Македонија
Татковинска прослава по повод канонизацината на Мајка Тереза
По повод прогласувањето на скопјанката Мајка Тереза за светица, од 4 до 11 септември во Скопје ќе се одржи Татковинската прослава „Денови на св. Мајка Тереза“.
Програмата за ова одбележување беше претставена на прес-конференцијата што што се одржа токму на родениот ден на Мајка Тереза, во просториите на Град Скопје, а на која се обратија градоначалникот Коце Трајановски, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска и бискупот скопски и апостолски егзарх, Киро Стојанов. „Прогласувањето на Мајка Тереза за светица за нас е голема чест, затоа што како што е познато, таа беше родена во нашиот град. Почестени сме што можеме да го чествуваме нејзиното дело и да ја следиме и шириме нејзината хуманост. Градот Скопје е значаен сегмент на седумдневната манифестација „Денови на св. Мајка Тереза“. Особено ќе се вклучиме во обезбедувањето услови за одржување на централниот настан на 11 септември, кога ќе се одржи света миса за именување на светилиште на св. Мајка Тереза. За таа цел, Советот на Град Скопје донесе измена на програмата за култура на седницата одржана на 24 август годинава, со што се обезбедени милион денари за одбележување на овој значаен настан за историјата на Скопје, односно ќе се погрижиме за поставување централна бина и за сите други неопходни инфраструктурни елементи за централниот настан“, рече градоначалникот Коце Трајановски.Скопскиот бискуп, Киро Стојанов, објасни дека Скопје и средината од која потекнува Мајка Тереза биле клучни за нејзиниот развој во голема хуманистка. „Уште на 18-годишна возраст Мајка Тереза презема сериозен чекор и се одлучува за мисионерска дејност во Индија, меѓу најсиромашните, меѓу најзагрозените, започнувајќи ја својата хумана мисија што е пример за сите нас. Ако сакаме со два збора да го сумираме посветениот живот на Мајка Тереза ќе речеме – Бог и љубов“, нагласи Стојанов.Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска, денеска појасни дека програма за Татковинската прослава „Денови на св. Мајка Тереза“ ќе се одвива во тек на 7 дена и ќе опфати многубројни активности.„Мајка Тереза ги обедини љубовта и хуманоста. Нашата сограѓанка, скопјанката Мајка Тереза токму од Скопје тргна кон Индија и ја почна својата хумана мисија. Скопје со гордост го чествува нејзиното дело. Спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на градот стана многу важен културен сегмент, со најголем број посетители. Папата Франциск на 4 септември во Рим ќе ја прогласи Мајка Тереза за светица, а веднаш потоа во капелата во нејзината Спомен куќа во Скопје ќе се одржи свечена св. Евхаристија во чест на новата светица. Истиот ден, во 19:30 часот во црквата „Св. Станислав“ во Рим ќе се одржи изложба во организација на Спомен куќата на Мајка Тереза. Седумдневното чествување по повод канонизацијата на Мајка Тереза ќе заврши на 11 септември со централен настан на плоштадот „Македонија““ рече Божиновска./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

