Црна хроника
Измамени млади лица – им ветила работа во Германија и им зела 200 евра
Две 20-годишни лица се измамена од женско лице за посредување за работа во Германија.
20-годишна девојка од Скопје пријавила дека таа и 20-годишник од Куманово биле измамени од едно женско лице за сума од 12.576 денари.
Според пријавеното, тие стапиле во контакт со лицето, кое им понудило да им посредува за добивање работни места во Германија, а за што побарала надомест. Како што е пријавено, во неколку наврати ги уплатиле парите на сметка во банка и откако ја информирале дека нема веќе да пуштаат пари додека не потпишат договор, лицето го прекинало контактот и не им ги вратило парите.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Три лица, меѓу кои и полицаец, осомничени за разбојништво и противправно лишување од слобода
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои како соизвршители се осомничени за кривични дела – Разбојништво од член 237 став 1 и Противправно лишување од слобода согласно член 140 став 5 од Кривичниот законик.
Двајцата се осомничени дека на 23 април противправно лишиле од слобода едно лице, така што го повикале да излезе со изговор дека им е потребна помош, а потоа присилно го внеле во автомобил и се упатиле кон мостот на улицата “Беласица”.
Со возилото управувало трето лице – полициски службеник против кого постапката е издвоена и ќе ја води Одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Додека полицискиот службеник возел, двајцата други осомничени му се заканувале на оштетениот и му нанеле убодни рани со нож во ногата и во рамото. Кога стигнале под мостот, насилно го извадиле од автомобилот и сите тројца физички го нападнале со удари со клоци и тупаници по целото тело, нанесувајќи му тешки повреди.
Му одзеле околу 8.000 денари колку што имал оштетениот со себе во моментот, а потоа го пуштиле да си оди со закана дека доколку до 1 мај не им исплати 10.000 евра ќе го убијат и него и неговиот татко.
Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени против кои постапува. Едниот од нив е во бегство и притворската мерка ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
Топ
Уапсени крадци на автомобили – ги расклопувале за делови
Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ш.Н.(68) од Липково, поради постоење основи на сомнение за сторени 4 кривични дела „одземање на моторно возило“, од кои три на подрачјето на скопски Центар и едно на подрачјето на општина Аеродром, како и против Ф.Љ.(22) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дело „помагање“.
Имено, првопријавениот кривичните дела ги извршил во последните два месеца, така што со употреба на физичка сила и погоден алат ги отворал бравите од возилата, ги одземал возилата и ги предавал на второпријавениот, каде што возилата биле расклопувани и продавани за делови.
Полициски службеници со судска наредба извршиле претрес на локација, сопственост на Ф.Љ., каде биле пронајдени поголема количина делови од возила кои потекнуваат од кривичните дела. Известен бил Јавен обвинител, а од страна на Судија на претходна постапка на Ш.Н. му е одредена мерка притвор.
Топ
Две жртви во сообраќајката на патот Радовиш-Штип, уште едно лице повредено
Две лица загинаа на лице место во сообраќајната несреќа што се случи попладнево на магистралниот пат Радовиш-Штип.
Во несреќата е повредена и сопатничката од едното возило, која е пренесена во штипската Болница.
Веста за „Макфакс“ ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, која информираше дека во несреќата учествувале автомобили „пасат“ и „опел“.
„На местото на несреќата починале возачите на двете возила, смртта ја констатирал лекар од „ЈЗУ Здравствен дом Радовиш“ а сопатничка од патничкото возило „опел” била пренесена во Медицински центар Штип“, информира Трајанова.
Увид на местото на несреќата врши јавен обвинител, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат.
Од полицијата повеќе детали за несреќата најавуваат за утре.