Uncategorized
Четворица косовски Албанци во терористичката група во САД

Петмина наводни исламски радикали, меѓу кои и тројца браќа, косовски Албанци, се обвинети во вторникот за подготвување завера за напад на американските војници во базата Форт Дикс во Њу Џерси.
Петмина наводни исламски радикали, меѓу кои и тројца браќа, косовски Албанци, се обвинети во вторникот за подготвување завера за напад на американските војници во базата Форт Дикс во Њу Џерси.
Шестиот уапсен се товари за помагање и поддржување при илегално поседување оружје кај обвинетите.
„Филозофијата која ширум светот го поддржува и охрабрува ‘џихадот’ против Американците, дојде да живее во Њу Џерси и ги загрози животите на нашите граѓани преку обвинетите“, рече сојузниот обвинител надлежен за Њу Џерси, Кристофер Кристи.
Групата е уапсена во понеделникот навечер во Чери Хил во Њу Џерси, а во вторникот се изведени пред сојузниот суд во Камден, каде се запознаени со обвиненијата за кои се товарат.
Одреден им е притвор без можност за кауција до сослушувањето во петок, рекоа од обвинителството.
Канцеларијата на сојузниот обвинител објави дека обвинети се тројца браќа со презиме Дука, косовски Албанци со илегален престој во САД – Дритан (28), Шаин (26) и Елвир (23) – кои работеле во градежна компанија.
Освен нив, за учество во заговорот за напад на Форт Дикс се обвинети Мохамед Ибрахим Шневер (22), државјанин на САД роден во Јордан, вработен како таксист во Филаделфија и Сердар Татар (23) роден во Турција, со легален доселенички статус во САД, кој доставувал пици во базата Форт Дикс.
Шестиот обвинет, Агрон Абдулаху (24), исто така Албанец од Косово, имал легален доселенички статус и работа.
Групата планирала да испрати шест или седум луѓе во Форт Дикс да „нападнат и убијат најмалку стотина војници со употреба на минофрлачи, тромблони и автоматско оружје", рече обвинителот Кристи.
„Во овој момент нема докази дека групата добила упатства од меѓународните терористички организации", оцени портпаролот на Белата куќа Тони Сноу, сугерирајќи дека околностите на случајот бараат остар одговор на американското правосудство.
Судот во Камден објави 27 страници со изјави под заклетва, транскрипти од разговорите и изјавите на обвинетите, што ги снимиле двајца агенти на ФБИ уфрлени во групата на почетокот на 2006.
Најмладиот од браќата Дука, Елвир снимен е како зборува: "На крајот, кога станува збор за одбрана на твојата вера, кога некој ја напаѓа твојата вера, твојот начин на живот, тогаш одиш во џихад". Неговиот брат Шаин, цитиран е со зборовите „можеме да им нанесеме голема штета со седум луѓе. Можеме да направиме големи работи“.
Петмината уапсени живееле во Чери Хил, околу 16 км источно од Филаделфија и триесетина километри југозападно од Форт Дикс, база на копнената војска во која од 1999 година се сместени бегалци од Косово.
Шестмината систематски ја надгледувале воената база, а уапсени се при обид да купат автоматски пушки АК-47 за да го изведат својот план. Обвинетите вежбале гаѓање со пушки за „пеинтбол“ и со вистинско оружје, а гледале и снимки на Осама бин Ладен во кои тој повикува на мачеништво./крај/хн/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Османи ја критикува владата за сервилноста кон српско-рускиот свет и одалечувањето од ЕУ

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска порача дека Македонија веќе ги добила сите неопходни гаранции од Европската унија и дека сега е време за конкретни чекори напред, а не за политички игри.
„Македонија ги доби гаранциите во моментот кога ја дефинираше преговарачката рамка. Таму сите прашања се регулирани. Сега не треба да се злоупотребува темата за ЕУ“, изјави Османи, нагласувајќи дека европската перспектива на земјата е клучна за нејзината иднина.
Тој предупреди дека историските предизвици и притисоците од „српскиот свет“ продолжуваат да го саботираат напредокот кон ЕУ.
„Сега има две опции – или си со ЕУ или си со српскиот свет, сива зона нема. Тие се меѓусебно поврзани. Секој што прави чекор кон ЕУ, се оттргнува од српскиот свет. И, дали сте забележале? Секој што прави чекор кон ЕУ станува цел на напади“, рече Османи.
Тој се осврна и на историските примери кои го покажуваат длабокото вкоренување на оваа дилема.
„Знаете кога се случи атентатот врз Глигоров? Еден ден откако се врати од Белград и соопшти дека ќе се оттргнеме од Југославија. Знаете ли зошто секој обид за договор со Бугарија и со Грција, или за приближување на земјата кон ЕУ, наидува на демонизација и пропаганда? Затоа што секој чекор кон ЕУ е чекор на оттргнување од српскиот свет. Секој чекор назад е чекор кон српскиот свет“, истакна Османи.
На крајот, Османи ја критикуваше актуелната влада, обвинувајќи ја за блокада на европската перспектива и за сервилност кон српско-рускиот свет.
„Оваа влада ја блокира европската перспектива, затоа сме претворени во бебе на српско-рускиот свет, кој ги има заробено сите инструменти“, заклучи тој.
Uncategorized
(Фото) Ана Ивановиќ јавно ѝ се обрати на својата мајка: Среќен роденден на најпрекрасната и најинспиративна жена на светот

Мајката на Ана Ивановиќ вчера го прослави роденденот, а српската тенисерка јавно ѝ се обрати на социјалните мрежи со заедничка фотографија, на која блескаа во бело издание.
„Среќен роденден на најпрекрасната и најинспиративна жена на светот. Многу те сакам!, напиша Ана.
Ана отсекогаш велела дека мајка ѝ била нејзина најголема поддршка во сите времиња и дека тие две се исклучително блиски.
Иако Драгана не сака да се експонира, често можеме да ја видиме на профилот на ќерка си кога тенисерката пишува пофалби за неа и покажува колку многу ѝ значи таа врска.
Uncategorized
Во обилните дождови во Пакистан загинаа над 300 луѓе

Пакистански спасувачи на северот од земјата денеска вадат затрупани тела од урнатини, кал и буици, каде што невообичаено интензивен монсунски дожд за само 48 часа предизвика смрт на над 320 лица.
Во текот на изминатите два дена, смртоносни поројни дождови погодија неколку области на планинската северна покраина Хајбер-Пахтунхва, каде што се регистрирани 307 смртни случаи, половина од сите смртни случаи оваа сезона на монсуни, покажуваат податоците на Управата за управување со катастрофи.
Повеќето од жртвите беа однесени од поројните поплави и починаа кога нивните куќи се урнаа, од електричен удар или удари од гром.
Во оваа покраина што граничи со Авганистан и каде што сè уште има обилен дожд, повеќе од 2.000 спасувачи работат на пронаоѓање преживеани или извлекување на тела закопани под урнатините, изјави денеска Билал Ахмад Фаизи, портпарол на службата за спасување на покраината, пренесен од француските медиуми.
-Обилните дождови, лизгањето на земјиштето и блокираните патишта го отежнуваат пристапот на амбулантните возила, а спасувачите се движат пешки, додаде тој.