Црна хроника
Полициски единици распоредени во Гошинце
Теренот околу караулата Гошинце на северната граница кон Косово, која ноќта кон вторникот беше цел на напад на поголема група вооружени униформирани лица, е обезбедуван од полициски единици и се создаваат услови за непречено и безбедно одвивање на увидот, потврди во вторникот попладне помошник министерот за односи со јавност во Министерството за внатрешни работи, Иво Котевски, откако медиумите регистрираа позначително присуство на полицијата во Липковскиот регион.
Котевски, во изјавата за медиумите, потврди дека се направени и контакти со косовските власти, како и дека во среда се очекува да се одржат состаноци на највисоко ниво. Комуникација и средби се планирани и со претставниците на српските безбедносни структури.
Како што претходно во вторникот соопшти Министерството за внатрешни работи, поголема вооружена група од 40-ина лица изминатата ноќ во 2.30 часот ја нападнала караулата Гошинце во близина на границата на Македонија со Косово при што биле заробени четворица полициски службеници кои биле дежурни во караулата. Напаѓачите носеле униформи со амблеми на УЧК и зборувале на албански јазик.
„Ние сме од УЧК. Пренесете дека ни Ахмети ни Груевски може да ве спаси. Не сакаме охридски договори, никој не смее да дојде. Сите ќе ве ликвидираме. Сакаме наша држава“, рекло едно од униформираните лица, информираше Котевски на денешната прес-конференција во МВР.
Според првичните информации на полицијата, лицата се од Косово и според засега непотврдени сознанија неколкумина од нив веќе се идентификувани, но се преземаат мерки за обезбедување дополнителни докази. Министерството за внатрешни работи случајот го карактеризираше како терористички напад./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Црна хроника
При контрола на СВР Тетово, одземени ножеви и боксирач од деца
Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени ножеви и боксирач од малолетници при вчерашната акциска контрола на СВР Тетово спроведена во периодот од 14:00 до 16:00 часот во угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
-При контрола во угостителски објект на улица „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник биле пронајдени и одземени неколку ножеви и метален „боксирач“. Истовремено, при контрола во објект во склоп на Спортскиот центар, кај двајца малолетници биле пронајдени и одземени ножеви, се наведува во соопштението на МВР.
Од МВР посочуваат дека сите малолетници се приведени во полициска станица во присуство на родители, а по целосно документирање на случајот биле предадени на нивните родители.
Црна хроника
Возач на комбе не забележал човек зад возилото, го удрил и тешко го повредил
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 30 јануари 2026 година, околу 16:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во кругот на објект во изградба на подрачјето на Ѓорче Петров се случила несреќа со тешки последици.
Според пријавата, М.Д., управувајќи товарно возило – комбе, при движење наназад не го забележал Д.З. (51) од Скопје, кој се наоѓал покрај ограда зад возилото, при што го удрил. Повредениот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

