Свет
Бучковски бара жртвено јагне
Обвинителството идната недела ќе покрене кривична постапка против вмешани во случајот За случајот „Бачило“ не знаев се’ до присилната исплата на отштета од сметката на Министерството за одбрана, изјави вчера премиерот Владо Бучковски за исплатата на 720 илјади евра за бачило наводно гранатирано од АРМ за време на конфликтот.
Обвинителството идната недела ќе покрене кривична постапка против вмешани во случајот
За случајот „Бачило“ не знаев се’ до присилната исплата на отштета од сметката на Министерството за одбрана, изјави вчера премиерот Владо Бучковски за исплатата на 720 илјади евра за бачило наводно гранатирано од АРМ за време на конфликтот.
Обвинителот Александар Пречевски оцени дека има основи за кривична одговорност на лица вмешани во случајот. Тој најави дека Одделението за борба против организиран криминал за празниците ќе утврди против кого ќе биде покрената постапка.
Бучковски тврди дека случајот до крај ќе се истражи и смета дека во заднина нема политичка групација.
– Случајот „Бачило“ мириса на организиран криминал уште од почеток. Не коментирав досега иако некои ме обвинуваа и мене дека сум вмешан бидејќи парите за исплата на Иснифарис Џемаили беа префрлени од сметка на Министерството за одбрана кога јас бев министер. Но јас не знаев за тоа. Сега со одлуката на Владата се покажа дека случајот „Бачило“ е сомнителен.
– Надлежните институции ќе мора сериозно да истражат за да се пронајдат виновниците. Се сомневаме дека спрегата е меѓу судството, јавното правобранителство и посредникот ангажиран од овчарите. Ќе го исчистиме судството од сите влијанија – изјави Бучковски.
Владата се посомнева дека во „Бачило“ има елементи на организиран криминал и корупција и побара Обвинителството, неговиот Оддел за борба против организираниот криминал и корупција и МВР да го расчистат случајот.
– Не сме го добиле заклучокот од Владата, но ќе го испитаме случајот. Го очекувавме и мислењето на Врховниот суд. Ќе ангажираме и соодветни служби од МВР, а ако треба и други институции. Никој нема да биде изземен од одговорност, вклучувајќи ме и мене, ако се утврди дека преземените дејства се спротивни на законот. Судиите имаат имунитет за одлуките што ги носат и може да бидат гонети само ако се утврдат коруптивни дејства. Во Кривичниот законик има и ново дело кое предвидува кривична одговорност на носители на јавни функции за очигледна несовесност и свесно кршење на законот при работата – вели Прчевски.
Тој објаснува дека задолжениот заменик-јавен обвинител ја отфрлил иницијатива за покренување барање за заштита на законитоста за меѓу пресудата со која била досудена отштета. Неа ја доставила првата заменик-јавна правобранителка што го водела случајот, а тој сметал дека има основа за отштета.
– Тогаш во пресудата немало ни вештачење ни други факти за пресудување – вели Прчевски.
Во МВР велат дека ќе постапуваат по налог на Обвинителството.
Според Врховниот суд, потпоручник во тетовската полиција ја составил службената белешка за настанот без да излезе на увид, туку по усно соопштение на сопственикот на бачилото.
– Службената белешка не е составена по телефон. Белешката што ние ја имаме е напишана во прво лице, односно како тој што ја составил да бил на местото. Таа е интерен акт и ќе ја дадеме ако ни ја побара судот – вели Горан Павловски, шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи.
Претседателката на Републичкиот судски совет (РСС), Ленче Софрониевска, вели дека ќе го разгледаат случајот идната недела. РСС има надлежност да ја оценува работата само на активните судии. Тоа значи дека може да ја испита работата само на судијката од првостепениот, Основен суд. За евентуална одговорност на судијката од второстепениот суд, што ја потврдила меѓупресудата и постоењето основа за исплата на отштетата, треба да реши Собранието, бидејќи во меѓувреме била избрана за судија во Уставниот суд.
Професорот Владо Камбовски смета дека Обвинителството може да побара кривична одговорност од кој било вршител на јавна функција вмешан во случајот, но мора да докаже дека делото било направено со умисла. Обична небрежност за вакви дела не е доволна, смета Камбовски. (Н.Н.С.-И.К.И.)
Има ли чаре од повторена постапка?
Завчера Владата ги задолжила надлежните институции да ја испитаат и можноста за повторување на случајот.
Законот за парнична постапка дозволува повторување на постапката ако одлуката на судот е донесена врз основа на лажна изјава на сведок или вештак, врз фалсификувана или исправа со невистинита содржина, ако дознае нови факти или ако до одлуката дошло поради кривично дело на судијата или застапник на една од странките.
Но, извори на „Дневник“ велат дека со тоа ништо нема да се постигне и дека Владата сака да го одвлече вниманието од вистината за случајот.
