Економија
ЛДП:Земјоделското производство бележи сè полоши резултати

И покрај огромните стимулации во земјоделството, и постојано зголемување на стимулациите од буџетот, земјоделското производство бележи сè полоши резултати, изјави во вторник Зоран Шапуриќ од Либерално-демократската партија.
„Откупните цени на раноградинарските производи годинава се за 40% пониски од ланските. Според податоците на Народната банка на Македонија, извозот на земјоделските производи во првиот квартал во 2012 е помал за повеќе од 10 милиони евра, во однос на 2011, година односно во првиот квартал 2011 извозот е 32,4 милиони евра, а во 2012 за истиот квартал само 22,2 милиони евра. Според податоците на Земјоделскиот пазарен информативен систем, откупните цени на земјоделските производи годинава се за 40% пониски, отколку лани“, рече Шапуриќ.
Тој додаде дека според податоците од Државниот завод за статистика перманентно се зголемува увозот на храна, и во 2011 година се потрошени 672 милиони долари за увоз на храна што е повеќе за 10% од лани и за 32% повеќе од пред три години.
„Имено со стимулациите се форсира само евтин откуп и извоз на земјоделските производи и тоа со тоа, Македонија станува само евтина суровинска база. Ова покажува дека владата веќе шест години, очигледно води погрешна политика во областа на земјоделието“, рече Шапуриќ.
Според него, потребен е нов долгорочен стратешки пристап кој ќе ги насочи земјоделците кон производство кое ќе биде насочено кон извоз и кон супституција на увозот на храна, како и кон преработка на земјоделски производи. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,29 % во однос на одлуката од 10.03.2025 година.
Од 18.3.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,345 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,916 ден/кг и сега ќе изнесува 41,345 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,592%, кај дизелот намалувањето е во просек за 1,513%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,550% и кај мазутот зголемувањето е за 0,172%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 2,5506%.
Економија
Мицкоски: Се работи на проекти во образованието вредни две милијарди денари

Во моментот имаме инвестициска активност од околу две милијарди денари за проекти во образованието, повеќе од 30 капитални инвестиции, седум комплетно нови училишни згради, дваесетина се реновираат, спортски сали во Струга и во Битола, отпочнуваме со спортските сали – Кисела Вода и Аеродром, во план е продолжување на проектот за реконструкција на универзитетите, односно зградите на факултетите ФИНКИ и ФФК, отпочнуваме со кампусот „Мајка Тереза“, изјави попладнево премиерот Христијан Мицкоски.
„Истовремено, ќе продолжи и инспекцискиот надзор на оние високообразовни институции, но и оние други образовни институции, што не ги исполнуваат стандардите. Ќе бидат опоменати. Доколку не преземат ништо во насока на исполнување на стандардите, ќе мора да бидат затворени“, рече премиерот.
Тој кажа дека децата треба да добијат европско знаење, а „тоа може да го даваат институции што ги почитуваат законите и што нудат таков тип на пренос на знаење“.
„Реформата во образованието е навистина опсежна. Оваа година, нешто што не е за фалење, учениците ги добија книгите на 1 септември. Исто ќе биде и во следната година. Ние пред 10 – 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска сме среќни ако секое дете има учебник. Но, за жал, имавме цунами седум години што и тоа не можеше да го направи онаа влада на СДСМ и ДУИ, па оваа влада мора буквално сите тие елементарни работи да ги прави“, додаде премиерот.
Економија
Перински во Студеничани: Инвестираме и во руралните средини – тие се еднакви по својата важност како и останатите

Во скопската општина Студеничани денеска започна реконструкцијата на 6,5 км долгиот локален пат Драчево – Мотел Китка, проект финансиран од првиот владин повик за финансиска поддршка на инфраструктурни општински проекти. На официјалниот почеток на градежните активности присуствуваа министерот за локална самоуправа, Златко Перински, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за транспорт, Александар Николоски, првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, заменик министерот за локална самоуправа, Ерџан Селими и Калтрина Зеколи Шаќири, заменик министер за транспорт.
Градоначалникот Азем Садики, појасни дека станува збор за пат долг 6,42 км, кој се протега од селото Црвена Вода до мотел Китка, а проектот предвидува негова целосна реконструкција и обнова со неопходната инфраструктура.
„Многу сум среќен што Владата продолжува да ги помага општините, особено руралните. Овој пат е многу битен за нашата општина, затоа што не само што ќе придонесе за побрз, полесен и побезбеден транспорт за жителите во планинските села, туку ќе создаде услови за поттикнување и развој на туризмот и за инвестирање во скопската околина со оглед на близината и убавината на Китка“, истакна Садики.
Министерот Перински порача дека проектот е доказ за посветеноста на Владата да инвестира во подобрување на инфраструктурата во сите општини и региони.
„За оваа Влада не постојат заборавени општини, помагаме онаму каде што е најпотребно, а тоа се руралните средини со сите предизвици коишто ги имаат во дел на капиталните инвестиции. Радоста на мештаните којашто ја видовме денеска е доказ дека Владата трасира пат којшто се темели исклучиво на потребите на граѓаните и во таа насока ќе продолжиме за да го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани на цела територија на Македонија“, истакна Перински, кој како дел од теренските посети „Каде што срцето е дома“, претходно со неговиот заменик, Селими, одржаа работна средба со градоначалникот, членовите на општинскиот Совет и претставници на администрацијата на која разговараа за актуелните состојби во општината.
Поддршка на сите општини и во периодот што следи најави и премиерот Мицкоски, кој истакна дека Владата ќе продолжи да инвестира во проекти кои ќе значат поквалитетен, покомфорен и поубав живот, независно од политичката определба на градоначалниците.
„Немаме намера да заборавиме ниту едно место на целата територијата на Македонија, ќе инвестираме секаде. Тоа го правиме веќе девет месеци, покажуваме еден поинаков начин на функционирање на Влада. Ќе продолжиме така и во иднина, бидејќи граѓанинот, Македонецот, Албанецот, Турчинот, Србинот, Ромот, Бошњакот, Влавот и сите останати, се центарот на нашето внимание и сите ние заедно ќе работиме за нивно подобро утре“, порача премиерот Мицкоски.
„Евидентна е разликата од начинот на функционирање на оваа Влада“, оцени првиот вицепремиер и министер за животна средина, Меџити.
Министерот за транспорт, Николоски, информираше дека во моментов во село Студеничани привршува и реконструкција на локален пат долг 840 метри, а во тек е тендерска постапка за изградба на нов пат во Моране, проекти со кои дополнително се дава поддршка за подобрување на инфраструктурата во оваа општина.