Топ
Расправија за пат што го користеле е причина за двојното убиство во Челопек – убиецот се обидел да го усмрти целото семејство

Обвинителството донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 59-годишен жител на Челопек, кој вчера уби две лица, а се обидел да убие уште четири од истото семејство.
Осомничениот се сретнал со оштетените кога излегле во дворот на куќата и започнал расправија за пат кој го користеле заеднички и за кој и претходно имале несогласувања.
По расправијата, осомничениот извадил пиштол кој го поседувал без дозвола и започнал да пука кон оштетените. Едниот од нив возвратил со истрели од огнено оружје за кое имал дозвола, но осомничениот ги лишил од живот двајцата оштетени – татко и син.
Потоа продолжил да пука и кон останатите четири лица нивни роднини, нанесувајќи му огнострелни повреди на еден од нив. Кога на местото пристигнале припадници на СВР Тетово осомничениот давал отпор и не сакал да се предаде, но бил совладан и лишен од слобода.
Истрагата за него е поведена за кривично дело – Убиство според член 123 став 3, а ќе одговара и за обид за убиство, како и за недозволено држење оружје. По предлог на јавен обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово определи мерка притвор во траење од 30 дена за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Несреќа на патот Велес-Градско, сообраќајот е во прекин

Поради сообраќајна незгода на регионалниот пат Р1102 Велес-Градско, кај крстоница за село Ногаевци, од 06:25 часот сообраќајот е во прекин, извести АМСМ.
На местото на несреќата се врши увид.
Свет
Португалија ја призна Палестина

Португалскиот министер за надворешни работи, Пауло Рангел, изјави дека неговата земја ја признала државата Палестина.
„Признавањето на државата Палестина е реализација на темелна, постојана линија на португалската надворешна политика“, изјави Рангел пред новинарите во седиштето на португалската мисија во Обединетите нации во Њујорк. Тој додаде дека „Португалија се залага за решение со две држави како единствен начин за праведен и траен мир, за итно примирје“.
Тој истакна дека Хамас „не може да има никаква форма на контрола во или надвор од Газа“ и повика на ослободување на сите заложници. Рангел, исто така, рече дека признавањето на државата Палестина „не ја брише хуманитарната катастрофа во Газа“.
Тој го осуди гладот и уништувањето во Газа и „проширувањето на израелските населби на Западниот Брег“. Португалија ја призна Палестина по Обединетото Кралство, Канада и Австралија.
фото: принтскрин
Европа
Русија: Украинците нападнаа одморалиште на Крим, има мртви и ранети

Украински дронови го погодија одморалиштето Форос на Крим, предизвикувајќи штета и жртви, според Сергеј Аксјонов, шефот на нелегалната окупациска влада.
Форос е луксузно одморалиште сместено во близина на летниковци на руската политичка елита. Аксјонов рече дека нападот оштетил „неколку објекти“ во одморалиштето, а исто така оштетил и блиско селско училиште. „Остатоци од соборените дронови предизвикале пожар на трева во близина на градот Јалта“, рече тој.
Во нападот загинале две лица, а 15 биле повредени, соопшти руското Министерство за одбрана. Министерството соопшти дека нападот бил извршен во 19:30 часот по московско време „користејќи дронови вооружени со високоексплозивни боеви глави“.
Каналот „Кримски винд“ на Телеграм објави дека наводно во одморалиштето престојувале „многу важни гости“. Според веб-страницата на одморалиштето Форос, ресторанот таму бил затворен во недела за „специјални служби“.
Русија нелегално го окупира Крим од 2014 година, трансформирајќи го полуостровот во силно милитаризирано упориште.
Украинските сили постојано го напаѓаат полуостровот со ракети и беспилотни летала од почетокот на војната во 2022 година. Неодамна, украинската воена разузнавачка служба (ГУР) уништи три руски хеликоптери Ми-8 и радарска станица во окупираниот Крим.
фото: принтскрин