Европа
Се бара вонреден состанок на ЕУ за бегалската криза, во Грција убиен 17-годишен мигрант
Министрите за внатрешни работи на Германија, Франција и Велика Британија повикаа во неделата на специјален вонреден состанок на 28-те министри од земјите членки на Европската унија за актуелната криза со бегалците, во моментот кога европските престолнини беа вознемирени од новата вест според којашто во обидот да дојде до Грција случајно бил убиен 17-годишен мигрант.
Земјите од Европската унија се соочуваат со приливот на мигранти без преседан од Втората светска војна, а најголемиот дел од нив пристигнуваат од земјите кои се зафатени од долгогодишните војни, како во Сирија, Ирак и Авганистан, како 17-годишниот мигрант кој го загубил животот кај грчкиот остров Сими во неделата.
Грција е под притисок, откако оваа земја со големи економски проблеми, стана главната порта за луѓето кои се обидуваат да стигнат до ЕУ. Седумнаесетгодишниот мигрант загинал откако бил фатен во вкрстен оган при престрелка на грчката погранична патрола на надворешната ЕУ граница и шверцери со луѓе, соопштија грчки функционери.
„Жалам за загубениот живот на младиот човек“, соопшти во писмената изјава заменикот министер за надзор на крајбрежната стража, Христос Зоис.
Инцидентот се случил во близина на грчкиот остров Сими, кога припадници на граничната агенција за штитење на надворешните ЕУ граници Frontex пресретнале вооружени лица како превезуваат група од 60 мигранти со глисери, јави грчката државна телевизија.
Според неофицијалните извори од грчката крајбрежна стража, криумчар отворил оган врз патролниот чамец, од каде било возвратено на истрелите. Бродот со мигрантите е сопрен, а уапсени се тројца шверцери на луѓе. Притоа било откриено телото на мртвиот тинејџер во потпалубјето, починат од прострелна рана.
Секојдневно грчките траекти пренесуваат илјадници мигранти од островите на копното, кои подоцна по копно преку ткн Балканска рута, односно преку Македонија и Србија, се обидуваат повторно да стигнат до територијата на ЕУ, во Унгарија. Локалните медиуми пренесуваат дека само во саботата биле откриени 4.000 мигранти на стотина чамци и бродови во близина на островот Лезбос.
„Сите се согласуваме дека повеќе не можеме да губиме време. Ситуацијата налага итана акција и солидарност во рамките на Европа“, изјави во неделата во Париз германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер.
Тој го повика Луксембург, актуелниот претседавач со ЕУ да закаже состанок во текот на следните две седмици, во заедничката изјава со францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев и нивната британска колешка Тереза Меј, по нивните заеднички разговори од саботата вечерта.
Инаку, следниот редовен состанок на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ е закажан за 8-ми октомври, потсетува агенцијата DPA.
Тројцата министри, исто така, повикуваат на итно отворање на места на коишто мигрантите може да се регистрираат и на кои може да им бидат земени отпечатоци од прстите и каде што може да бидат идентификувани оние коишто навистина се бегалци. Во врска со тоа министрите бараат и итен одговор на ЕУ за листата ткн сигурни земји во кои мигрантите може да бидат вратени, што досега главно се однесува на земјите од западниот Балкан.
Во меѓувреме, како што пренесува австриската национална телевизија ORF, тамошната полиција продолжува со увид на местото каде што во четвртокот беа откриени 71 тела во распаѓање во камион во близина на унгарската граница. Во неделата беше потврдено дека е пронајден еден сириски пасош, а се испитуваат со преведувачи сите бегалци кои би можеле да знаат нешто во врска со групата која настрада во обидот да дојде до ЕУ.
Унгарските во неделата објавија дека уапсиле уште едно лице осомничено во врска со оваа трагедија. Станува збор за уште еден државјанин на Бугарија, кој е осомничен за припадност на бугарско-унгарска криминална група којашто ги криумчарела мигрантите. На другите четворица кои беа изведени во саботата пред судот во Кешкемет.
Францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус во неделата ја критикуваше Унгарија која во саботата вечерта објави дека ја довршила 175 долгата ограда на границата кон Србија чија цел е да ги задржи мигрантите, истакнувајќи дека овој потег не е во согласност со европските вредности.
Во меѓувреме Италија и натаму е под притисок на илјадниците мигранти кои во дотраени пловила пристигнуваат на нејзиното јужно крајбрежје отиснувајќи се на опасниот пат преку Средоземјето до Либија. Годинава повеќе од 110.00 луѓе минале преку таа рута, соопшти италијанската крајбрежна стража.
Италијанскиот премиер повика во неделата на преправање на ткн Даблински договор, според кој барателите на азил мора да го пријават своето барање во првата земја членка на Европската унија во којашто ќе пристигнат.
„Заврши времето од минута молчење за ова. Мора да се одлучиме на промена на Даблинскиот договор и европските миграциски политики и европските права на азил“, порача италијанскиот премиер Матео Ренци, пренесува AFP.
Италија веќе подолго време апелира за правична распределба на бегалците, но од другите европски партнери беше обвинета дека не го извршува доследно регистрирањето и земањето отпечатоци на пристигнатите мигранти, олеснувајќи им да го продолжат своето патување и да бараат азил во другите земји од ЕУ.
Претходно годинава, земјите членки на ЕУ се согласија да ги распределат барателите на азил во рамките на блокот, како и за прифаќањето на бегалците. Но не успеаја да постигнат конечен договор./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер: Злосторствата се толерираат на социјалните медиуми; Маск: Тиранин и предавник
Илон Маск го нарече шпанскиот премиер Педро Санчез тиранин и предавник откако објави планови за забрана на лицата под 16 години од социјалните медиуми и за сузбивање на говорот на омраза. Санчез рече дека се неопходни итни мерки за заштита на децата од она што го нарече „дигитален Див Запад“, што предизвика гнев кај сопственикот на платформата Икс, пишува The Guardian.
