Црна хроника
Обвинение против возачот на џипот за загинувањето на фудбалската легенда Петар Милошевски
Основното јавно обвинителство од Куманово по една година од сообраќајката поднесе обвинение за сообраќајната несреќа во којашто загина спортскиот директор на Фудбалската репрезентација на Македонија, Петар Милошевски.
„По завршување на истражната постапка, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово поднесе Обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот (член 300, став 4 во врска со член 297, став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик), за сторена сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице, а три лица беа повредени“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.Обвинет за несреќата е возачот на џипот кој, според обвинението, удрил во автомобилот во кој се наоѓал Милошевски. Несреќата во којашто загина поранешниот репрезентативен голман, Милошевски се случи на 13 март околу 23:10 часот на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка.Автомобилот во којшто беше Милошевски го управувал претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски со кого заедно се враќале од хуманитарен фудбалски натпревар во Куманово. Обвинетиот за сообраќајката, шеесет и двегодишниот Живко Бојковски неколку дена по несреќата за медиумите изјави дека возел бавно, со педесетина километри на час и дека автомобилот во кој биле претставниците на Фудбалската федерација на Македонија со огромна брзина дошол на неговата коловозна лента и не можел да го избегне судирот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Кривична против полициски службеник од СВР Тетово: Ја заменил урината за да спаси син на колега кој бил уапсен за дрога
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе кривична пријава против Ф.Н., полициски службеник во Одделението за криминалистичка полиција при СВР Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,попречување на правдата“, предвидено и казниво по член 368-а став 8 од Кривичниот законик.
Пријавениот, како дежурен криминалистички техничар за криминалистичка регистрација на 04.10.2025, преземајќи службени дејствија во настан во кој две лица биле лишени од слобода поради постоење основи на сомневање за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 од КЗ, му овозможил на полицискиот службеник О.С., кој на наведениот датум не бил работно ангажиран, а е родител на едно од лицата лишени од слобода И.С., да има целосен увид во службената документација, да располага со неа, да ја пренесува од една во друга просторија, да ги придружува лицата лишени од слобода во постапката за прибирање на биолошки траги и да земе примероци од урина од истите. По извршено вештачење на примероците од урината е потврдено дека примерокот од урина од И.С. всушност било урина дадена од неговиот татко, полицискиот службеник О.С..
Со наведените дејствија пријавениот Ф.Н. имал намера да ги уништи доказите и да го спречи и отежне докажувањето во постапката. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Ф.Н. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место – суспензија.
Црна хроника
Радовишанка обвинета за лажно пријавување бомба во основно училиште
Четириесетгодишна радовишанка В.Ј. лажно пријавила дека има бомба во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ – Радовиш.
„Осомничената 40-годишна радовишанка, на 29 октомври од Скопје пријавила дека е поставена бомба во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ – Радовиш. Од нејзината електронска пошта, преку мобилниот телефон, испратила порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на училиштето, иако знаела дека не е поставена експлозивна направа во училиштето“, соопшти Јавното обвинителство.
Од МВР соопштија дека се преземени соодветни мерки и активности во насока на утврдување на потеклото на IP адресите и утврден е сторителот на кривичното дело. Исто така, извршена е и антитерористичка проверка во училиштето, при што е утврдено дека не се пронајдени експлозивни средства и направи.
Со поднесеното обвинение, јавниот обвинител до Судот достави и предлог за определување повеќе мерки на претпазливост – забрана за напуштање на престојувалиштето, привремено одземање на патна исправа и забрана за преземање на определени активности кои се поврзани со кривичното дело, односно – забрана за испраќање на пораки со заканувачка содржина.
Црна хроника
Уапсен возач во Ресен, управувал возило со 2,79 промили алкохол во крвта
Вчера на ул. „Корчуланска” во Ресен, полициски службеници го лишија од слобода Б.Л.(45) од с. Царев Двор, ресенско.
При контрола во сообраќајот, од страна на полициските службеници било констатирано дека Б.Л. управувал возило „пежо“ под дејство на алкохол, односно измерени му биле 2,79 промили алкохол во крвта.
По документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од КЗ „безобѕирно управување со моторно возило”.

