Свет
Бачилото падна на Врховен
Незаконска отштетата од 720.000 евра што ја плати државата
Незаконска отштетата од 720.000 евра што ја плати државата
Процесот за случајот „Бачило“ бил неправилен од почетокот до крајот, утврди Врховниот суд и побара Републичкиот судски совет да побара одговорност од судијата што го водел предметот.
Премиерот Владо Бучковски вчера ја повика на разговор јавната правобранителка Зоја Лега-Станоевска, а Владата денеска ќе расправа за одговорноста на Правобранителството во случајот во кој државата исплати 720.000 евра отштета за бачило што било гранатирано во конфликтот.
Врховниот суд утврди дека тужбата од самото поднесување била неуредна, фактите биле непоткрепени со докази и спротивни на службената белешка, а таа била единствениот доказ за штетата и за нејзиниот обем. Судот наредил вештачење без да биде одредена вредноста на спорот и висината на тужбеното барање. Вештакот не вршел вештачење според законот за парнична постапка, туку само барал податоци од други институции за вредноста на оштетените предмети. Добиените податоци биле различни, а судот не ги отстранил, иако бил должен според законот за парнична постапка.
Без докази за основаноста на тужбеното барање за надомест на штетата првостепениот суд донесол меѓупресуда заснована врз несоодветна одредба од законот за облигациски односи, утврди Врховниот суд. Иако тужителот во жалбата укажал на меѓупресудата дека фактичката состојба не била целносно утврдена, а материјалното право било погрешно применето, второстепениот Апелациски суд во Скопје ја потврдил, погрешно прифаќајќи дека државата е одговорна. Тужителот го прецизирал тужбеното барање на износ од 26.400.000 денари пред донесувањето на меѓупресудата, а судот ја прифатил вредноста. Јавниот правобранител како застапник на државата не побарал ревизија како вонреден правен лек до Врховниот суд.
Јавниот обвинител, пак, против меѓупресудата не подигнал барање за заштита на законитоста, иако таква иницијатива била доставена од заменикот јавен правобранител. Со правосилната и извршна пресуда на првостепениот суд од 18 јуни 2004 година погрешно била досудена бараната отштета. Судот погрешно досудил и камата од поднесувањето на тужбата на 11 декември 2001 година, а не како што предвидува законот од денот на правосилноста на пресудата. Иако државата од неговиот застапник, Јавниот правобранител, ја добил пресудата, не ја обжалил иако имал законско право.
Претседателот на Врховниот суд ова мислење на Одделот за граѓански дела на овој суд ќе го достави до Републичкиот судски совет, како основа за утврдување на одговорноста за нестручно и несовесно постапување на судијата во овој предмет.
Премиерот Бучковски и јавната правобранителка разговарале за забелешките на антикорупциската комисија, која направи извештај за случајот „Бачило“.
– Средбата беше во функција на утрешната седница на Владата на која ќе ја разгледува Информацијата за исплатата на штета на лицето Иснифарис Џемаили, како и препораките и заклучоците на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со овој предмет – соопштија од кабинетот на премиерот.
Владата целосно ќе ги разгледува постапката за предметот и заклучоците и препораките на антикорупциската комисија и на Врховниот суд.
Антикорупциската комисија се сомнева дека хеликоптер на АРМ воопшто ракетирал бачило, за што државата исплати отштета од 720.000 евра. Комисијата се посомнева во начинот на кој се утврдени отштетата и каматата и посочи дека Јавното правобранителство не поднесло жалба на пресуда, која еднаш била укината од Апелацискиот суд во Скопје.
Натали Н. Сотировска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Резултатите на фронтот се клучни за дипломатијата
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес ги посети војниците распоредени на Купјан и рече дека резултатите на фронтот се од клучно значење за Украина да постигне резултати на дипломатско ниво.
„Така функционира: силните позиции на терен значат силни позиции во разговорите за завршување на војната. Благодарност до секој војник“, рече Зеленски на Телеграм.
По тој повод, тој им го честиташе Денот на копнените сили на Украина на припадниците на вооружените сили.
Зеленски истакна дека украинските војници постигнуваат значајни резултати на Купјан и им се заблагодари на сите единици што учествуваат во борбите.
