Култура
Рускиот оперски спектакл „Тенори на 21-от век“ на „Охридско лето“

Гала оперски концерт со настап на осум тенори од Русија кои заради огромната успешност во своето делување го стекнале називот „Тенори на 21-виот век“, ќе настапат на 51-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот ќе се одржи на 4 август на сцената на Античкиот театар во Охрид. Тенорите ќе ги придружува оркестарот на Македонската опера и балет под диригентската палка на Сергеј Смбатјан. Уметничкиот проект „Тенори на 21-виот век“ е еден од најпопуларните руски музички спектакли кој за време на тригодишното постоење се здобива со светска слава, а тенорите остваруваат настапи со светски реномирани руски оркестри како Московскиот симфониски оркестар „Руска филхармонија“, оркестарот „21-ви век“ на Павел Овсиаников и многу други. Покрај редовните настапи на сцените на московските театри, тенорите настапуваат на најпрестижните светски оперски сцени како Милано, Болоња, Лондон, Њујорк, Токио и многу други.Александер Захаров, Димитри Сибиртсев, Максим Пастер, Сергеј Писарев, Александер Скварко, Александер Богданов, Михаил Урушов, Георги Фараџев, членовите на овој извонреден проект, се солисти на водечки московски оперски куќи и театри. Тенорите често се поканувани да учествуваат во владини културни програми, а нивните настапи се проследени и од рускиот Премиер, Владимир Путин, рускиот Претседател, Димитри Медведев, поранешниот американски Претседател, Џорџ Буш, како и од некои европски лидери. Во ноември 2007, уметничкиот проект ја добива наградата „Руско национално богатство“. Имаат издадено повеќе од 10 солистички албуми со дела од италијански композитори и руски народни песни.„„Охридско лето“ и понатаму е фестивал кој нуди содржини кои до сега не се видени во Македонија и пошироко, водејќи грижа за гостување на уметници кои никогаш не настапиле кај нас, уметници со светско реноме, и нудејќи програми кои привлекуваат исклучително внимание со својата атрактивност и во кои ужива не само стручната, туку и пошироката публика,“ изјави проф. Гордана Јосифова – Неделковска, селектор на програмата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.