Македонија
Вработените во македонски железници најавија штрајк (ДПЛ)
Македонската јавност нема да биде изненадена ако наскоро се случи тешка железничка сообраќајна несреќа, затоа што постојат сите основни предуслови за такво нешто, со оглед на влошената безбедност во сообраќајот.
Македонската јавност нема да биде изненадена ако наскоро се случи тешка железничка сообраќајна несреќа, затоа што постојат сите основни предуслови за такво нешто, со оглед на влошената безбедност во сообраќајот.
Ова беше истакнато на денешната прес конференција на Синдикатот на машинскиот персонал на Македонски железници АД “Транспорт“, на која беше најавено дека од денеска започнува процес за организирање на штрајк, што ќе стапи во сила доколку во следните денови не се одржат преговори со надлежните.
Според претседателот на синдикатот, Ристо Пејовски, одроните што се случија на пругата Скопје-Кичево, не се случајност, туку е последица на тоа што вработените, кои се задолжени за одржување на безбедноста на пругите, биле испратени на принуден одмор.
„Што се однесува до безбедноста на локомотивите, најдобар показател е тоа што кај нас локомотивите не се осигурани, а мерило за нивна техничка исправност е дали е таа осигурана“, рече Пејовски.
Тој се пожали дека и минималното животно осигурување кое што претпријатието е должно да го плати за секој машиновозач не се подмирени, а не се води грижа ниту за заштитни средства за работа, како што се облеката, чевлите и помошните помагала.Пејовски укажа дека безбедноста на сообраќајот нема цена, бидејќи таа е најзначајна и за вработените и за граѓаните.
„Јавноста во македонија нека не биде изненадена доколку се случи тоа што се случи во Хрватска и во Црна Гора каде што имаше слизнување на вагони со човечки жртви. Одговорно укажуваме на недостатоците и неисправностите на возилата. Ако одговорните не ги засега оваа ситуација, нека не ве чуди ако се случи нешто и во Македонија“, рече пејовски, додавајќи дека за инвестиции во безбедност ане смее да се штети
Покрај ова, синдикатот на машинскиот персонал на железницата бара на оваа група на вработени да им се уважи правото на бенефициран работен стаж.
Пејовски истакна дека за овие состојби синдикатот му укажал на раководството на претпријатието и на ресорното министерство, но засега нема конкретни резултати.
„Вработените во железница донесовме одлука од денеска започнуваме процес за организација на штрајк, доколку во следните денови немаме директни и конкретни разговори, кои ќе дадат резултат, ние ќе го започнеме штрајкот“, изјави Пејовски
Воедно, вработените во железница сметаат дека им припаѓа правото и на акции од компанијата, бидејќи со години давале придонес во издигање на инфраструктурата .
„Ние сме акционерско друштво со државен капитал, во кое владата се декларира дека е стопостотен сопственик и треба да бидеме обештетени со одреден процент на капиталот од компанијата“, изјави машиновозачот Зоран Цветановски, додавајќи дека вработените би требало да добија околу 30 отсто од акциите на компанијата
Синдикатот на машинскиот персонал на Македонски железници АД “Транспорт“ сепак изрази надеж дека раководството на компанијата, која брои околу 1.500 вработени, во наредните денови ќе излезе во пресрет на нивните барања. /крај/ап/
Велес: Нефункционални рампи на железничките премини
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стаменкоска – Трајкоска даде отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска, денес го презентираше отчетот за сработеното во првите 100 дена од нејзиниот мандат. Под слоганот „100 дена, 100 дела“, таа истакна дека општината работи со несмалено темпо, ставајќи го фокусот на резултатите.
„Со реализирани 5 километри нов асфалт, со отворено ново кино и интензивна работа на над 20 крупни капитални проекти, покажавме дека динамиката не запира. Некои од овие зафати се веќе завршени и пуштени во употреба, додека други се во напредна или завршна фаза. Голем дел од овие проекти ги реализираме самостојно, а значаен дел со силната поддршка од Владата. Тоа се заеднички инвестиции со една единствена цел: подобар, побезбеден и пофункционален живот за сите“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Како потврда на оваа динамика, градоначалничката посочи дека развојот се мери со видливи чекори и дека се реконструирани клучни сообраќајници, меѓу кои „Ѓорѓи Димитров“, „527“, а при крај се и зафатите на улиците „Жил Верн“ и „Саса“ со нејзините краци.
