Македонија
Три месеци по поплавата во скопско, таа може да се повтори на послаб дожд
Три месеци по катастрофалната поплава во скопско, во која загинаа 22 лица, а голем број домови и земјоделски површини беа поплавени, во тој регион не се санирани штетите, не е изградена квалитетна инфраструктура, а не се ископани нови канали за да не се повтори катастрофата, предупредија во понеделник, граѓанските активисти од „Шарената револуција“.
„Три месеци поминаа од катастрофалните поплави што го зафатија скопскиот регион. Но, санирањето на штетите е бавно и незадоволително. Саниран е само мал процент од штетата, а дополнително не се отстраенити причинителите за катастрофалната поплава што го зафати овој регион. Асфалтирањето е неквалитетно, а исто така сомнителен е и приоритетот којшто се дава како се санираат улиците. Минимална е поправката којашто е направена на обиколницата, апак каналската мрежа ниту е целосно исчистена, ниту пак се изградени нови канали со цел да се спречи повторување на поплавата којашто се случи во август“, рече Демијан Хаџи – Ангелов, граѓански активист.
Според него тоа укажува на неадекватноста и неодговорноста на фуннкционерите од ДПМНЕ и од ДУИ, а претставува голем ризик којшто постои се уште, заради самата порозност на почвата честите врнежи којшто ги има Скопје и овој регион ниту пак целосната санација на штетите односно поправката на инфрастуктурата. Постои голем ризик од повторување на нови поплави дури и при помали врнежи од дожд.
Граѓанските активисти обвинуваат дека иако ги доби бараните 36 милиони евра и ги обезбеди преку нова еврообврзница, а не преку пренамена на средствата од некои од останатите непродуктивни проекти Владата не обезбеди обештетување на граѓаните.
„Во овие три месеци исплатени се помалку од една четвртина од поплавените семејства. Сумите кои се исплаќаат се далеку под висината на реалните штети. Од терен има информација дека оштетените се делат по партиска линија со цел власта да си го зацврсти своето гласачко јадро во поплавените подрачја. Се уште има семејства кои не биле посетени од Комисијата за процена на штети. Истовремено исплатата на штетите за земјоделските површини не е ни започната“, додаваат тие.
Павле Богоевски праша зошто власта бараше ово задолжување од 36 милиони евра? „За да исплати отштета која не ги покрива ни најосновните трошоци за санирање на штетите? Да го подобри својот нарушен рејтинг во погодените подрачја? Или пак за да обезбеди уште една финансиска стимулација за нејзините фирми преку склучување договори за санирање на штетите во четири очи без распишување на тендери“, рече Богоевски.
Жител на Стајковци смета дека се што е направено е неквалитетно.
„Ставија асфалт, ама каков. Три сантиметри. Тоа не е доволно. Јас сум ВМРО во душа, но мора да кажам дека ова што го направија е неквалитетно. Ништо не направија“, коментираше Мирко од Стајковци./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

