Uncategorized
Театарска награда „АМФИ“
Македонскиот народен театар оваа година за првпат ќе ја додели наградата „АМФИ“, награда за актерите кои играат на оваа сцена
Интересно е тоа што нема да биде вреднуван квалитетот, туку квантитетот, односно ќе ја добие актерот кој минатата година најмногу пати одиграл на сцената на МНТ. Добитникот на првата ваква награда е актерот Александар Микиќ кој, дефинитивно, минатата година имаше улоги во скоро сите претстави, а најинтересно за него е тоа што никогаш досега нема одбиено улога. Доделувањето на „АМФИ“ ќе биде в сабота, на 21 март, датум кога е роден бардот на македонското актерство Ристо Шишков. Истиот ден во фоајето на Македонскиот народен театар ќе биде отворена изложба на фотографии од Ристо Шишков, на која ќе говори актерот Сенко Велинов. Вечерта на доделувањето ќе биде збогатена со програма на која ќе се зборува за минатогодишната работа на Александар Микиќ – Како, зошто и кога ги одиграл сите тие претстави? Идејата е настанот да наликува на некое од светските доделувања на награди, со што и самата публика ќе се забавува. На вечерта ќе настапат и неколку бендови кои минатата година соработуваа со МНТ, како „ПМГ Колектив“, „Беи д фиш“, „Празен град бенд“ и „Дракула“. Сценариото за доделувањето е на Бојан Трифуновски и Синиша Ефтимов, а режисер е Васил Христов.Директорот на МНТ, Сашо Миленковски, покрај востанувањето на оваа награда ги најави и премиерите на претставите „Госпоѓа Министерка“, на 28 март, „Лет во три глави“ во почетокот на април и најзначајниот проект за оваа година, премиерата на „Троил и Кресида“ во режија на Љубиша Ристиќ, која најверојатно ќе биде одиграна на некој од летните фестивали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Најмалку 10 лица загинаа во пожар во Шпанија
Најмалку 10 лица загинаа во пожар во дом за стари лица во североисточна Шпанија.
Пожарот избувна рано утринава во домот „Вила Франко де Ебро“, во близина на Сарагоса.
Причината сѐ уште не е позната.
Uncategorized
Филипче: Само за камати за унгарскиот кредит годишно ќе се платат 18 милиони евра
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање, посочи дека каматите за кредитот од Унгарија на годишно ниво ќе изнесуваат околу 18 милиони евра. Филипче порача дека граѓаните ниту се должни ниту имаат некаков бенефит од плаќање на камати за овој кредит. При тоа, Филипче потенцираше дека повлекувањето на парите од унгарскиот кредит, отвора сериозно загрижувачки прашања, односно дека ниту општините се подготвени да ги искористат, ниту пак има развиен механизам како ќе се поделат парите на компаниите, а во меѓувреме граѓаните ќе плаќаат камати.
„Годишно каматите за тој кредит ќе изнесуваат околу 18 милиони евра. Тоа значи дека ние веќе плаќаме камати за кредит којшто е целосно повлечен иако можело да се повлекува на пример по делови, а едноставно не може да искористи. Тоа значи дека кога некој граѓанин ќе купи стан или кола, ќе земе кредит, а станот или колата ќе му дојдат следната година. Тоа нема никаква домаќинска логика. Не знам зошто премиерот и Владата вака недомаќински се однесуваат со ресурсите на државата и со парите на граѓаните. За да се направат проекти, за да се реализираат и за да се стигне до наплата треба сериозен број на месеци, а ние имаме најмалку шест месеци период во којшто граѓаните плаќаат камати без никаква потреба“, рече Филипче.
Во однос на механизмот за поделба на парите кон компаниите, Филипче потенцираше дека Владата и за овој дел нема план и дека очекувано ќе биде комерцијалните банки за своите трошоци да ја зголемат каматната стапка.
„Не станува збор очигледно за така поволен кредит како што Владата сакаше да го рекламира на почетокот. Моите информации се дека има компании коишто се добро рангирани кои од нашите банки земаат кредит со каматна стапка под 3%. Тоа значи дека има многу поповолни кредитни линии за компаниите. Зошто граѓаните да плаќаат камати и да враќаат кредити за развој на некои компании. Каков бенефит ќе имаат граѓаните кога ќе плаќаат кредити за развој на некои комерцијални компании? Зошто не беше премиерот и Владата фер да кажат дека каматата нема да биде само 3,25%, туку дека ќе биде многу повеќе, а сега во овој временски период и значајно повеќе од тоа што реално може да се најдат пари на пазарот и преку комерцијалните банки“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Uncategorized
Русија изврши напад врз Украина со крстосувачки ракети и беспилотни летала напаѓајќи го Киев
Во текот на ноќта и утринава Русија ја нападна Украина со стратешки бомбардери, крстосувачки ракети од различен тип и наведувани воздушни бомби, а нешто подоцна следуваше и самоубиствен напад со беспилотно летало, соопштија украинските власти.
Според податоците на украинските воздухопловни сили, шест авиони „ту-95 мс“ полетале за Украина, пренесува „Укринформ“.
Одбранбените сили на Украина на „Телеграм“ објавија дека до 10 часот денеска собориле два крстосувачки ракети „Х-101“, кои биле лансирани од областа на Каспиското Море, како и две балистички ракети „Искандер-М/КН-23“ лансирани од Воронежскиот регион во Русија.