Uncategorized
Венко Марковски – контроверзниот поет
И 21 година по смртта, Венко Марковски се уште е контроверзна личност во македонските политички и книжевни кругови
Контроверзите околу поетот Венко Марковски во македонската јавност продолжуваат и понатаму – не толку поради неговото творештво, туку поради неговата политичка определеност и доброволното напуштање на Македонија, македонските корени и заминувањето во Бугарија. Во најновиот број на книжевното списание Синтези, објавена е поемата на Венко Марковски, Современите парадокси, првпат објавена во 1956 година а поради која Венко Марковски беше осуден за непријателска дејност на пет години затвор и одведен на Голи Оток. Оваа поема првпат се објавува во Македонија, а уредникот на списанието Синтези, Веле Смилевски, и академикот, професор и поет Гане Тодоровски токму по повод објавувањето на оваа поема се обидоа да дадат појасна слика за случувањата околу животот и делото на Венко Марковски, несомнено еден од поетите кои делуваа во македонската литература од тој период, како и неговата подоцнежна книжевна активност во Бугарија на бугарски јазик. За поезијата и животот на Венко Марковски, Гане Тодоровски вели: „Во обете културно-национални средини, Македонија и Бугарија, литературната наука попретпазливо ќе оперира при елаборација на уметничките творби на овој автор со оглед на неговите зачудувачки осцилации и конверзија во определбите на националната припадност“. За делото на Венко Марковски, академик Милан Ѓурчинов вели: „Венко не може да биде прв основоположник на македонската современа поезија поради тоа што своите две стихозбирки ги обајви една година пред Рациновите Бели мугри. Рацин своите први песни на македонски јазик започнал да ги објавува уште од 1934 година, во списанија од кои некои биле забранети, затоа што неговите песни биле напишани на македонски јазик. Битен е квалитетот. А, поезијата на Венко Марковски според уметничките вредности заостанува зад поезијата на Рацин“. Па така, превирањата во македонските книжевни кругови околу вредноста на поезијата на Венко Марковски продолжуваат. Некои сметаат дека неговата поезија многу губи од неговиот т.н. соц-реалистички период, кога пишува наменска поезија, во периодот кога бил со партизаните. Ѓурчинов смета дека од целата поезија на Венко Марковски, вредни се 12 песни од првите збирки. Гане Тодоровски смета дека поемата која е денес објавена во списанието Синтези и поради која Венко беше испратен на Голи Оток, нема уметнички квалитети туку политички импликации поради негативниот став кон Тито. Сепак, нашите академици, книжевни теоретичари и културни дејци во едно се согласуваат – бесмислено е да се бара рехабилитација за Венко Марковски, затоа што тој е автор кој е објавуван и ценет во периодот кога објавувал во Македонија, како и дека од литературно-историски аспект, Венко Марковски има свое место во македонската литература. На саемот на книгата наредниот месец ќе се појави уште едно издание посветено на контроверзата наречена Венко Марковски, во редакција на Гане Тодоровски. И да се надеваме, ќе се расчистат некои темни дамки од македонското историско-уметничко минато.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Најмалку 10 лица загинаа во пожар во Шпанија
Најмалку 10 лица загинаа во пожар во дом за стари лица во североисточна Шпанија.
Пожарот избувна рано утринава во домот „Вила Франко де Ебро“, во близина на Сарагоса.
Причината сѐ уште не е позната.
Uncategorized
Филипче: Само за камати за унгарскиот кредит годишно ќе се платат 18 милиони евра
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање, посочи дека каматите за кредитот од Унгарија на годишно ниво ќе изнесуваат околу 18 милиони евра. Филипче порача дека граѓаните ниту се должни ниту имаат некаков бенефит од плаќање на камати за овој кредит. При тоа, Филипче потенцираше дека повлекувањето на парите од унгарскиот кредит, отвора сериозно загрижувачки прашања, односно дека ниту општините се подготвени да ги искористат, ниту пак има развиен механизам како ќе се поделат парите на компаниите, а во меѓувреме граѓаните ќе плаќаат камати.
„Годишно каматите за тој кредит ќе изнесуваат околу 18 милиони евра. Тоа значи дека ние веќе плаќаме камати за кредит којшто е целосно повлечен иако можело да се повлекува на пример по делови, а едноставно не може да искористи. Тоа значи дека кога некој граѓанин ќе купи стан или кола, ќе земе кредит, а станот или колата ќе му дојдат следната година. Тоа нема никаква домаќинска логика. Не знам зошто премиерот и Владата вака недомаќински се однесуваат со ресурсите на државата и со парите на граѓаните. За да се направат проекти, за да се реализираат и за да се стигне до наплата треба сериозен број на месеци, а ние имаме најмалку шест месеци период во којшто граѓаните плаќаат камати без никаква потреба“, рече Филипче.
Во однос на механизмот за поделба на парите кон компаниите, Филипче потенцираше дека Владата и за овој дел нема план и дека очекувано ќе биде комерцијалните банки за своите трошоци да ја зголемат каматната стапка.
„Не станува збор очигледно за така поволен кредит како што Владата сакаше да го рекламира на почетокот. Моите информации се дека има компании коишто се добро рангирани кои од нашите банки земаат кредит со каматна стапка под 3%. Тоа значи дека има многу поповолни кредитни линии за компаниите. Зошто граѓаните да плаќаат камати и да враќаат кредити за развој на некои компании. Каков бенефит ќе имаат граѓаните кога ќе плаќаат кредити за развој на некои комерцијални компании? Зошто не беше премиерот и Владата фер да кажат дека каматата нема да биде само 3,25%, туку дека ќе биде многу повеќе, а сега во овој временски период и значајно повеќе од тоа што реално може да се најдат пари на пазарот и преку комерцијалните банки“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Uncategorized
Русија изврши напад врз Украина со крстосувачки ракети и беспилотни летала напаѓајќи го Киев
Во текот на ноќта и утринава Русија ја нападна Украина со стратешки бомбардери, крстосувачки ракети од различен тип и наведувани воздушни бомби, а нешто подоцна следуваше и самоубиствен напад со беспилотно летало, соопштија украинските власти.
Според податоците на украинските воздухопловни сили, шест авиони „ту-95 мс“ полетале за Украина, пренесува „Укринформ“.
Одбранбените сили на Украина на „Телеграм“ објавија дека до 10 часот денеска собориле два крстосувачки ракети „Х-101“, кои биле лансирани од областа на Каспиското Море, како и две балистички ракети „Искандер-М/КН-23“ лансирани од Воронежскиот регион во Русија.