Култура
Изложба на Мирјана Крстева Массетти во Куманово

Изложба на цртежи и слики на авторката Мирјана Крстева Массетти, ќе биде отворена во четврток, 27 мај, во изложбениот салон на Националната установа Центар за култура “Трајко Прокопиев“ во Куманово
„Клепсидра со ѕвезден песок“ на Мирјана Крстева Массетти донесува на показ еден нов свет кој вечно истечува низ клепсидрата на времето. Одминува, но постојано е овде како вечна сегашност, како миг во бескрајот“, пишува критиката за нејзините дела.„Детска искреност низ сликарството на жена“ , ќе забележи Мирјана.
Таа потрага по апсолутот извира од длабоко запретаните архетипи. Таа потрага по хармонијата на боите виолетови, небесно сини и чудесно зелени претставува борба меѓу свечената светлина и темното. Сликите се креации на духот и таму кајшто постои тој не повторува,туку ја возобновува уметноста.„Ги цртам нештата за кои на јаве не се зборува.Можеби тоа ги прави моите слики езотерични, но верувајте, тие зрачат со искреност“, вели Крстева-Массетти.Овие сознајби на Мирјана Крстева Массетти укажуваат дека секоја нејзина слика е прашање, но истовремено и одговор на суштинските филозофски теми за човековите Тајни, неоткриени светови, космички вистини, бескрајот на убавината, и за морската тишина на душата.Патувањето на сликарката низ необјатните станици на Универзумот значат потрага по неостварените мечти, мимикрија во бело, љубов, млечната светлина и надежта. Свети се сликите, света е Тајната, ѕвездените мигови, свето е детството,невестинскиот фустан, света е авторовата приказна за вистината, убавината, за девствениот Извор и нестварното Море, света е вербата, затоа што само она што е свето, вечно трае…“Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 10 јуни 2010 година.Мирјана Крстева Массети живее и работи во Гевгелија. Родена е 1979 во Скопје. Дипломирала на Академијата за ликовна уметност во Благоевград – Бугарија, на отсекот за графика во класата на проф. Борислав Стоев.
Член е на Мултимедијален центар – невладина организација за развој и унапредување на културата, организирање на културни случувања и едукација за уметноста. Во моментот е претседател на Друштвото на ликовни уметници во Гевгелија. Има учествувано на повеќе групни изложби, проекти и колонии, а има реализирано и неколку самостојни изложби – 2003 Македонија (Гевгелија); 2004 Романија (Тимисуара) и 2006 Македонија (Гевгелија).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.