Uncategorized
Владата ќе се соочи со лавина тужби за разрешувањата
Сменетите во пакет очекуваат Врховниот суд да ги поништи владините решенија и да ги врати на функциите
Сменетите во пакет очекуваат Врховниот суд да ги поништи владините решенија и да ги врати на функциите
КАТИЦА ЧАНГОВА
Владата, во текот на идната недела, ќе се соочи со лавина тужби од разрешените функционери, предвидуваат експертите по управно право, потенцирајќи дека декретот е неуставен и незаконски чин. Причина: Владата не ги имала предвид новините во Законот за управните спорови, што дава можност да се поднесува тужба против решенијата на извршната власт. Според овој правен акт, надлежноста во најавениот бран судски процеси е кај Врховниот суд сж до 1 јануари 2007 година додека не биде формиран управен суд. Врховниот суд може да ги поништи решенијата врз основа на поединечна тужба.
Носителите на јавни функции сменети во пакет на првата владина седница одржана на 29 август очекуваат Врховниот суд да ги поништи решенијата и да ги врати на функциите. Голема е веројатноста дека од Буџетот ќе бидат обесштетени тужителите за неземени плати и надоместоци.
Идентични ставови кои се совпаѓаат со експертските ставови за разрешувањата завчера презентира и Антикорупциската комисија, укажувајќи дека Владата не ги испочитувала Уставот и законите, како ни пропишаните процедури и критериуми. Антикорупционерите се изјаснија дека непочитувањето на процедурите не само што е во спротивност со владеење на правото туку и во целост ги урива принципите за деполитизација и професионализација на јавната администрација. Единствено Владата која е креатор на одлуката за пакет-разрешувањата опстојува на уверувањата дека постапила исправно и дека не направила пропусти. Што се однесува до заканите за сериозни штети во Буџетот, портпаролот на Владата вели дека не може уште отсега да се знае дали навистина ќе биде така.
„Владата ја утнала работата уште на првата седница. Одлуката на Владата донесена на 29 август е спротивна на Уставот и на законите. Најголемата грешка е во тоа што сите именувани функционери од претходната власт со заклучок се разрешени. Владата тврди дека не донела генерална одлука за разрешување, меѓутоа заклучок претставува акт. Тоа е општ акт што сигурно постои, а кога ќе се најде, тогаш Уставниот суд ќе го поништи. Законот за пристап до информации дефинира дека за да не биде објавен акт, треба да носи посебна шифра која се определува на самата владина седница како „строго доверлив материјал". Вакво нешто нема, нејасно е зошто, а тоа само упатува на класична незаконитост во работењето на Владата", изјави професор Ана Павловска-Данева од Правниот факултет во Скопје. Таа не верува дека 544 поединечни решенија или уште повеќе можеле да се подготват во ист ден за да важат од тогаш, а не од денот на објавувањето во „Службен весник". Владиниот потег го коментира како недоволно обмислен и како типичен споилс систем за добивање функции, што ќе рече сега го земам пленот од добивање на власта, „сж ќе тргнам и ќе ставам свои луѓе". Во законите вградуваме одредби за практикување на системот на меритократија-добивање јавни функции по заслуга, а во реалноста ни се случува споилсот.
Познавачите на управната материја се убедени дека врховните судии, вкупно девет за овој дел, ќе бидат затрупани со предмети. Најверојатно ќе си ја олеснат работата, прогласувајќи ги решенијата на Владата за незаконити. Поништувањето ќе го направат раководејќи се од тоа што ниту едно решение не содржи образложение. „Самата ништавност значи дека целата ситуација се враќа назад, како воопшто да не постоело решение. Во таква ситуација ќе се чека на нова одлука на Владата која може да биде иста, но оштетениот има повторно право на жалба. Врховниот суд во втор обид ќе пресуди полесно и мериторно по предметот. Ако Владата си ја признае грешката, сите разрешени се враќаат на функциите каде што биле. Ако има двојни тимови, нека му ја мисли Владата", вели Павловска-Данева, и самата разрешена од местото претседател на Управен одбор во МАПАС, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.
„Ова е чисто стручен орган што нема врска со политика. Имам мандат од седум години што ми истекува по четири години. За разрешувањето добив групно решение со уште четворица членови на УО. Има наведени случаи кога членовите на овој УО, како и директорот на МАПАС, се разрешуваат: смрт, кривично дело, повлекување по сопствена желба, губење деловна способност и неисполнување на работни обврски. Членовите на УО не засноваат работен однос во МАПАС, а никој од нас не умре, не изгуби деловна способност, не направи кривично дело и не побара да си оди. Ова е веќе материјална причина која ќе падне на Врховен по поднесување на тужбите. Може ли сите пет наеднаш да бидат разрешени, дали сите на ист начин сме згрешиле", прашува Павловска-Данева.
