаков развој и долгорочна стабилност.
Ќе се залагаме за активна вклученост на граѓаните во одлучувањето и за тесна соработка со албанската дијаспора, која останува драгоцено национално и економско богатство“.
Според неа, Алијанса за Албанците, е решена да биде гласот на вистинската еднаквост и гарант на албанскиот национален интерес.
„Со нашата платформа и со нов договор меѓу Македонците и Албанците, ја отвораме патеката кон еднаква, функционална и европска држава“.
Македонија
Мицкоски до Филипче: Време е да бидат конструктивна опозиција, растот на нето-платата сега е двојно поголем во однос на периодот на Владата на СДСМ

„Добро е да се направи споредба меѓу параметрите што ги прават СДСМ и ДУИ кога тие беа во Владата седум години во периодот јуни 2017 до мај 2024 година, кога порастот на реалната нето-плата што ја зедоа вработените во Македонија беше околу 3,5 проценти и оваа една година на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата односно од јуни 2024 до јуни 2025 кога реалниот пораст на нето платата е 6,5 проценти“, одговори денес претседателот на Владата Христијан Мицкоски на вчерашните обвинувања од страна на претседателот на СДСМ Венко Филипче.
„Математички, но и било како гледано, 6,5 отсто е речиси двојно повеќе од 3,5 проценти. Селективниот пристап и ваквиот тип на политика на СДСМ донесе резултати во Македонија како што бевме сведоци изминатите седум години катастрофални и уништувачки. Но она што е поважно и мој совет до раководството на СДСМ е дека тие со ваквиот селективен пристап ја уништија и сопствената партија, рече тој им порача дека СДСМ треба да е конструктивна опозиција, наместо да лиферува невистини.
Мој совет до СДСМ и до луѓето од раководството е дека тие со ваквиот селективен пристап ја уништија и сопствената партија. Мојот совет е конечно да бидат конструктивна опозиција, наместо да спинуваат и да лиферуваат навистина да почнат да предлагаат нешто коешто ќе значи подобар живот за граѓаните, но и за нас како Влада ќе претставува нешто што е предизвик којшто ние би го прифатиле и би го имплементирале во нашите политики, со еден збор да бидат конструктивна опозиција бидејќи тоа е она коешто им е потребно денеска на граѓаните.“
Македонија
Османи: Албанците никогаш нема да прифатат некој друг да одлучува во нивно име

Кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, Бујар Османи, реагираше на последните изјави на премиерот Мицкоски, кој најави дека ДУИ ќе изгуби на следните избори и ќе треба да биде конструктивна опозиција.
Османи порача дека ваквите јавни настапи се спротивни на приватните пораки што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нормално, премиерот во јавност дава такви пораки, сметајќи дека така ќе им помогне на коалиционите партнери, меѓутоа не пушта такви пораки во приватните канали. Други пораки се праќаат до ДУИ за да се затоплат односите,“ рече Османи.
Според него, обидите да се третираат Албанците како пазарна категорија – влези еден, излези друг – се крајно навредливи и недемократски.
„Албанците нема да дозволат така некој да ги потчини, дека немаат право на одлучување, туку се една аморфна маса во којашто премиерот решава како на пазар, како во дуќанче. Не, Албанците ќе гласаат на избори и ќе одлучат сами кои ќе ги претставува,“ изјави тој.
Османи го обвини Мицкоски дека сака да инсталира „свои“ Албанци во институциите, како некакви декоративни претставници без легитимитет.
„Треба да седнам во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, ако станам пријател со Мицкоски и тој да ми постави министер. Како што ги поставил министри своите поранешни заменици и директори со кои направил некое пријателство и нив ги претставува како претставници на Албанците.“
Повикувајќи се на историскиот пример од Косово со Рахман Морина, Османи порача дека Албанците никогаш нема да прифатат некој друг да одлучува во нивно име. Во таа насока, тој ја потенцира и актуелната политичка реалност, според анкетите, Алијансата за интеграција води убедливо пред ВЛЕН:
„Анкетите покажуваат 3 спрема 1 победа на Алијансата за интеграција наспроти ВЛЕН. И мислам дека и Мицкоски тоа го има сфатено, и затоа ВМРО-ДПМНЕ секој ден ни праќа пораки како да ги затоплиме односите.“
Според Османи, таквата дволичност – едни пораки за јавноста, други за зад сцената – само ја покажува несериозноста на владејачката структура и обидот да се спроведе изборна математика со албанофобичен наратив во јавноста, додека во исто време трагаат по компромис со ДУИ зад затворени врати.
„Јас морам да бидам искрен, затоа што не можам веќе да ги слушам овие различни ставови – едно приватно, едно јавно,“ заклучи Османи.