Топ
Вработен во ПИОМ подигал пари од пензија на почината жена

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.М.(45) од с.Вејце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Во март 2019, К.Ф.(53) од с.Вејце,тетовско, бил повикан во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и му биле побарани документи за продолжување на пензија на неговата мајка, на што тој кажал дека неговата мајка е почината во 2013 и дека не знаел дека требало да пријави во Фондот.
Исто така, од Фондот го информирале дека на име на неговата мајка од 2013 до 31.01.2018 од Фондот биле исплатени 247.836 денари, за кои кажал дека тој не ги подигнал. Притоа, од Фондот му бил издаден листинг со кој извршил проверка во Македонска пошта во Тетово, при што било утврдено дека пријавениот ги подигнал паричните средства на име на мајката на оштетениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп ги третира европските лидери како марионети во својот „куклен театар“, вели Карпович

Претседателот на САД, Доналд Трамп, гледа дека европските лидери му се целосно потчинети и се подготвени да реагираат на секој негов збор, изјави Олег Карпович, проректор на Дипломатската академија на Министерството за надворешни работи на Русија.
„Самитот во Шарм ел Шеик покажа дека Доналд Трамп е еден вид режисер на настаните – тој има свои омилени и непосакувани актери. Затоа повеќето европски лидери се обидуваат да го привлечат неговото внимание и наклонетост, но за некои тоа е веќе изгубена битка“, изјави Карпович за ТАСС.
„Постојат неколку европски политичари што му се допаѓаат на Трамп – тоа се премиерот на Унгарија и премиерот на Италија. Секако, и турскиот претседател ужива во негова наклонетост. Од друга страна, има лидери, како што се францускиот претседател, германскиот канцелар и британскиот премиер, кон кои Трамп е рамнодушен.“
Тој додаде дека Трамп многу добро знае дека ја има Европа „под палецот“.
„Затоа се однесува како мајстор на овој „куклен театар“ – може да го користи овој или оној политичар, бидејќи тие немаат друг избор освен да го слушаат“, рече Карпович.
„Ова е сегашниот модел на односи меѓу Соединетите Американски Држави и нивните европски сателити. Рамноправните односи, што поранешниот американски претседател, Џо Бајден, се обидуваше да ги негува, повеќе не постојат. Секој европски лидер добива онолку почит колку што американскиот претседател мисли дека заслужува.“
Според Карпович, современиот свет „стана лулашка што може да се преврти во секој момент“ поради политиките на одредени европски лидери.
„Неопходна е консолидација на напорите и усогласување на ставовите меѓу Русија и САД. Резервите на стабилност создадени за време на самитот во Анкориџ мора да се искористат и да доведат до одредени промени и резултати во украинската криза. Како бизнисмен, Трамп користи политички инструменти кои не се вообичаени во дипломатијата. Сите негови пристапи се земени предвид од страна на рускиот претседател и надворешнополитичкиот блок на Русија. Ова ќе ни овозможи да постигнеме напредок во решавањето на прашањата поврзани со украинската криза и да постигнеме долгорочен и целосен мир, пред сè со почитување на руските интереси“, заклучи Карпович.
Фото: принтскрин
Македонија
„Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели“ – родителите од Кочани сочувствуваат со смртта на Панчо

Здружението на граѓани „16 март“, формирано од некои од родителите и семејствата на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, изрази длабоко сочувство до семејството на пејачот Владимир Блажев-Панчо, кој почина денес, седум месеци по трагедијата.
„Со длабока тага и солзи во очите ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – Владимир Блажев-Панчо, талентиран пејач од групата ДНК, 63. жртва од пожарот во ‘Пулс’. Млад човек со сонувања и енергија што допираше срца, сега замина предвреме оставајќи празнина, која не може да се пополни“, стои во пораката.
„Вашата болка е и наша болка. Вашата загуба е и наша загуба. Ги чувствуваме секоја солза и секој празен момент што го остава оваа трагедија“, додаваат од здружението.
Во пораката стои и: „Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели дека засекогаш ќе останат во нашите срца. А ние нема да молчиме – правдата мора да дојде!“
Од здружението порачаа дека „ова не е само број – ова е живот што носеше радост и надеж“ и дека „правдата мора да се извојува – за Панчо, за секоја жртва, за секој млад живот што беше одземен“.
Македонија
Железничката станица не може да биде турбофолк-хаб, Ивановски ќе отстранува сѐ што не е во проектот од Кензо Танге

