Свет
Мажот Черепналкоски плаќа,жената Черепналкоска праќа по саеми
Трајче Черепналкоски, генерален директор на државниот оператор за пренос на струја МЕПСО, ги праќал вработените на светски познатите саеми низ Европа преку туристичка агенција чија сопственичка е неговата сопруга Маја Новак-Черепналкоска, тврдат за „Време“ извори од компанијата.
КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ ИЛИ СЛУЧАЈНОСТ
Трајче Черепналкоски, генерален директор на државниот оператор за пренос на струја МЕПСО, ги праќал вработените на светски познатите саеми низ Европа преку туристичка агенција чија сопственичка е неговата сопруга Маја Новак-Черепналкоска, тврдат за „Време“ извори од компанијата. Станува збор за реномираната туристичката агенција „Новак фаирс“, која во најголем дел организира тури претежно за домашни фирми што сакаат да се претстават или да ги посетат бизнис-манифестациите што се одржуваат во неколку земји од Европа.
Според информациите, на саемот за висока технологија во Хановер, кој годинава се одржа во првата половина на март, заминале најмалку четворица вработени на сметка на компанијата, а аранжманот бил во организација на агенцијата на Черепналкоска. Не е позната цената што државната компанија ја платила на организаторите, а според сознанијата „Новак фаирс“ своите аранжмани до Хановер ги нуди по цена од 520 до 1.000 евра по корисник, во зависност од пакетот што ќе го одбере клиентот што решил да патува. Во другите домашни агенции што организираат посета на саеми велат дека не е можно да се споредуваат цените бидејќи зависи од избраниот пакет-аранжман. Сопствениците на некои агенции што работат бизнис дестинации велат дека не забележале МЕПСО да распише тендер преку која ќе бара агенција со најповолна понуда.
Вработени од фирмите што произлегоа од старото „Електростопанство на Македонија“, ЕЛЕМ и ЕСМ-Дистрибуција кажуваат дека и минатите години кога ЕСМ не беше правно поделено на три независни компании, дел од персоналот летал во организација „Новак фаирс“. Најголем дел аранжмани на таа агенција се токму за специјализирани манифестации во Загреб, Хановер, Келн и Дизелдорф, а во овој бизнис со саеми е повеќе од 17 години.
За евентуалниот конфликт на интереси став побаравме од Черепналкоски. Тој потврди дека вработените ги праќа на саемски манифестации на сметка на МЕПСО, но одби да го искоментира прашањето дали некои од дестинациите ги организира агенцијата на неговата сопруга.
– Нема смисла да ми поставувате такви прашања – рече кратко Черепналкоски.
Маја Новак-Черепналкоска вели дека 17 години го работи „ЦЕБИТ“ (саемот за висока технологија во Хановер).
– Проверете дали годинава МЕПСО воопшто беше на саемот и дали патуваа со нас – ни предложи Черепналкоска.
„Време“ ги има и имињата на вработените од секторот за телекомуникации во МЕПСО што во март, преку „Новак фаирс“ заминаа за Хановер. Познавачите велат дека добро е тоа што Черепналкоски ги праќа вработените на вакви манифестации што може да им донесат нови знаења, но во случајов, како што велат, очигледен е судирот на интереси бидејќи прв човек на државна компанија соработува со фирма која е во сопственост на негова сопруга. Како што дознаваме, за овој случај веќе бил испратен предмет и до антикорупциската комисија. Нејзините членови велат дека ќе може да се изјаснат откако ќе го разгледаат предметот.
Според законот за спречување на корупцијата, во ваква корелација приватните фирми блиски на носител на висока функција во некое државно претпријатие не смеат да соработуваат. Така, велат познавачите, и да имало тендер, агенцијата на Черепналкоска ќе немала право на учество.
Неодамна, антикорупциската комисија утврди конфликт на интереси кај Черепналкоски бидејќи МЕПСО соработувало со приватната фирма „Неоком“, во која тој се јавува и како еден од акционерите.
М. К.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

