Регион
Вучиќ: Разликата помеѓу Србија и Албанија е ставот за Косово

Српскиот премиер Александар Вучиќ, кој од средата е во дводневна посета на Тирана, по средбата со неговиот албански колега Еди Рама изјавил дека разликата помеѓу Србија и Албанија е ставот за Косово, пренесува Б92.
Претходно Рама изјави дека Србија и Албанија имаат различни ставови „за некои работи“, но дека заеднички го поддржуваат мирот во регионот.
„Не разговараме само за дипломатијата, разговаравме и за развојот на туризмот и како да ги мотивираме граѓаните на Србија да дојдат во Тирана и обратно. На добар пат сме, мораме да работиме на тоа. Факт е дека не сме согласни по прашањето за Косово. Србија го третира Косово како свој составен дел, додека Албанија го третира Косово како независна држава. Размислуваме различно, говориме различно, но проблемите не се решаваат преку војна, туку преку дијалог“, рекол Вучиќ, истакнувајќи дека е горд поради тоа што е првиот српски премиер кој дошол во официјална посета на Тирана.
„Дојдов тука во името на граѓаните на Србија“, порачал српскиот премиер, додавајќи дека Србија и Албанија имаат доста добри односи, подобри од кога и да е, со надеж дека во иднина ќе бидат уште подобри.
„Со Рама се состанав неколку пати ширум светот и секогаш сме разговарале отворено, дури и кога не сме се разбирале. Уверен сум дека нашите односи се значајни за западен Балкан“, навел српскиот премиер.
Домаќинот на посетата пак, албанскиот премиер Еди Рама порача дека двете земји се клучни за мирот во регионот, односно дека „фактот што двете земји имаат различни ставови околу некои работи не значи дека тие не се свесни оти играат значајна улога во зачувувањето на мирот“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Регион
Возачот на автобусот приведен по тешката несреќа кај Сремска Митровица: две жртви и 80 повредени

Возачот на автобусот кој денеска се преврте кај Сремска Митровица е приведен и му е одредено задржување до 48 часа, соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МУП), пренесе „Н1“.
Во несреќата загинаа две лица, а околу 80 се повредени. 35 повредени лица се згрижени во Општата болница во Сремска Митровица, една личност е пренесена во Клиничкиот центар на Војводина, а уште една е во операциона сала. За останатите се врши дијагностика.
Автобусот на компанијата „Сирмиум бус“, кој превезувал работници од фирмата „Хелткеар“, излета од патот и се преврте на кров од засега непознати причини. Несреќата се случи околу 14:45 часот.
Полицијата го затвори патот и не дозволува пристап до местото на несреќата, а на лице место излезен е и јавен обвинител за да ја утврди причината за трагедијата.