Железничката станица во најкус рок ќе биде исчистена од билборди, паноа и графити и ќе биде забрането да се поставуваат нови, а во исто време ќе почне подготовката на проекти за целосна реконструкција на објектот, за линија до аеродромот и за брза пруга на Коридорот 10. Ако сè оди според планот, Синиша Ивановски, директор на „Македонски железници – инфраструктура“, очекува изградбата да почне во текот на 2026 година, а дотогаш да се подготвуваат проектите на кои ќе работат заедно со Архитектонскиот и со Градежниот факултет.
„Ќе се направи целосна реконструкција со особен акцент на зачувување на основниот изглед, кој е направен во 1981 година по основниот проект на Кензо Танге, но со нови модерни елементи во архитектурата. Ќе има промени на инсталациите, електроинсталациите, ќе се решат греењето, ладењето, водоводот. Она што Станицата изгледа како пит-стоп на Формула 1 веќе нема да биде така. Ќе има забрана за рекламирање и какви било билборди и сè што во моментот го гледате. И за тоа нема да го чекаме проектот. Ќе почнеме веднаш. Договорите што ги имаме за закуп на рекламни паноа веќе нема да ги продолжуваме. Оние што се актуелни ќе ги замолиме компаниите за малку совесно, одговорно општествено однесување, да ги раскинеме спогодбено. Потоа ќе има промена на содржини. Железничката станица не може да биде турбофолк-хаб во државата“, рече директорот Ивановски.
Сè што не е дел од основниот проектот на Кензо Танге и во текот на годините било додадено на Транспортниот центар, директорот Ивановски вели дека ќе биде отстрането, вклучително и култниот објект за бојадисување кожа „Кенан“, кој од плоштадот беше преселен кај Железничката станица.
„Сè што е во меѓувреме доградено од првичниот проект на Железничката станица ќе биде отстрането. Во текот на годините некој тоа го легализирал, некој склучил некои договори, кои не се баш правно издржани. Секоја надградба, дали се ресторани, дали е кој било комерцијален објект кој излегува од првичниот проект, ќе биде отстранет“, вели директорот Ивановски.

Наша задача со овој проект е да направиме целосна реконструкција и рехабилитација на елементите од железницата, вели деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски
Тој очекува за пет до шест години од денес да бидат готови брзата пруга на Коридорот 10, линијата до аеродромот и целосната реконструкција на Железничката станица.
Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски, смета дека овој проект е долго задоцнет, но веќе се гледа некаков почеток.
„Објектот на Железничката станица е многу значаен и битен, меѓутоа не помалку битна е и железничката мрежа, поточно железничкиот Коридор 10, кој исто така не е во некоја добра состојба. Наша задача со овој проект е да направиме целосна реконструкција и рехабилитација на елементите од железницата, во која се јавуваат разни проблеми или санации, со кои ние ќе се занимаваме како институција од санирање и зајакнување на мостовски конструкции преку санирање и обезбедување таканаречени свлечишта, потпорни ѕидови и така натаму“, рече деканот Јосифовски.
Посебен предизвик за Архитектонскиот факултет, како што рече деканката Анета Христова-Поповска, ќе биде работата на овој проект оти тој за земјата претставува пасош за влез во европското семејство.

На оригиналните аспекти на проектот на Кезно Танге ќе додадеме и нешто ново, вели деканката на Архитектонскиот факултет, Анета Христова-Поповска
„Внимателно ќе ги преиспитаме оригиналните аспекти на проектот на дизајнот на Кензо Танге, ќе бидеме многу внимателни софистицирано да ги редизајнираме аспектите на дизајнот, но исто така да дадеме и нешто ново, што скопјани долго време го очекуваат и претставува додадена вредност на она што денес претставуваат железничките станици. Тој приклучок со брзата линија, брзите железници во Европа, е извонредна работа, го очекуваме со години, им го должиме на генерациите по нас, но исто така тоа е една наша неостварена желба, која мислиме дека со оваа интервенција што ќе се направи ќе биде еден остварен сон“, рече деканката Христова-Поповска.
Со проектирање нема да брзаат оти она што ќе биде направено директорот Ивановски вели дека треба да трае во следните 50-100 години. Проектите ќе ги работат во фази и за секоја фаза ќе ја известуваат јавноста.
Директорот Ивановски вели дека заедно со обновата на објектот, брзата пруга на Коридорот 10 и линијата до аеродромот, ќе работат и на санација на мостот на Црна Река, кој делумно се урна во 2022 година, санација на неколку свлечишта во државата, кои се проблем за железничкиот сообраќај, и ремонт на пругата Зелениково – Велес, а за која постојано добива жалби дека возовите се движат многу бавно.
Директорот Ивановски вели дека финансирањето на планираните активности е можно да биде дел од британската приказна оти стратешкото партнерство со Велика Британија предвидува работа на капитални инфраструктурни проекти, но не е исклучена и можноста да се реализираат со заем.