Според неа, овие конкретни акти (поединечните решенија) се огромна грешка на извршната власт која може да оди на штета на државата и на Буџетот, но и на одговорност на Владата. Тие се нецелосни, немаат увод – не се наведува точната законска основа по која е донесено решение, нема задолжително образложение и правна поука. Без овие елементи решението се смета за ништовно, исто како да го нема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Дуа Липа ужива во Бразил и објавува фотографии од плажата и градот
Дуа Липа објави фотографии од Бразил за време на паузите од нејзината „Radical Optimism“ турнеја.
За Инстаграм позираше на плажа, на jet-ski и во градот, носејќи минијатурно виолетово бикини, црн и бел фустан. Фотографите претходно ја снимија и на базен на поткровје во луксузен хотел во Рио де Жанеиро, во црно-жолто бикини.
View this post on Instagram
Uncategorized
Европол разби група платеници ангажирани за киднапирање водач на албанска мрежа за трговија со дрога
Европол вчера поддржа голема операција предводена од Германија, насочена кон група платеници ангажирани од криминална мрежа за киднапирање на водачот на соперничка банда за трговија со дрога.
Агенциите за спроведување на законот од Данска, Франција, Латвија и од Обединетото Кралство учествуваа во операцијата.
Координираната акција се фокусира на латвиски државјани, од кои некои беа активни во Француската легија на странци.
„Овие високообучени лица беа опремени со професионална опрема и дејствуваа во име на организирана криминална група. Ним им беше доверено киднапирањето на водачот на албанската мрежа за трговија со дрога, кој е осомничен за оркестрирање на кражбата на неколку тони канабис во вредност од милиони евра“, се вели во соопштението на Европол.
На денот на акцијата четири лица беа уапсени во Данска, Франција, Латвија и во Обединетото Кралство, а две во Германија.
„Европол одигра клучна улога со олеснување на размената на информации, обезбедување оперативна координација и обезбедување аналитичка поддршка. На денот на акцијата Европол распореди експерти во Ница за да ги олесни размената на информации во реално време и вкрстената проверка на оперативните информации во базите на податоци на Европол обезбедувајќи директни траги до истражителите на терен“, соопшти Европол.
Европол додава дека оваа операција е поврзана со феноменот насилство како услуга, во кој сторителите ги нудат своите услуги за извршување насилни дела во име на други криминални организации. Во овој конкретен случај високообучени експерти се ангажирани од организирани криминални групи за извршување насилни дела. Овој начин на дејствување се открива сè повеќе во разни операции поврзани со сериозен и организиран криминал.
Неколку осомничени во овој случај се поранешни војници на Француската легија на странци. Европол наведува дека ова претставува алармантен тренд што произлегува од војната во Украина.
„Борбено обучените поранешни војници, кои се враќаат од фронтот, би можеле да ги користат своите вештини за организиран криминал претставувајќи потенцијална закана. Како што војната во Украина продолжува и потенцијално се интензивира по нејзиното завршување, Европа би можела да се соочи со зголемен број на овие високообучени лица вклучени во криминални активности“, соопшти Европол.
Uncategorized
Тони Китановски, Баба Сисоко и диџеј Гоце САФ со албум снимен на три континенти
Концертна промоција на албумот „Afro Gitano“: Албум снимен на три континенти што нуди музичко патување без граници. Тони Китановски, Баба Сисоко и диџеј Гоце САФ сабота, 8 ноември, PUBLIC ROOM (во рамки на Skopje Design Week)
Во сабота, на 8 ноември, во Јавна соба, како дел од програмата на Skopje Design Week, македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“ ,заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ.
Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „Afro Gitano е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“.
Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото. „Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија.
Африка, Балканот и урбаната сцена во едно
За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.
Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија: „Џезот и хип-хопот се од иста мајка,“ вели Китановски, додавајќи дека триото создава „компактна единица во која секој ја задржува својата музичка суштина, а заедно пловиме беспрекорно.“


Музика што ја почитува традицијата и ја прегрнува слободата
Во „Afro Gitano“, Китановски ја продолжува својата долгогодишна мисија – да создава музика што е истовремено прастара и современа, длабоко вкоренета и бескрајно слободна. „Музиката е секогаш онолку добра колку што е блиска до коренот,“ вели тој, нагласувајќи дека искреноста кон себеси е единствениот пат до автентичност.
Албумот го издава лондонска издавачка куќа, а како што посочува Китановски, „само оригиналноста може да ја отвори портата кон светот.“
Настан што обединува музика, уметност и дизајн
Настапот е дел од Skopje Design Week – платформа што ги поврзува различните уметнички дисциплини. „Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот,“ додава Китановски.
Публиката може да очекува концерт исполнет со ритам, импровизација и слобода. „Сакам да си поминат убаво, да се изнаиграат без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома – само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар,“ вели Китановски.

