Свет
Бесими ќе бара одговорност од „Ксеминекс“
Фатмир Бесими, министерот за економија, реши да побара од американската фирма „Ксеминекс“ да плаќа пенали поради тоа што речиси две години не го пуштила во погон рудникот за олово и цинк „Злетово“ кај Пробиштип.
Фатмир Бесими, министерот за економија, реши да побара од американската фирма „Ксеминекс“ да плаќа пенали поради тоа што речиси две години не го пуштила во погон рудникот за олово и цинк „Злетово“ кај Пробиштип. Бесими за „Време“ вели дека Американците не ги почитувале обврските од инвестицискиот договор што го потпишале со Владата и затоа од нив, како што вели, „ќе бара одговорност“.
– На Владата и беше најважно „Злетово“ и „Тораница“ да се рестартираат, но „Ксеминекс“ не успеа во тоа. Доколку им простиме на „Ксеминекс“, потенцијалните инвеститори несериозно ќе гледаат на Македонија како бизнис-дестинација. Мене ми е должност да побарам да си ги намират обврските што ги имаа со договорот – изјави Бесими.
Ваквата изјава на Бесими доаѓа откако беше објавено дека индиско-британската фирма „Бинани“ во тајност веќе ја купила „Ксеминекс-Македонија“ и направила зделка со Американците. Не е позната цената што ја договориле двете страни, иако, како што дознаваме,
„Ксеминекс“ постигнале цена многу повисока од онаа што ја платија кога го добија капацитетот кај Пробиштип. „Ксеминекс“ за отштета, според договорот од „Злетово“, треба да плати повеќе од 850.000 долари.
Пред да се премисли, Бесими изјави дека Владата гледала побрзо да ги рестартира рудниците, а не да бара од некого да плаќа пенали поради непочитување на договорот.
Согласно со одредбите од инвестицискиот договор, фирмата треба на Владата да и плати отштета по 15 отсто од сумата што е договорена како обврска на инвеститорот. „Ксеминекс“ требаше во рудникот да инвестира 5 милиони во првата година, односно 10 милиони евра во првите две години од преземањето. Американците требаше на работа да вратат 550 луѓе и рудникот да го рестартираат за 4 месеци. Сега по 16 месеци, ниту една од обврските не е исполнета.
М.К.
ФИРМАТА НА АМЕРИКАНЦИТЕ ВО СТЕЧАЈ?
Јакимовски побарал ПИОМ да ги блокира сметките на „Ксеминекс“
Стевче Јакимовски, министер за труд и социјална политика, побарал Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ги блокира сметките на „Ксеминекс Македонија“ оти утврдил дека придонесите на вработените не се плаќани лани од мај.
– Жално е што така испадна, но на „Ксеминекс“ не смее да му се дозволи да продолжи со дубиозите. Му дадовме шанса да работи со два рудника опфатени со ФЕСАЛ-аранжманот вреден 130 милиони евра. Фирмите требаше да се исчистат од долгови и да се нудат на продажба – вели Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Тупаници во турскиот парламент: хаос околу положувањето заклетва на новиот министер за правда
Хаос избувна во турскиот парламент кога членовите на владејачката партија и опозицијата се судрија околу положувањето заклетва на новиот министер за правда, Акин Гурлек, што доведе до туркање и физичка пресметка, пренесуваат медиумите во регионот.
Според написите, пратениците од опозицијата се обидоа да го спречат главниот обвинител на Истанбул, Акин Гурлек, кој беше назначен од претседателот Реџеп Таип Ердоган на оваа важна судска функција, да положи заклетва во парламентот. Додека страстите се разгоруваа, пратениците се туркаа меѓусебно, а некои дури и се удираа меѓусебно.
Регион
Хрватска, заедно со Албанија и Косово, ќе одржи заедничка воена вежба
Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу го најави одржувањето на првата трилатерална воена вежба меѓу Албанија, Косово и Хрватска во 2026 година, како дел од неодамна потпишаниот договор за соработка меѓу трите земји.
Венгу објави дека е направен уште еден важен чекор во спроведувањето на трилатералниот договор, истакнувајќи дека началниците на генералштабовите на Албанија, Косово и Хрватска одржаа заеднички состанок со цел понатамошно подобрување на воената соработка.
Според него, фокусот на соработката е на зајакнување на воената координација, поголема интероперабилност и подигнување на оперативната подготвеност на вооружените сили на трите земји. Посебен акцент е ставен на развојот на заеднички вежби и обуки за справување со безбедносните предизвици и хибридните закани.
„Првата трилатерална вежба ќе се одржи во 2026 година, во согласност со Стратешкиот концепт на НАТО и евроатлантските цели“, објави Венгу.
Во Скадар се одржа состанок на началниците на генералштабовите на вооружените сили на Албанија и Хрватска и командантот на Косовските безбедносни сили, а состанокот предизвика реакција од српското Министерство за одбрана, кое го оцени како закана за мирот во регионот, пренесуваат медиумите во соседството.
Српското Министерство за одбрана објави дека остро го осудува трилатералниот состанок, оценувајќи дека продлабочувањето на воената соработка претставува фактор на притисок и безбедносен предизвик за Србија и српскиот народ на Косово, како и закана за мирот и стабилноста во регионот.
Претходно, на 30 јануари во Загреб се одржа состанок на Хрватска, Албанија и Косово на ниво на директори за одбранбена политика и вооружување.
Сите овие состаноци се одржаа по меморандумот за соработка во областа на одбраната и безбедноста што Албанија, Хрватска и Косово го потпишаа на 18 март 2025 година во Тирана.
Свет
Лавров: Доколку западните земји го зајакнат своето воено присуство во Гренланд, Русија ќе преземе „контрамерки“
Русија подготвува „контрамерки“, вклучително и оние од „воена природа“, доколку западните земји го зајакнат своето воено присуство во Гренланд, предупреди во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Неколку европски земји неодамна распоредија помали воени контингенти во Гренланд, автономна територија под дански суверенитет, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно почна да ја посетува, повикувајќи на американско преземање.
„Секако, во случај на милитаризација на Гренланд и создавање воени капацитети насочени против Русија, ќе преземеме соодветни контрамерки, вклучително и оние од воено-техничка природа“, рече Лавров за време на обраќањето пред рускиот парламент.
Откако се врати во Белата куќа пред една година, Доналд Трамп постојано ја повторуваше својата желба да ја преземе контролата врз Гренланд, оправдувајќи ја со безбедносни причини и заканите што ги претставуваат Русија и Кина во тој регион, според него, потсетуваат медиумите.
Сепак, во јануари на Светскиот економски форум во Давос, тој ја омекна својата реторика, тврдејќи дека се договорил со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за „рамка“ за преговори што ќе им овозможи на САД да имаат поголемо влијание на таа арктичка територија.
Конкретните детали од тој договор сè уште не се познати. Данска и Гренланд досега решително ја отфрлија секоја можност за пренос на суверенитетот, нагласувајќи дека територијата не е на продажба.
„САД, Данска и Гренланд мора да го решат ова прашање меѓу себе“, рече Лавров, обвинувајќи го Копенхаген дека ги третира 57.000 жители на Гренланд како „граѓани од втор ред“.
На почетокот на февруари, НАТО започна со планирање на мисија насочена кон зајакнување на безбедноста на Арктикот.