– Барањето за повторување на постапката треба да го поднесе оној кој веќе испуштил да ги преземе сите неопходни редовни и вонредни правни лекови – јавниот правобранител. Тоа е смешно – велат доброупатени извори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Најновите документи за Епстин ме ослободуваат од обвинувањата
Американскиот претседател Доналд Трамп, реагираше на објавувањето на повеќе од три милиони страници документи поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, тврдејќи дека документите го ослободуваат од обвинувањата.
– Не сум ги видел документите лично, но некои многу важни луѓе ми кажаа дека тие не само што ме ослободуваат, туку покажуваат спротивно од она што радикалната левица и другите го очекуваа, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион „Air Force One“, пренесува „Тајмс“.
Трамп, кој призна дека бил пријател со Епстин, повеќепати негираше каква било вмешаност или сознанија за неговите сексуални злодела, истакнувајќи дека нивното пријателство завршило пред многу години.
Министерството за правда на САД предупреди дека објавените документи можат да содржат „невистинити и сензационалистички“ тврдења за Трамп.
Министерството за правда на САД завчера објави повеќе од 3,5 милиони страници документи, околу 2.000 видео-снимки и 180.000 фотографии во рамките на новата серија материјали поврзани со случајот на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Свет
Зеленски: Новата рунда трилатерални преговори со Русија и САД ќе се одржи на 4 и 5 февруари
Новата рунда преговори меѓу Украина и Русија, со посредство на САД, ќе се одржи во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, в среда и четврток (4 и 5 февруари), најави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски нагласи дека Киев е подготвен за „суштинска дискусија“.
Тој истакна дека информациите доаѓаат од украинскиот преговарачки тим кој денеска требаше да одржи разговори со руската делегација.
„Нашиот преговарачки тим штотуку даде извештај. Датумите за следните трилатерални состаноци се одредени: 4 и 5 февруари во Абу Даби. Украина е подготвена за суштински разговори и ние сме заинтересирани исходот да нè доближи до вистински и достоинствен крај на војната (Москва-Киев). Ви благодариме на сите што помагате!“, рече тој.
Ни Москва ниту Вашингтон не ги потврдија информациите што ги сподели Зеленски.
Претходно, повеќе западни медиуми јавија дека денешната средба на претставници на рускиот и украинскиот тим е одложена, а дипломатскиот фокус е насочен кон средината на претстојната недела.
Свет
(Видео) Сведоштво на мајката и сопруга на уапсените за марихуаната поврзана со Македонија
Членови на семејството Спасојевиќ и нивни соседи се огласија по заплената на повеќе од пет тони марихуана на семеен имот во околината на Крушевац, случај кој српските власти го оценуваат како една од најголемите акции против организираниот криминал во историјата на земјата.
Ана Спасојевиќ во изјава за српскиот таблоид „Република“ изјави дека семејството било угледно и дека не била свесна што се чува на имотот. Таа наведе дека знаеле нејзиниот сопруг и синот, но дека, според она што ѝ било кажано, станувало збор за нешто што привремено било оставено таму, само неколку дена.
„Не ми е важно кој го сторил тоа, сè ќе се открие во истрагата. Ова ни се случува првпат во животот, ништо слично никогаш не сме имале“, изјави Спасојевиќ, додавајќи дека целата ситуација тешко ѝ паѓа и дека поради стресот не може да спие и зема терапија за смирување.
И соседите изразуваат неверување. Комшиката Радмила Тодосијевиќ изјави дека веста за пронаоѓањето на дрогата ја затекнала и ја вознемирила, нагласувајќи дека семејството го познавала како работливо и чесно. Таа посочи дека Спасојевиќи со години живеат таму и се занимаваат со земјоделство, одгледување овошје и зеленчук, додавајќи дека немала никакви сознанија за нелегални активности.
Во меѓувреме, српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ им честиташе на припадниците на Министерството за внатрешни работи и на безбедносните служби за, како што рече, исклучително успешно спроведената акција кај Крушевац. Според него, станува збор за еден од најголемите и најзначајни успеси на српската полиција во борбата против организираниот криминал.
„Оваа историска акција јасно покажува дека во Србија нема заштитени и дека секој што ќе помисли дека може да се сокрие зад партиска книшка за да врши кривични дела – нема да успее. Секој што се занимава со криминал ќе биде најстрого казнет и процесуиран согласно законот“, порача Гашиќ, нагласувајќи дека борбата против криминалот и корупцијата е апсолутен приоритет на државата и дека се води без компромиси и без исклучоци.
‼️Супруга Радета, од кога је заплењено јуче пет тона марихуане каже:
👉 “Ми смо угледна породица и све ово је колатерална штета”.
А затим каже да су супруг и син ЗНАЛИ да је то дрога.
Па онда каже…
ПАЗИТЕ САД 👇
САМО су требали да причувају на пар дана, док “неко” не… pic.twitter.com/xxJGRxQHcY
— Инжењер 🇷🇸 (@Ortodox_Serb) January 30, 2026