Dirty Sánchez is a tyrant and traitor to the people of Spain 💩 https://t.co/B3oyHrBYpR
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Откако Санчез ги презентираше плановите на својата влада во говорот на Светскиот самит на влади во Дубаи, Маск одговори на својата платформа Икс. „Валканиот Санчез е тиранин и предавник на шпанскиот народ“. Околу час и половина подоцна, тој дополнително ја заостри својата реторика. „Санчез е вистински фашистички тоталитарист“, рече тој.
Sánchez is the true fascist totalitarian https://t.co/b2U17fEwa7
— Elon Musk (@elonmusk) February 3, 2026
Санчез претходно го критикуваше Маск за користење на Икс за „зајакнување на дезинформациите“ за одлуката на администрацијата на Санчез да легализира 500.000 недокументирани работници и баратели на азил, истакнувајќи дека самиот Маск е мигрант.
Шпанскиот премиер вчера изјави дека се потребни итни мерки бидејќи социјалните медиуми станале „пропадната држава каде што законите се игнорираат, а злосторствата се толерираат“. Тој најави дека владата подготвува низа мерки, вклучително и забрана за социјалните медиуми за лица под 16 години.
„Нашите деца се изложени на простор во кој никогаш не требало да бидат. Тоа повеќе нема да го прифатиме“, рече Санчез. „Ќе ги заштитиме од дигиталниот Див Запад“, вети тој. Предложената забрана ќе се спроведе со измена на постојниот закон за дигитална заштита на малолетници, кој се дискутира во парламентот.
Претставниците на Google, TikTok, Snapchat и Meta сè уште не ги коментираа најавените мерки. Се чини дека Шпанија и Грција, кои се исто така блиску до објавување слична забрана за лица под 15 години, ќе им се придружат на земји како Велика Британија и Франција во заземањето построг став за социјалните медиуми.
Европа
Дрон се урна во воен комплекс во Полска
Полската воена полиција истражува пад на беспилотно летало од непознато потекло кое се урна во воен комплекс на североистокот на земјата, на само неколку метри од складиште за оружје. Инцидентот, кој властите го потврдија во понеделник, се случил на 28 јануари во Вториот радиоелектронски центар во Пжасниш, град на околу деведесет километри северно од Варшава, пренесува Анадолија.
Според Радио Зет, дежурен офицер во единицата го забележал дронот како лета над базата, по што леталото ја изгубило контролата и се урнало во близина на складиштето за оружје. Војниците го обезбедиле дронот и го преместиле во воена зграда за испитување. Портпаролот на Врховниот командант на воената полиција изјавил дека воената полиција била известена и набргу потоа официјално започнала истрага, која вклучува обезбедување на леталото и земање изјави од сведоци.
Инцидентот се случува во време на растечка загриженост низ Полска и другите членки на НАТО за неовластена активност на беспилотни летала во близина на клучни инфраструктурни и воени објекти. Загриженоста се зголеми особено по руската инвазија на Украина и брзото ширење на технологијата за беспилотни летала со ниска цена.
Во Германија и балтичките држави, безбедносните служби истражуваат повторени видувања на неидентификувани дронови во близина на воени полигони за обука, пристаништа и енергетски објекти, што ги зголемува стравувањата од шпионажа и проверка на подготвеноста.
Иако засега нема индикации дека инцидентот во Пжасниш бил непријателски чин, официјалните лица не исклучуваат ниту едно сценарио, вклучувајќи грешка на операторот, технички дефект или намерно извидување. Полското Министерство за одбрана сè уште јавно не коментирало за потеклото или видот на дронот, ниту дали бил опремен со уреди за снимање или друг товар.
Европа
Сојузник на Зеленски: Украинскиот народ е исцрпен, победа е запирање на војната
Висок политички сојузник на украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на мировен договор што ќе ги стави луѓето пред територијата.
Изјавата доаѓа пред големата конференција во Украина во четврток, на која ќе се соберат гувернери и градоначалници за да разговараат за условите за мир со Русија.
Виталиј Ким, гувернер на Николаевската област и едно од имињата во подем во украинската политика, предводеше огранок на партијата „Слуга на народот“ на претседателот Зеленски на изборите во 2019 година и беше назначен за регионален гувернер од Зеленски во ноември 2020 година, објавува „Индипендент“.
Ким зборуваше пред Форумот на градовите и заедниците на фронтот во 2026 година, каде што локалните лидери ќе се обидат да се договорат што очекуваат од мировниот договор, нагласувајќи ја подготвеноста да се префрли фокусот од граничните спорови на безбедносните гаранции. Запрашан за неговите приоритети во мировниот план поврзан со Доналд Трамп, гувернерот Ким рече: „Земјата е важна, но луѓето се поважни, а ситуацијата е таква што не знаеме што носи утрешниот ден“.
Ким призна дека перцепцијата за победата се променила под тежината на долготрајниот конфликт. „За мене лично, победата се нашите граници од 1991 година, среќни луѓе кои не умираат, но сите се многу уморни“, изјави тој.
„Затоа, за украинскиот народ, мислам дека победата е едноставно запирање на војната и добивање безбедносни гаранции за иднината, за нашите деца да можат да го имаат животот што го имавме пред инвазијата. Верувам дека за повеќето од нашите луѓе, победата е враќање во животот каков што беше порано. Ова е исклучително важно за нас бидејќи помина долго време.“

