Европа
Репортажа на Макфакс: Избегнаа војна во Африка, во Париз живеат во мизерија

Во Париз неколку места се нарекуваат по една од најпознатите битки на Наполеон Први, Аустерлиц, железничка станица, мост, метро станица, кеј покрај реката Сена. Во последните неколку месеци името Аустерлиц добива и ново значење, камп за бегалци.
На дел од кејот Аустерлиц стотици мигранти во главно од Судан, Еритреја имаат поставено камп шатори од двете страни на зградата која се вика Институт за мода и дизајн каде има неколку ноќни барови, доста атрактивни места за излегување. Кејот, исто така, води директно до една од најпознатите катедрали во светот, Богородичната црква.На неколку метра од шаторите се наоѓаат сплавови, кафулиња, модерни згради со канцеларии. Во овој дел на градот илјадници парижани, туристи секојдневно излегуваат, шетаат, поминуваат покрај бегалците кои живеат во страв, исчекување, неизвесност. Овде на едно исто место може да се види богатиот и пристојниот живот и бедата, мизеријата. Младите излегуваат и се забавуваат до раните утрински часови во кафулињата со прекрасен поглед на Сена, каде еден коктел чини 12 евра. Бегалците понекогаш јадат само еднаш во денот. Преживуваат благодарејќи на хуманоста на луѓето и невладините организации кои се мобилизираа за да им помогнат. Им доставуваат храна, облека, вода, секојдневно им даваат часови по француски јазик, им ги објаснуваат законските процедури за престој во Франција.Во кампот, хигиенски и санитарни услови, речиси, и нема. Пред шаторите се забележуваат распослани кебиња, обувки, облека, храна, се чувствува мирис на урина. Бегалците среќни што се спасиле од војна, исламистички режим, закани, но сите сонуваат за подобар и нормален живот во Европа. Таков е случајот со дваесет идеветгодишниот Омар Сулејман. Дошол во Париз пред три месеци, а освен мајчиниот не зборува друг јазик. За своето патешествие ми раскажува на лош француски јазик: „Фамилијата ми остана во Судан, родителите и моите двајца браќа, имавме пари само за јас да тргнам кон Европа. Патував на многу мал брод, беше страшно, но здрав и жив сум. Сега го учам францускиот, да најдам работа, па ќе ја донесам целата фамилија овде“, полн со надеж е Сулејман.Во кампот ретко кој го зборува францускиот јазик. Но, многумина особено помладите, се редовни на часовите што се одржуваат на лице место под отворено небо. Сите со иста надеж и желба како Сулејман. Сакаат да го научат јазикот и да останат да живеат во Франција. Професорите за нивната ситуација зборуваат со голема загриженост. Објаснуваат дека поголемиот дел од нив и немаат документи за лична идентификација. Не ги познаваат законските процедури за азил, не знаат во кои институции треба да се обратат.„Во кампот има околу 200, 300 луѓе и е нелегално поставен. Во секој момент полицијата може да интервенира, како што се случи со кампот на булеварот Шапел, каде што околу 300 бегалци беа избркани, кампот отстранет. Во исто време прифатните центри во Франција се преполни. Бегалците се додека не добијат постојана адреса на живеење не можат да поднесат барање за азил. Без регулиран статус не можат ништо и никаде да работат. Не знам кое е решението“, вели Ан Мари Дефу од Мрежата за едукација без граници.Неколку невладини организации, граѓански здруженија, политички активисти формираа колектив за поддршка на мигрантите од кејот на Аустерлиц и бараат нивно трајно сместување, како и соодветна помош за секој поединечен случај./крај/мф/нм
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Дали знаете зошто папите не ги користат своите вистински имиња за време на службите

Американскиот кардинал Роберт Франсис Превост е избран за 69-ти поглавар на Католичката црква. Тој го избрал Лав XIV како свое папско име.
Но, дали всушност знаете зошто папите ги менуваат своите имиња кога се избрани? Станува збор за – традиција што трае веќе 470 години.
Иако не е задолжително да ги менуваат своите имиња, новоизбраните папи во повеќето случаи го земаат името на својот предок, изразувајќи ја со тоа својата желба да го следат нивниот пример. Овој преседан го постави првиот папа. Свети Петар чие родено име беше Симон. Новото име може да означува и „ново раѓање“ на почетокот на папството.
Со изборот на името Лав, новиот папа им се придружи на 13-те претходници кои го носеа истото име. Меѓу нив е и Лав XIII, познат по својот реформистички дух и неговата енциклика Rerum novarum од 1891 година, во која се нагласуваше човечкото достоинство и достоинството на работата. Свештеникот Кристофер Робинсон од Универзитетот ДеПол истакна дека ова е основата на современото социјално учење на Црквата. „Со изборот на името Лав XIV, тој ја покажува својата посветеност на општественото учење на Црквата кое го зацврстил Лав XIII“, рече свештеникот и експерт за Ватикан Томас Рис.
Папската историја изобилува со примери за такви симболични избори. На пример, папата Франциско, роден како Хорхе Марио Берголјо, го избрал своето име по Свети Франциск Асишки, „човек на сиромаштија, мир и љубов кон творението“, велејќи дека сонува за Црква „која е сиромашна и за сиромашните“.
Последниот папа со името Лав бил Лав XIII, чие вистинско име било Џоакино Винченцо Рафаеле Луиџи Печи.
Европа
Илјадници протестираа во Словачка. „Фицо го помина Денот на победата со воен злосторник“

