Култура
Промоција на бестселерот „Убиство во хотел Босфор“

Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“ го најавува гостувањето на турско-германската писателка Есмахан Ајкол, на која ќе ѝ биде доделена наградата „BookStar“ за најчитана книга помеѓу две изданија на Фестивалот.
Во понеделник, со почеток во 20 часот, во Јавна соба ќе биде промовиран нејзиниот роман „Убиство во хотел Босфор“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Тулај Сејфула. Романот е најчитаниот наслов во Книжевниот центар „Антолог“ за 2016 година, а е објавен со поддршка на програмата „ТЕДА“ на Министерството за култура и туризам на Република Турција. Промотор на романот ќе биде писателот и универзитетски професор Владимир Мартиновски. Наградата „BookStar“ е слатко изненадување на вечерта, по што следува журка со настап на „ОК бенд“, млад бенд со богато искуство на улични свирки и јавни настапи. „Убиство во хотел Босфор“ е првиот од серијата крими-трилери со ликот на Кати Хиршел, потпишани од Есмахан Ајкол. Кати се доселила во Истанбул од Германија и отворила своја книжарница, во која се продаваат исклучиво детективски романи. Наскоро во блискиот хотел се случува убиство во кое е вклучена и нејзина пријателка. Така што, истрагата станува нејзин интерес. Ова е книга што со својата разноликост и мистериозност ќе ве заведе и ќе ви се лизне низ рацете, без да почувствувате кога одлетале страниците. Есмахан Ајкол е родена во Едрене во 1970 година, во семејство на емигранти од мешано потекло. Татко ѝ е роден во Македонија, а баба ѝ е Бугарка. Двајцата родители ѝ се правници. Посетувала британско училиште во Истанбул, со германскиот како втор јазик. Дипломирала право во Истанбул, а продолжила со постдипломски правни студии на Хумболтовиот универзитет во Берлин, каде што магистрирала на тема дискриминации и разлики меѓу турското и германското разводно право. За време на студиите, пишувала новинарски текстови од социјални теми. Веднаш по дипломирањето отворила свој паб, но наскоро го затворила. Потоа се преселила во Берлин со сопругот и почнала да пишува криминалистички романи на турски јазик. Нејзината прва книга, „Убиство во хотел Босфор“, е објавена во 2001 година. Веднаш станала бестселер, по што објавила уште три дела од серијата со Кати Хиршел: „Бакшиш“ (2003), „Сомнителна смрт“ (2007) и „Танго Истанбул“ (2012). Нејзините книги се преведени на осум јазици. Ајкол живее и работи во Берлин и во Истанбул. Има германско државјанство Читателите ќе имаат поголема можност да ја запознаат лично оваа авторка одблиску и следниот ден, на 1 ноември, во Книжевниот центар „Антолог“, во периодот од 11 до 12 часот, кога ќе се одржи Книжевното кафе на кое таа ќе потпишува книги и со кафе и колачиња ќе поразговара со својата публика во Македонија. Истиот ден почнува и Филмската програма, и тоа со проекцијата на филмот „Авр“ (Le Havre) на Аки Каурисмаки. Проекцијата е во Јавна соба од 14 часот, а модератор е Ѓорѓи Пулевски. /крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Голдберг варијациите“ на Бах во изведба на Дино Имери – утре во Виена

Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, утре (13 јуни) ќе настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.
Концертот ќе се одржи во престижниот „Бехштајн Центрум“ во Виена, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.
Ова дело, коешто Имери премиерно го изведе во Скопје во рамки на „Недела на Бах“, привлече големо внимание од публиката и критиката. Програмата бара техничка виртуозност и уметничка зрелост, а само мал број пијанисти во светот се осмелуваат да го стават во својот концертен репертоар.
„Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам ‘Голдберг варијациите’ – едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика која секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години. Искрено им се заблагодарувам на Н.Е. г-дин Освит Росоклија и на поддржувачите на концертот – без нив оваа реализација немаше да биде можна“, изјави „волшебникот на пијаното“ Дино Имери пред настапот.
Концертот е со слободен влез и отворен за сите љубители на класичната музика.
Култура
Фестивалот Credence Dance почнува на 16 јуни

Третото издание на фестивалот Credence Dance започнува на 16 јуни, а ќе трае до 21 јуни со програма конципирана тематски, Вечери на класичен балет и Вечери на современ танц.
Фестивалот оваа година има и дополнителна програма која ќе се состои од работилници и трибини. На програмата се фрагменти од бисерите на класичното наследство „Лебедово езеро“, „Рајмонда,“„Копелија“, „Дон Кихот“, „Силфида“ и други.
Освен тоа во делот на модерниот и современиот танц премиерно ќе бидат изведени дела на Игор Киров, Бојан Мицов, Џонс Хинг, Франциско Руиз и Јована Петровска кој кореографите наменски ги подготвија за фестивалот.
Овогодинешниот Credence Dance фестивал ќе понуди ексклузивни гости од Кина, САД, Италија, Франција, Германија, Велија Британија итн. Ова е исклучителна и ретка можност да се видат овие уметници на домашна сцена.
Во рамки на фестивалот традиционално ќе биде врачена Наградата за трајни вредности во танцовата уметност. Настанот се одржува во Националата опера и балет.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, Скопје. Влезот е слободен.
Култура
Во Москва излезе „Пиреj“ од Петре М. Андреевски

Романот „Пиреj“ излезе од печат во Москва на инициjатива на Олга Панкина, познат популаризатор на македонските културни вредности во Русија. Таа го преведе уште во 2008 година, го обjави издавачката куќа „Феникс“, Скопjе. Како што обjаснува Панкина, романот на руски веднаш предизвика интерес каj публиката, но сепак книгата не можеше да допре до широк круг рускоjазични читатели. Сметаjќи го романот на основоположникот на современата македонска проза Петре М. Андреевски за ремек дело, таа си постави за задача да го преобjави во Москва.
Оваа година идеjата jа поддржа Центарот за книга „Рудомино“ со коj Олга Панкина плодно соработува веќе петнаесет години (Центарот за книга има обjавено творби на над 20 македонски автори).
Ова издание на „Пиреj“ е многу квалитетно (368 страни, тврд повез) и изгледа современо. На корицата има фрагмент од сликата „Стара куќа“ на Олга Панкина. Блескав предговор за книгата напиша Венко Андоновски, коj даде за руска читателска публика основни информации за историјата која е заднина на личната драма на едно македонско семејство од почетокот на ХХ век, семејството на Јон и Велика, jа подвлече актуелноста на романот и го нарече како најголем македонски бестселер на сите времиња.
Тукушто обjавениот роман веќе заживее своj книжевен живот – почна да стекнува читатели. Минатата недела, од 3 до 7 jуни, беше презентиран на Саемот на книга на Црвениот плоштад во Москва на штандот на издавачот Центар за книга „Рудомино“.