Македонија
Презентиран проектот Е-потсетник
Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, цо четврток го претстави проектот Е-потсетник, како систем во облик на веб базирано решение, кој им овозможува на граѓаните добивање информации за услуги од различни институции.
Со проектот Е-потсетник на веб апликацијата www.e-potsetnik.mk, се воведува систем кој преку СМС пораки и електронска пошта, ќе испраќа известувања, односно потсетници до граѓаните и фирмите во случаи: на наближување на рокот на важноста на одредени документи, кога бараниот документ е подготвен, при воведување на нови услуги и други слични случаи.
„Станува збор за автоматизирано праќање на потсетници до граѓаните и фирмите за документи/услуги, согласно критериумите и условите утврдени од страна на институциите, односно во точно определено време или врз основа на предодреден настан. Фактот дека СМС пораките се честа алатка за комуникација и не побаруваат учење на дополнителни вештини, ја прави оваа алатка ефективна за подобрување на комуникацијата и пристапот до владините услуги“, рече министерот Ивановски.
Содржината и фреквенцијата на известувањата, односно потсетниците, ќе бидат утврдени од соодветната институција одговорна за услугата за која се потсетува граѓанинот или фирмата, но по претходно поднесено барање од страна на граѓанинот/фирмата и негова согласност за добивање на потсетниците и покривање на трошоците за нивно добивање.
Системот овозможува: веб регистрација на системот, веб регистрација на услугите, смс регистрација на услугите, веб од-регистрација на системот и смс од-регистрација на услугите.
Решението е развиено на тој начин што ниту за регистрацијата ниту за услугите не е потребно да се внесуваат, чуваат или обработуваат личните податоци на корисниците.
„Во системот Е-потсетник засега се опфатени пет институции од кои граѓаните ќе можат да добиваат информации. Тоа се Министерството за економија, Јавното претпријатие за државни патишта, Управата за водење на матични книги, Агенцијата за вработување и Агенцијата за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој. Партнери за успешно спроведување на овој систем се Агенцијата за електронски комуникации – при одредување на кој мобилен оператор пропаѓа еден телефонски број, како и сите три оператори. Системот е достапен за сите граѓани на Република Македонија кои поседуваат мобилен телефонски број од националните оператори“, додаде Ивановски.
При регистрација на една услуга по смс, потребно е да се внесе кодот на услугата, кој го има на порталот, а ќе биде поставен и на шалтерите на петте институции, и одредени карактеристични податоци за секоја услуга со цел единствено идентификување на корисникот и предметот.
На корисниците на услугите ќе им се наплати по 5 денари за секој смс потсетник кој ќе го добијат. На самото веб решение постои Каталог на услуги за секоја од институциите, преку кој граѓаните можат да се информираат за видот на услугите кои можат да ги добијат од нив.
Кај оние институции кај кои има електронски бази, одговорот се добива скоро веднаш, користејќи веб сервиси и комуникација систем-до-систем, без учество на вработените од институцијата. Кај оние институции кај кои нема електронски бази, одговорот се добива најдоцна 7 дена по поднесеното барање, а по одобрување од вработените на институцијата. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