Неколку илјади демонстранти вчера излегоа на улиците на словачкиот главен град Братислава и други градови за да протестираат против посетата на премиерот Роберт Фицо на Москва.
Фицо присуствуваше на годишната руска воена парада по повод победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија. Додека поголемиот дел од Европа ја одбележа годишнината завчера, Русија секогаш ја одржува својата парада на победата на 9 мај. Фицо беше единствениот лидер на земја-членка на Европската Унија што присуствуваше на настанот и беше критикуван за неговиот проруски став.
Најголемиот протест се одржа во Братислава. „9 мај е Ден на Европа, но не за секого. Роберт Фицо ќе го помине со воен злосторник“, објави организаторот на протестот на Фејсбук, алудирајќи на рускиот претседател Владимир Путин.
Шефицата на ЕУ, Каја Калас, исто така, остро го критикуваше патувањето на Фицо во Москва. „Секој што ја поддржува слободата, независноста и европските вредности треба да биде денес во Украина, а не во Москва. Фицо е на погрешната страна“, рече таа.
Словачкиот премиер го бранеше своето патување во пораки на Фејсбук до своите поддржувачи. Тој рече дека неговото патување е за да им оддаде почит на оние што загинаа за ослободувањето на Словачка од нацистичката власт.
Европа
(Видео) Макрон, Мерц, Стармер и Туск заедно во Украина: „Ќе го зголемиме притисокот врз Русија“

Лидерите на Франција, Велика Британија, Германија и Полска денес се во Украина, во првата таква заедничка посета, за да разговараат со претседателот Володимир Зеленски и да ветат дека ќе го зголемат притисокот врз Русија додека не се постигне договор за прекин на огнот.
Патувањето на францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, полскиот премиер Доналд Туск и британскиот премиер Кир Стармер е првпат лидерите на четири европски нации заедно да ја посетат Украина.
‼️Unprecedented: German Chancellor Friedrich Merz, UK Prime Minister Keir Starmer, French President Emmanuel Macron, and Polish Prime Minister Donald Tusk have arrived in Kyiv.
The European leaders plan to meet with Volodymyr Zelensky and call on Moscow for an unconditional… pic.twitter.com/Dy56s2bekx
— NEXTA (@nexta_tv) May 10, 2025
Тројцата западноевропски лидери утрово заедно излегоа од возот од Полска, а подоцна треба да им се придружат на полскиот премиер, кој пристигна одделно во Киев, и на украинскиот претседател.
Овој високо симболичен израз на европското единство дојде повеќе од три години по руската инвазија и еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин упати пркосен тон на парадата во Москва по повод 80-годишнината од победата во Втората светска војна.
Американскиот претседател Доналд Трамп предложи 30-дневен безусловно примирје како чекор кон завршување на конфликтот. Но, Путин се спротивставува на предлогот. „Заедно со САД, ја повикуваме Русија да се согласи на целосно и безусловно 30-дневно примирје за да се создаде простор за разговори за праведен и траен мир“, изјавија лидерите во соопштението пред посетата.
„Подготвени сме што е можно поскоро да ги поддржиме мировните преговори, да разговараме за техничката имплементација на прекинот на огнот и да се подготвиме за сеопфатен мировен договор“, додадоа тие.
„Јасно ни е дека крвопролевањето мора да престане, дека Русија мора да ја запре својата нелегална инвазија и дека Украина мора да може да напредува како безбедна, сигурна и суверена нација во рамките на своите меѓународно признати граници со генерациите што доаѓаат“, рекоа тие.
Тие предупредија дека ќе продолжат да ја зголемуваат својата поддршка за Украина. „Додека Русија не се согласи на трајно примирје, ние ќе го зголемиме притисокот врз руската воена машинерија“, рекоа тие.
Во денешно интервју за Еј-би-си Њуз, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека испораките на оружје од сојузниците на Украина мора да престанат пред Русија да се согласи на прекин на огнот.
Во спротивно, примирјето би било предност за Украина во време кога руските трупи напредуваат на прилично самоуверен начин на фронтот, рече Песков, додавајќи дека Украина не е подготвена за непосредни преговори.