Македонија
Претседателот Иванов во Кнесетот се сретна со претседателот на израелскиот Парламент
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска го посети израелскиот Парламент во Ерусалим, каде се сретна со претседателот на Кнесетот Реувен Ривлин
Руевен Ривлин на средбата изрази особено задоволство од динамиката на развојот на односите меѓу двете држави. За претседателот Иванов тој рече дека лично го смета за голем пријател на Израел што, според неговите зборови, било потврдено со изјавите што македонскиот претседател ги дал овие денови во рамките на неговата посета на Израел. Претседателот на израелскиот Кнесет очекува конкретизација на соработката во иднина, преку формирање Комитет за соработка меѓу парламентите на двете земји и негова посета на Република Македонија. Претседателот Иванов истакна дека со неговата посета на Израел отпочнува нова динамика на интензивни контакти меѓу двете држави на највисоко ниво, оценувајќи дека зголемена соработка меѓу парламентите е вистински чекор во насока на зајакнување на билатералните односи во сите области и на сите нивоа. Македонскиот претседател денеска ќе се сретне уште и со претседателот на Владата на Израел, Бенјамин Нетанјаху, како и со шефот на израелската дипломатија Авигдор Либерман. Инаку, посетата на Иванов на Израел со интерес е проследена од страна на израелските електронски и печатени медиуми, кои објавуваат детали од активностите на македонскиот претседател во рамките на неговиот престој во еврејската држава. Водечкиот весник на англиски јазик „Џерусалим пост“ издвојува значаен простор посветен на македонскиот претседател, во кој се објаснуваат односите меѓу двете држави и Република Македонија е прикажана како голем пријател на Израел. Претседателот Иванов работната посета на Израел ја завршува вечерва, со учество на панел-дискусијата на тема „Лидерски разговори: Претворање на кризите во можности“, во рамките на Меѓународната конференција „Facing tomorrow 2009“, организирана од страна на израелскиот претседател Шимон Перес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Предлозите на СДСМ за аерозагадувањето не се мерки, со нив проблемот не може ни да се ублажи
Со голема сериозност ги разгледавме предлозите на СДС за аерозагадувањето прашувајќи се зошто, ако воопшто знаеле, како треба до пред 6 месеци со прст не мрднаа за да го решат ова горливо прашање. Но, сфатиме за што се работи, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„И така читаме да видиме дали има нешто зрело и дали се промениле во СДС, иако има поговорка кај нас дека волкот ја менува кожата но наравот никогаш, кога има што да видиме. Не само што не се промениле, туку тие продолжуваат да тонат. Да, почитувани граѓани. И тоа можело. Мерките на СДС за борба против аерозагадувањето биле да не ода на работа луѓето. И да има контрола на возилата. Ете. Толку бил едноставен проблемот.
Но, да бидеме сериозни, трагедија се обидите на СДС загадувањето да го третира како тема. Освен што играат на картата дека народот заборавил дека до пред 6 месеци беа на власт и немаа ниту една, повторуваме ниту една мерка за животната средина, тие очигледно го потценуваат и капацитетот на народот кој јасно гледа дека ова што го предлага СДС не само што не се мерки туку се избрзани прес конференции да исполнат квота за која центарот за комуникации на СДС си добива добра плата. Не само што ова не се мерки, туку се далеку од тоа што е потребно за да се реши проблемот а дури и да се ублажи. Ние планиравме секако одредени категории на вработени да препорачаме и наложиме да бидат ослободени од работни обврски, но за решавање на загадувањето потребни се сериозни чекори и длабоки промени и инвестиции. Нешто кое ние го припремаме и за кое одвојуваме буџет и нешто за чија реализација е потребно време. Да мислеа повеќе на животната средина, наместо да крадат од кај ќе стигнат, СДС ќе направеа нешто по што ќе може да ги паметиме надвор од скандалите за набавки, криминални тендери, уништување на институциите и енергетскиот систем преку пљачка на РЕК Битола и ЕСМ, измеќарството кон ДУИ и националните предавства, трагедијата од пожарот во криминалната модуларна болница на Филипче, несреќите на Дурмо турс на пајташот на ДУИ, како и многу други наместени тендери и криминални злоупотреби.
Затоа, обмислете ги убаво соопштенијата, а за тоа не е потребно само плата туку и капацитет и интегритет. Очигледно кај вас недостасуваат“, се наведува во реакцијата.
Македонија
Средба на министерот Муртезани со амбасадорот на Словачка, Маркуш
Министерот за европски прашањa, Орхан Муртезани, оствари средба со Амбасадорот на Словачка, Хенрих Маркуш. Средбата се одржа во духот на заемната соработка и пријателските односи меѓу двете земји.
Главна тема на дискусијата беше процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската унија, при што беа разменети мислења за актуелните предизвици и перспективите на земјата во овој контекст. Министерот Муртезани ја истакна посветеноста на Владата на Северна Македонија во спроведувањето на реформите кои се од клучно значење за забрзување на интегративниот процес.
Од страна на Амбасадорот Маркуш беше потенцирана поддршката на Словачка за евроинтегративните аспирации на Северна Македонија, како и интересот за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји. Амбасадорот, исто така, истакна дека Словачка има голем потенцијал за развојна соработка и поддршка на земјите во развој и изрази уверување дека постои добар потенцијал за проширување на нашата билатерална соработка во оваа насока.
Бидејќи Северна Македонија е меѓу партнерските региони на SlovakAid, заедно со останатите земји од Западен Балкан, ова дава простор за подлабока и проширена соработка на регионално ниво.
На средбата, исто така, беа разгледани можностите за засилена соработка во повеќе области од заеднички интерес, со цел понатамошно унапредување на врските меѓу Северна Македонија и Словачка.
Македонија
Тошковски: Граѓаните ќе се опоменуваат, нема да се казнуваат за возачките дозволи и за личните карти со старото уставно име
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека полицијата ќе се фокусира на опоменување, а не казнување на граѓаните што сè уште користат лични документи со старото уставно име. Како што рече, голем дел од документите, како возачките дозволи и пасошите, се веќе заменети со новото уставно име.
Тошковски нагласи дека граѓаните не треба да трпат штета поради погрешните политики на претходната власт.
„Огромен број од возачките дозволи се веќе заменети. Еднаш упатив јавен апел до сите полициски службеници дека не треба македонските граѓани да бидат казнувани поради тоа што во минатото имало политичари што не си ја сакале државата. Упатувам апел да ги применат законските одредби за опомена и укажување на сите оние што во овој адаптабилен период сè уште користат возачка дозвола важечка според рокот, но не е усогласена со законот“, изјави Тошковски и додаде:
„Полициските службеници треба да постапуваат внимателно применувајќи ги одредбите за опомена за да не се казнуваат граѓаните поради минатите пропусти“.