Македонија
Груевски на средби со претседателите на Парламентот и на Сенатот на Канада
Односите меѓу Македонија и Канада, нашите стратешки цели – влез во НАТО и ЕУ, спорот околу името со Грција, како и можноста во идните години да дојде до укинување на визите за македонските граѓани кои сакаат да патуваат во Канада
Тоа биле главните теми на разговор на премиерот Никола Груевски со претседателите на Долниот дом на Парламентот и на Сенатот на Канада, Питер Миликен и Ноел А.Кинсела, пренесува МИА. Двајцата парламентарци, како што посочи Груевски по средбите, посебно се интересирале околу позициите на нашата држава во спорот со Грција, околу потеклото на спорот, како и човековите и малцинските права притоа посочувајќи дека голем број канадски граѓани со македонско етничко потекло имаат проблеми со враќање на своите имоти кај нашиот јужен сосед. „Ги информирав дека сме држава која практично ги исполни сите стандарди да влезе во НАТО, дека оваа есен се надеваме да добиеме позитивен извештај и препорака за почеток на финални преговори за полноправно членство во ЕУ, меѓутоа дека имаме блокада од Грција која не спречува да одиме напред, иако правиме многу реформи и прогреси“, изјавил премиерот Груевски. На своите соговорници Груевски им ја претставил и поволната бизнис-клима во Македонија, притоа укажувајќи им на фактот дека само за две години земјата успеа да се приближи напред на листата на ДУИНГ-бизнис за 26 позиции. Груевски со Миликен и Кинсела, како што рече, разговарал и за процесот на образование во Македонија и реформите што се направени во тој дел во однос на задолжителното средно образование, англиски јазик во прво одделение, компјутер за секој ученик и отворање нови универзитети. Притоа, го отвориле и прашањето за разгледување на можноста за поврзување на државните универзитети со некои од нивните и размена на студенти. По средбите со спикерите на Долниот дом на Парламентот и на Сенатот на Канада, премиерот Груевски заминува во Торонто каде се предвидени средби со бројната македонска заедница, како и со канадски бизнисмени. Во текот на четвртокот премиерто Грувски имаше средба со неговиот канадски колега Стивен Харпер со кого потпишаа Договор за социјално осигурување помеѓу Република Македонија и Канада, според кој околу 200.000 македонски иселеници во Канада ќе можат да ги остваруваат своите права од пензиското и инвалидското осигурување. За време на работната посета на Отава македонскиот премиер се сретна и со министрите за одбрана и за меѓународна трговија Питер Гордон МекКеј и Стоквел Деј. Во делегацијата предводена од премиерот Груевски е и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, кој имал одвоена средба со парламентарниот секретар во Министерството за надворешни работи на Канада, Дипак Обрај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битиќи: Ја добивме битката, концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, падна на арбитража
Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра, реагира пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи и поранешен вицепремиер.
„Да се потсетиме: Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада“, наведува Битиќи.
И затоа, додаде тој, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност.
„Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“, стои во објавата на Битиќи.
Македонија
Поради пожарот кај Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје
Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Меџити: 65 милиони евра за Универзитетскиот кампус и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег во Скопје
Изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“ и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег стануваат реалност. За овие крупни проекти се обезбедени 65 милиони евра од државниот буџет, соопшти првиот вицепремиер Изет Меџити.
Според него, реализацијата на овие проекти ќе започне многу скоро.
„Сè е подготвено за нивниот почеток. Овие инвестиции ќе донесат долгорочни придобивки за студентите, граѓаните и економскиот развој на Скопје. Во таа насока, денес остварив значаен состанок со министерот за транспорт, Александар Николовски, директорот на Инспекторатот за градежништво и претставници на Општина Чаир, каде што се договоривме за конкретните чекори што ќе го обезбедат итното започнување на овие проекти. Овие инвестиции поставуваат нови темели за урбаното и образовното модернизирање на нашиот град, означувајќи клучен момент за стратешкиот развој на Скопје. Со оваа посветеност, отвораме нова фаза, каде визијата за функционален, иновативен и развоен град се претвора во реалност. Благодарение на меѓуинституционалната координација и заедничката посветеност, многу брзо ќе започне теренската реализација на овие проекти од национално и стратешко значење. Ние ги исполнуваме ветувањата и ја претвораме визијата во реалност!“, напиша Меџити.