Фото: депозитфотос
Свет
(Видео) Кралот Чарлс: Имам добри вести за мојата борба со ракот
Кралот Чарлс сподели „добри вести“ за својата борба со ракот со јавноста, откривајќи во лична порака дека неговиот третман ќе биде намален во наредната година благодарение на раната дијагноза и „ефикасната интервенција“. Веста беше објавена како дел од кампањата „Stand Up To Cancer“, објавува Би-Би-Си.
Во снимена видео порака емитувана на Канал 4, кралот рече: „Оваа пресвртница е и личен благослов и доказ за извонредниот напредок постигнат во грижата за ракот“.
Ова е најзначајната вест за здравјето на кралот откако ја објави својата дијагноза во февруари 2024 година. Иако видот на рак не е откриен, а следењето и третманот продолжуваат, Бакингемската палата соопшти дека кралот „одговорил исклучително добро на третманот“.
Според извештаите, неговото закрепнување достигнало толку позитивна фаза што лекарите сега ќе го префрлат неговиот третман „во фаза на претпазливост“. Ова значи дека фреквенцијата на третманите ќе биде значително намалена, иако 77-годишниот монарх сè уште не се смета за во ремисија или „излечен“.
„Денес можам да ја споделам со вас добрата вест дека, благодарение на раната дијагноза, ефикасната интервенција и следењето на „советот од лекар“, мојот распоред за лекување на рак може да се намали во новата година“, потврди монархот.
Видео пораката, снимена пред две недели во Кларенс Хаус, беше емитувана за време на добротворната емисија „Stand Up To Cancer“, проект за собирање средства што се спроведува со Cancer Research UK.
Кампањата ги охрабрува граѓаните да одат на редовни прегледи, а пораката на монархот ја нагласи клучната улога на раното откривање. „Раната дијагноза едноставно спасува животи“, рече тој.
„Знам од лично искуство дека дијагнозата на рак може да биде огромна. Сепак, исто така знам дека раното откривање е клучот што може да го трансформира патот на лекување, давајќи им непроценливо време на медицинските тимови“, рече кралот, додавајќи: „Вашиот живот или животот на некој што го сакате, може да зависи од тоа“.
Емисијата „Stand Up To Cancer“ упати посебен апел до околу девет милиони луѓе во Велика Британија за кои, според Cancer Research UK, заостануваат во националните програми за скрининг.
Кралот рече дека е „длабоко загрижен“ што ова претставува девет милиони пропуштени можности за рано откривање на рак и ги повика луѓето да проверат дали се подобни за тестирање.
„Статистиката зборува со целосна јасност. Да земеме само еден пример: Кога ракот на дебелото црево се открива во најраните фази, околу девет од 10 луѓе преживуваат најмалку пет години. Кога се дијагностицира доцна, тој број паѓа на само еден од 10“, објасни тој.
Кралски извори забележаа дека споменувањето на ракот на дебелото црево не треба да се смета за поврзано со неговата состојба, а ракот на простата претходно бил исклучен.
За време на неговата битка со болеста, кралот не сакал таа да го дефинира, туку продолжил да работи, одржувајќи зафатен распоред што вклучувал патувања и државни посети. Во своето обраќање, тој исто така им се заблагодари на „заедницата за грижа“ – специјалисти, медицински сестри, истражувачи и волонтери „кои работат неуморно за да спасат и подобрат животи“.
Фото: депозитфотос
Свет
Мерц за мировниот план со Киев: Американците ќе мора да придонесат
Земјите од Европската Унија се обидуваат да ги вклучат Соединетите Американски Држави во нивните преговори за мировниот план со Киев, изјави германскиот канцелар, како што објави агенцијата ДПА.
„Се обидуваме да ја вклучиме американската влада во преговорите што ги водиме едни со други, како и со украинската влада и украинскиот претседател“, рече Мерц по средбата со Манфред Вебер, претседател на парламентарната група на Европската народна партија (ЕНП) во ЕУ.
Според Мерц, сè уште се потребни значајни појаснувања во меѓународните напори за обезбедување безбедносни гаранции за Украина, пренесува Спутник.
Тој, исто така, нагласи дека најважниот елемент од овие гаранции е „долгорочното зајакнување на украинската армија“.
„Подготвени сме да придонесеме за ова. Американците исто така ќе мора да придонесат за ова“, додаде функционерот.
Порано беше објавено дека Владимир Зеленски ќе отпатува во Берлин на 15 декември на покана на германскиот канцелар, каде, меѓу другото, ќе учествува во преговори во формат на европската тројка. Засега не е познато дали ќе присуствува претставник на САД.
Фото: депозитфотос

