Македонија
Македонија и Албанија за надминување на бариерите
Меѓуграничната соработка е пример за надминување на политичките и историски бариери со цел развој на соседните држави
Меѓуграничната соработка е пример за надминување на политичките и историски бариери со цел развој на соседните држави.
Ова денеска во Скопје го изјави евроамбасадорот Ерван Фуере, на првиот повик од втората компонента од ИПА фондовите 2007 за меѓународна соработка меѓу Македонија и Албанија, во вредност од 680 илјади евра.
“Една од најважните причини за успешна меѓугранична соработка е тоа што луѓето се во срцето на процесот на соработка“, рече Фуере.
Целта на проектот, каде македонската Влада учествува со 120 илјади евра, е економски и социјален развој на општините во меѓуграничниот појас.
“Ова е значаен пример на соработка на две држави кои се уште не се членки на Европската унија (ЕУ)“, изјави македонскиот министер за локална самоуправа Муса Џафери.
Средствата се наменети за мали проекти, од 20 до 50 илјади евра, што се однесуваат на економскиот развој, туризмот, одржлив еколошки развој како заштита, промоција и менаџирање на природните ресурси и еко системот, како и социјална кохезија и културни размени во двете држави.
“Партнерството што се развива меѓу локалната заедница, цивилното општество, бизнис секторот, е гаранција за успех“, посочи евроамбасадорот Фуере.
Според најавите, на 17 јуни во Струга ќе се одржи Информативен ден каде ќе се презентираат условите за аплицирање, а главен услов е проектите да се имплементираат во македонските општини што се дел од меѓуграничниот појас со Албанија.
Апликанти може да бидат сите непрофитни организации, фондации, локални власти, регионални структури како и стопанските асоцијации./крај/ис
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Економијата и инвестициите во фокусот – работни средби на Муцунски во Литванија
Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари одвоени средби со министерот за економија на Литванија, Едвинас Грикшас, и со претседателот на Конфедерацијата на индустријалци, Видмандас Јанулевичиус.
На средбите, Муцунски го претстави силниот ангажман на Владата за создавање поволна деловна клима преку атрактивни стимулации, современа регулатива и висококвалификувана работна сила. Тој истакна дека привлекувањето нови компании во клучни области како технологијата и иновациите, отворањето работни места и забрзувањето на економскиот раст и развој се врвен приоритет на економскиот ресор.
Разговорите беа насочени и кон можностите за интензивирање на економската соработка, како и кон конкретни иницијативи за унапредување на трговијата и инвестициите меѓу двете држави – на владинo и на компанискo ниво.
Македонија
Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е исправна и може непречено да се употребува, велат од „Водовод“ по труењето во училиштето
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека по извршениот вонреден мониторинг, водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош е целосно безбедна за употреба.
„ЈП Водовод и канализација – Скопје на ден 26.11.2025 година изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ Димо Хаџи Димов, општина Карпош.
Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.
Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“.
Македонија
(Фото) Отстранета дивоградба на улица „Орце Николов“, Герасимовски најави расчистување на бесправните објекти
Во рамките на обемната акција за отстранување дивоградби, Општина Центар ја урна нелегалната доградба на деловен објект на улица „Орце Николов“ бр. 139 во Дебар Маало, соопштија од Општината.
Конструкцијата била изградена без одобрение за градење и го узурпирала заедничкиот простор предвиден за граѓаните.


„Јавните површини во Центар им припаѓаат на сите граѓани и нема да дозволиме да се претвораат во приватни имоти поради самоволие на поединци. Секој бесправно изграден или незаконски поставен објект ќе биде санкциониран со соодветни решенија и постапки за негово отстранување”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Градежниот инспектор издал решение со кое на инвеститорот „Екотон Дизајн“ му било наложено да ја отстрани нелегалната доградба. Бидејќи инвеститорот не постапил по решението и по неколкуте опомени, општинските служби ја отстранија бесправно изградената конструкција.


„Општина Центар спроведува континуирана акција за воспоставување ред на јавните површини, со засилени инспекциски контроли и активности за расчистување на нелегално поставени објекти. Целта е заштита на јавниот интерес и враќање на просторот на граѓаните, како дел од пошироката стратегија за уредување и подобрување на урбаниот простор во општината“, соопштија од Општина Центар.