Паралелно, додаде таа, се гради фекална канализација во Бабин Дол, а во завршна фаза е изградбата на атмосферска мрежа на ул. „Томе Арсовски“. Во моментот трае изградбата на два паркинга, како и на две од предвидените 10 детски катчиња, едното во село Драчево, другото во Дупки.
Градоначалничката Стаменкоска – Трајкоска посочи дека Кисела Вода воведе нови стандарди во комуналната хигиена.
„За првпат, поставени се 15 специјализирани контејнери за селекција на текстилен отпад пред месните заедници, а во фаза на изработка се уште 15 за пред училиштата. Првиот тон текстилен отпад е веќе складиран. Во рамки на бројните еколошките акции, исчистени се 27 диви депонии, а преку договорената соработка со ЈП Национални шуми, најавено е засадување на 3.000 нови садници“, рече таа.
Во делот на општествениот живот, како историски успех Стаменкоска – Трајкоска го издвои отворањето на кино во село Драчево, прво кино во село после времето на Југославија.
За најмладите, рече таа, приоритет останува целосното укинување на листите на чекање во градинките.
„На прагот сме да отвориме две нови градинки во „11 Октомври Згради“ и „Подстаница“, а во полн ек е изградбата на објектот во „Расадник““, информираше градоначалничката.
Истовремено, додаде Стаменкоска – Трајкоска со владина поддршка се вршат доградби во училиштата „Невена Георгиева Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, како и изградба на ново училиште во селото Драчево. Се инвеестира и во спортската инфраструктура преку изградба на сали во училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Јосифовски Питу“, како и во целосната реконструкција на култната сала „Расадник“ преку соработката на Министерството за спорт и општината.
„Покрај изградбата на спортски сали, силен акцент ставивме на едукацијата и инклузијата: наставниците по физичко поминаа специјализирани обуки за работа со деца со попреченост. Дополнително, обезбедивме бесплатни часови по шах за младите, а со оглед на тоа што шахот е воведен како изборен предмет, спроведовме и соодветна стручна обука за наставниот кадар. За прв пат ја воведовме манифестацијата Спортист на годината која планираме да прерасне во традиција“, посочи градоначалниката.
Во делот на социјалната заштита и грижата за најранливите, општината ја прошири мрежата за поддршка со отворање на нов Центар за бесплатни логопедско-дефектолошки третмани во Драчево. Истовремено, во завршна фаза е едукативно-терапевтскиот центар во Црниче, кој ќе биде од клучно значење за децата со дислексија, дисграфија и дискалкулија.
„Ова е само почеток на една амбициозна приказна. Нашата крајна цел е целосна реализација на ветената програма. Ова беа само 100 дена. Ова се само 100 дела од бројните кои следат. Продолжуваме понатаму, заедно. Кисела Вода продолжува да биде општина што работи за вас“, порача градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Во текот на ноќта и утре, врнежи од дожд и снег на планините
Под влијание на циклонска активност, во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места , а на планините од снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
Милошоски-Миљаниќ: Заемно унапредување на политичкиот дијалог и соработката
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со амбасадорот на Република Црна Гора, Зоран Миљаниќ.
На средбата беа потврдени пријателските македонско-црногорски односи помеѓу двете држави кои се базирани на традиционално пријателство, долгогодишна конструктивна соработка и меѓусебна поддршка. Соговорниците ја истакнаа важноста од понатамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во области од заемен интерес.
Исто така, беше потенцирана заедничката заложба на земјите кон полноправно членство во Европската Унија, како и подготвеноста за продлабочување на парламентарната соработка и размена на искуства во насока на спроведување на реформските процеси.

