Топ
Поднесено обвинение против осум „трговци“ со културно наследство
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против осум лица, обвинети дека во текот на 2017 и 2018 година поединечно или заедно, за остварување на точно определени цели, без дозвола од надлежни органи, вршеле недозволени археолошки истражувања и ископувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на Р.С. Македонија. Како што се наведува, пронајдените добра неовластено ги присвојувале и прикривале, а потоа добрата неовластено ги продавале на купувачи во земјава и во странство.
„ Имено, во наведениот период на територијата на Р.С. Македонија обвинетите Р.П, А.Б. и Ж.Р., со цел стекнување на противправна имотна корист, создале група за вршење на кривични дела поврзани со недозволени археолошки истражувања и ископувања, на која припадници станале обвинетите В.М., И.Д., А.Б., Б.Д. и Ј. М.. Членовите на групата поединечно или заедно преземале криминални дејствија за остварување на точно определени цели, па така, обвинетите Р.П., А.Б., Ж.Р., В.М., Б.Д. и Ј.М. без дозвола од надлежни органи вршеле недозволени археолошки истражувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на Р.С. Македонија. Тие меѓусебно разменувале сознанија за позиционираноста на одредени археолошки локалитети и локалитети што содржат природни реткости и по пронаоѓање на истите, со неовластена употреба на метал – детектори и сонди, вршеле недозволени пребарувања. Со употреба на погодни алати, недозволено ги ископувале археолошките локалитети и локалитетите што содржат природни реткости, а пронајдените добра под привремена заштита, културни наследства и природни реткости со непроценлива вредност, сопственост на Р.С. Македонија, неовластено ги присвојувале. Потоа, добрата ги прикривале на безбедни непознати локации и во домовите на обвинетите В.М., И.Д и А.Б. до пронаоѓање на неовластени купувачи“ соопшти ОЈО.
Откако ќе биле пронајдени купувачите од земјата и од странство, обвинетите неовластено им ги продавале овие значајни добра, сопственост на државата. Купувачите добрата под привремена заштита, односно културно наследство и природните реткости со непроценлива вредност ги изнесувале надвор од државата, во странство и со тоа трајно ги отуѓиле на штета на државата.
Според Обвинителниот акт сите обвинети, тројца како организатори и петмина како припадници на групата сториле кривично дело „Злосторничко здружување“.
Во зависност од дејствијата што ги сториле, на обвинетите им се ставаат на товар кривичните дела „Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”, „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”, „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и кривично дело „Прикривање“. Карактеристично за овие групи освен што недозволено користат метал детектори, сонди и други погодни алатки за скенирање на длабочина на територијата која е цел на ископ, со себе недозволено држат и оружје, па така, дел од обвинетите сториле и кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Јенс Столтенберг: Украина се уште може да ја добие војната против Русија
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Украина се уште може да победи во војната против Русија, но дека сојузниците ќе мора повеќе да се ангажираат за Киев да ја добие поддршката што ја вети Алијансата.
Во четвртокот, на состанокот на непрофитната организација „Атлантски мост“ во Берлин, Столтенберг рече дека членките на НАТО сега треба да го претворат она што и го ветија и обврзаа на Украина во итна испорака на оружје и муниција, објави Киев Индипендент.
„Во последните месеци, членките на НАТО не ја дадоа поддршката што ја ветија“, рече Столтенберг.
Свет
Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници, пишуваат медиуми
Израел е подготвен да го ублажи барањето од Хамас и да ослободи 40 заложници во замена за привремен прекин на огнот во Појасот Газа, откако палестинската милитантна група ја одби понудата подготвена од преговарачите од Катар, Египет и САД, пишува The Times of Israel повикувајќи се на израелски портали.
Воениот кабинет на Израел сега е подготвен да прифати ослободување на само 20 заложници во првата фаза од договорот под услов жените, мажите над 50 години и тешко болните да бидат ослободени, а кабинетот во четвртокот го овласти преговарачкиот тим на Израел да разговара за повеќе флексибилен пристап со египетската делегација, која денеска во Тел Авив ќе има дополнителни разговори, објави израелската веб-страница Инет.
Неименуван висок израелски функционер подоцна изјави за веб-страницата дека Израел всушност се согласил да ослободи 33 заложници, а веб-страницата наведе дека Хамас инсистирал бројот на ослободените заложници да биде приближно 20.
Претходниот предлог вклучуваше ослободување на 40 заложници во тие категории, но Хамас рече дека нема толку многу жени, мажи над 50 години и тешко болни кои се уште се живи.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.